Промена на здравствената политика е неопходна за развој на приватното и подобрување на услугите во јавното здравство. Иако 90 проценти од граѓаните имаат социјално здравство, 42 проценти од нив ги користат услугите од приватното здравство, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ професор д-р Виктор Камнар од „Аџибадем Систина“.
„Само еднаш во последните 25 години е направена промена на придонесите во здравството односно тие воопшто не се сменети, а сведоци сме дека имаме раст на цените во секој поглед, цените на материјалите, струја, вода итн. и сите тие работи ги зголемуваат потребите за да се развие еден здравствен систем“.
Според него, во последните години се забележува развој на два посебни система приватен и јавен, што треба да се интегрираат во еден систем и да се искористат сите придобивки од приватното здравство.
Виктор Камнар (ТВ гостување)
Bloomberg Adria
„Благодарение на инвестициите коишто ги прави приватното здравство, придонесе да се покријат сите потреби на здравствениот систем, од дијагностика до комплетно лекување на пациентите. Овој развиен систем треба да се интегрира во јавниот сектор. Се разбира дека тоа е процес којшто не може да се направи од денес за утре треба да биде добро испланиран“, вели Камнар.
Основниот проблем е што и покрај плаќањата за здравствено осигурување кои одат во социјалната каса, пациентите се одлучуваат да го одберат приватното здравство и услугата да ја платат од сопствениот буџет, посочува тој.
„Податоците на приватните болници говорат дека над 30 проценти од младата популација до 50 години, се лекуваат во приватните болници, користејќи го приватното здравствено осигурување. Треба да им се даде шанса на граѓаните коишто плаќаат во фондот да можат да ги искористат парите коишто ги даваат каде сакаат“.
Здравствениот систем во последните години бележи одлив на кадар особено во јавниот сектор. За разлика од јавниот, во приватниот сектор мал е бројот на кадри коишто заминуваат, посочува соговорникот.
„Она коешто е стратегија на приватното здравство е да создава сопствен кадар во наредниот период и мислам дека е на добар пат пред сè заради тоа што најголем дел на докторите коишто претходно работеа во државниот сектор, а беа дел на наставно научниот кадар на медицинските факултети, продолжуваат со истите активности паралелно и на тој начин овозможуваат создавање на сопствен кадар“, вели Камнар.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...