Во јуни годинава, првиот хрватски сателит „Крокјуб“ треба да полета во вселената. Иницијаторка и носителка на тој пионерски хрватски вселенски проект е Даниела Јовиќ, Словакинка што се преселила во Хрватска поради љубовта кон астрономијата.
„Крокјуб“ е наносателит опремен со камера и со технолошки експеримент „Астротрон 1000“. Неговата мисија е да ја фотографира површината на Земјата од височина од 550 километри, а ќе има и сензор за мерење бучава и светлина.
Јовиќ, која е оперативна директорка на „Спејсманик“ (Spacemanic), ја доби идејата откако лансирањето на сличен словачки сателит во 2017 година го поттикна економскиот развој. „Се отворија компании, се отворија нови работни места и мислам дека токму тоа ѝ треба на Хрватска“, нагласува Јовиќ.