Срамежлив раст од само 1,2 проценти покажа македонската економија во првиот квартал од 2024 година. А како до економски развој со толку слаби економски движења, во услови и на пад на индустриското производство?
Периодот на избори си го направи своето, вели Владанка Трајкоска од Организација на работодавци, која не е голем оптимист за идните текови на економијата до крајот на годината.
Блумберг Адрија ТВ
„Години наназад зборуваме дека во период кога имаме избори, шест месеци претходно и после тоа, индустријата трпи големи последици. Тоа се одбележува и со намалена побарувачка, намален извоз … Ние како стопанственици и како индустрија ги трпиме најголемите последици во овој период на избори и во овој период на неодредено работење и несигурност во индустриските движења. Треба што поскоро да почнеме со инфраструктурни промени и инвестирање бидејќи како што знаеме најголем двигател на економијата е инфраструктурата, земјоделието, инвестициите во делот на градежните објекти, што значи дека ние мора да се посветиме многу повеќе во тој дел како би можеле до крајот на годината да направиме мало придвижување“, вели Трајковска.
Извозот како приоритет
Потребата од системски реформи и реструктурирање на економијата е нешто на што алармира и бизнис секторот и стручната фела.
Обезбедување на финансиска поддршка за компаниите и создавање на услови за подобар пласман на надворешните пазари, треба да е приоритет вели Трајковска.
„Ако немаме извоз и ако немаме пласман на производите кои ги произведуваме во нашите компании тогаш секое производство и секое зголемување на цените на производите ќе доведе до само зголемување на резервите во нашите магацини“, вели таа.
Дека извозот треба да е главен фокус за развој на македонската економија, смета и Ирена Јакимовска, сопственик и управител на текстилната компанија „Комфи Ангел“ од Прилеп.
Блумберг Адрија ТВ
„Треба да изградиме таква економија којашто ќе биде базирана на брзо прилагодување на новонастанатите ситуации. Тоа е нашиот хендикеп, кај нас работите административно се одвиваат многу бавно и многу долго и сето тоа на приватниот сектор не му е додатен ветар за да може брзо да се преструктурира и прилагоди на новите економски движења. Не сите компании се спремни да бидат извозно ориентирани, а јас сум убедена дека имаме прекрасни производи во македонските компании, така што верувам дека идните државни институции ќе им помогнат на компаниите коишто произведуваат добар производ да можат да го пласираат на западноевропските земји. Дефинитивно ни треба зголемување на процентот на извоз“, вели таа.
Коментирајќи ги состојбите во текстилната индустрија на пример, Јакимовска вели дека најголем проблем за компаниите беше што предолго време се задржаа на лон-производството. Поради неконкурентност голем дел од странските нарачки се префрлија во други земји.
А за зголемено производство неопходно е преструктуирање на компаниите, но и системска поддршка, вели таа.
Блумберг Адрија ТВ
„Компаниите кои благовремено се трансформираа во сопствено производство имаат стабилен извоз, дури и зголемена побарувачка од нашите купувачи. Времето не може да се врати, но капиталот секогаш ќе си го најде својот излез ако се преструктурира. На мое големо задоволство, во последно време нашиот простор се појавија многу млади креатори коишто знаат дека својата креативност во креирање на облеката ќе им донесе дополнителна можност за развивање и знам дека истите тие млади ќе сакаат производството да биде во Македонија и на тој начин ние ќе добиеме сопствен македонски производ со зголемена додатна вредност и ќе извезуваме македонски производ. На жалост ние во Македонија веќе долго време немаме базна индустрија и сме увозно зависни од истата, па ќе мора да се фокусираме на нејзино надоградување. Тогаш би била додадената вредност далеку поголема, а со тоа и извозната вредност и приходите на компаниите“, вели Јакимовска.
Инвестиции во младите
А развој на компаниите и поголемо домашно производство е невозможно без стручен кадар.
„Она што на што треба да внимаваме и што е особено значајно е дека светот нас денес не гледа како ресурс за евтина работна сила, нашите млади луѓе се многу интелигентни и паметни и инвестираат во своето знаење, меѓутоа истото не го искористуваат за потенцијалите на оваа држава туку за потенцијалите на некои економии кои знаат да го ценат трудот на младите луѓе и од таа причина можеби и инвестирањето во младите луѓе кои ќе ја сакаат оваа држава и кои ќе сакаат да вложат во економијата на оваа држава е многу позначајно во наредниот период. Само со добра стратегија добар начин на вложување во соодветни дејности и соодветни образовни програми, ќе имаме млади луѓе и економија којашто ќе одговори токму на потребите и потенцијалите на оваа држава“, вели Трајковска.
На иста линија со неа е и Јакимовска, која вели дека не смее главната конкурентна предност на компаниите да биде евтината работна сила.
Текстилната индустрија низ годините се повеќе ја губи атрактивноста кај младите кадри, а за да се задржат треба да се подигне животниот стандард, вели таа.
Блумберг Адрија ТВ
„Единствен начин да се бориме да го стопираме процесот на одливот на кадри е да го опфатиме целокупниот процес на што е тоа животен стандард. Не е животен стандард само колку вие приход добивате за трудот, туку и колку со тој надомест што вие можете да купите, колку сте среќни на работното место, дали имате сигурност, но на жалост не може да се пофалиме во Македонија дека и како работодавци и како институции се грижиме за нашите работници. Јас велам, сиромашни се оние компании коишто работат само за чист профит. Но, ме радува што денес имаме нови практики, имаме компании кои мора да се грижат за нивниот еколошкиот и социјален импакт. Сите овие промени кои интензивно се случуваат во компаниите во Европа, сакале или не ќе се претопат и кај нас, бидејќи за ги задоволиме потребите на нашите клиенти мора да ги задоволиме одредени стандарди на работа и на нашиот пазар“, вели Јакимовска.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...