На македонскиот пазар за широка потрошувачка има 1,46 милион активни потрошувачи, кои остваруваат вкупен промет во секторот „храна, пијалаци и тутун“ од 1,91 милијарда евра. Во првата половина од годинава приватната потрошувачка бележи низок раст од 2,8 проценти, а очекувањата се дека до крајот на годинава ќе има умерено зголемување на приватната потрошувачка, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Сергеј Зафироски, генерален менаџер во „Инсајдер ИД“
„Ние на почетокот од годината селектиравме дека инфлацијата ќе продолжи со поголем интензитет и во првите осум месеци проектиравме некој раст помеѓу 10 и 12 отсто, но сметаме дека до крајот на годината ќе се забрза приватната потрошувачка и дека ќе оствари раст помеѓу седум и десет проценти номинален раст во текот на 2024 година. Следната година ќе биде интересна година бидејќи се очекува намалување на каматните стапки од страна на централните банки, а доколку се случи тоа, можеме да очекуваме инвестиции што компаниите не ги реализирале претходно“, вели Зафироски.
На домашните компании им недостигаат иновативност и напредна дигитализација за да бидат поконкурентни на регионалните пазари.
„Дигитализацијата се зборува како тема 20 години, во светот се имплементираат веќе напредни технологии, додека ние сè уште зборуваме за имплементација на веб-страници или основни решенија, кои развиениот свет ги има од многу одамна. Инвестициите во дигитализација и иновативност се неопходни ако сакаме да конкурираме со пазарите во регионот“, вели Зафироски.
На пазарот во моментот работат осум национални синџири на маркети, од кои три се тврди дисконти и пет се класични синџири. Влезот на нови играчи на пазарот, како што е „Лидл“, од една страна ќе донесе свежина на пазарот, а од друга ќе ги стимулира домашните компании да применуваат нови иновативни решенија за да ја зголемат конкурентноста.
„Со влезот на 'Лидл' на пазарот, домашните компании ќе треба да направат измени во работењето за да може да останат конкурентни и да ги задржат потрошувачите. Од друга страна, ќе се зголеми бројот на компании производители и дистрибутери што ќе сакаат нивните производи да се најдат во германскиот синџир на маркети. На краток рок ова може да предизвика удар врз локалните маркети“, вели Зафироски.
Вкупниот промет што е остварен од националните синџири во 2024 година се очекува да изнесува приближно 1,15 милијарда евра, од кои 713 милиони би биле генерирани од тврдите дисконти, додека преостанатите 439 милиони евра од класичните синџири на маркети.