Повозрасните граѓани од земјите во регионот Адрија сигурно паметат дека во поранешна Југославија беше сосема нормално во едно семејство да има повеќе од две или три деца. Во 70-тите и 80-тите години од минатиот век младите на овие простори често стапуваа во брак во нивните рани дваесетти години и основањето семејство за многумина беше поважно отколку кариерата. Меѓутоа, денес состојбата е драстично сменета. Од година на година расте просечната возрасна граница на лицата што првпат влегуваат во брачна заедница, а се зголемува и просечната возраст на жените што првпат стануваат родилки. Тоа е една од главните причини за намалување на наталитетот во регионот, но и за зголемување на неплодноста кај машката и женската популација, која веќе добива епидемиолошки размери. Процените покажуваат дека една на секои пет-шест брачни двојки, во зависност од земјата, се мачи со неплодност и не може да зачне дете по природен пат. Освен емоционални семејни трауми поради неможноста да се создаде семејство, овој тренд носи сериозни демографски и економски предизвици со оглед на тоа што се јавува хроничен недостиг од работна сила.
Среќа во несреќа е што напредокот на медицината дозволува повеќе начини за оплодување, кои овозможуваат значително поместување на старосните граници за формирање семејство. Тоа чини пари и овозможува развој на цела индустрија, која во светски рамки веќе врти милијарди долари. Глобалниот пазар на услуги за справување со неплодност се очекува да се зголеми од 35 милијарди американски долари во 2023 година на повеќе од 70 милијарди американски долари во 2033 година. Истражувавме каква е моменталната состојба во регионот Адрија кога станува збор за овој вид услуги и какви се перспективите за понатамошен развој. Меѓу другото, откривме дека и на овие простори се можни вистински чуда на медицината и дека постои голем простор за развој на таканаречениот медицински туризам.
Неплодноста не избира род и нација
Прочитај повеќе
Младите не се враќаат во Македонија ни за поголема плата
Младите луѓе имаат потреба од добар систем за живеење, па можностите ги бараат во друга земја.
26.09.2024
Осудена ли е Македонија на пораз во трката по работници со ЕУ?
Работодавците од нашата и од европските земји се мачат да најдат работници.
17.09.2024
Во базенот невработени нема лица кои им требаат на македонските фирми
Според евиденцијата на Агенцијата за вработување заклучно со 31 јули во земјава имало 98.976 невработени
04.09.2024
За пет години „исчезнаа“ 165.000 лица од активното население во Македонија
Поради иселувањата и намалениот наталитет станува извесно дека во иднина во Македонија буквално нема да има кој да работи.
24.07.2024
Данок на иселувањето: За 30 години ќе се изедначи бројот на работници и пензионери
Според ДЗС во првиот квартал од годинава како вработени биле евидентирани 687 351 лица
14.06.2024
Претставниците од стручната фела во сите земји од регионот со кои разговаравме констатираат дека има пораст на неплодноста. Доцент д-р Митко Ивановски, гинеколог-акушер и шеф на Одделот за асистирана репродукција во клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Македонија, вели дека инфертилитетот генерално гледано е во пораст во целиот свет и претставува многу важен проблем на современата хумана репродукција. Според него, инциденцата на инфертилитетот во светот е помеѓу 10 и 16 проценти. Притоа кај околу 40 проценти од случаите причината е кај мажот, приближно ист дел отпаѓа на жената, а кај околу 20 проценти од случаите репродуктивните проблеми се општи, со нарушувања на нормалната состојба и кај двата партнера.
„Во различни региони се среќаваат значителни разлики во инциденцата на инфертилитетот. Оптималната фертилност кај жената е помеѓу 20 и 25 година. До значително намалување во фертилитетот, односно до пораст на инфертилитетот, доаѓа по 35-та односно 38-та година од животот на жената. Кај двата пола репродукцијата манифестно опаѓа над 40-та година од животот“, посочува Ивановски.
Се смета дека во Македонија инциденцата на инфертилитетот е поголема од 16 проценти, односно дека секој шести пар има проблеми со плодноста, информира Ивановски. Тој наведува дека како најчести проблеми се јавуваат мултифакторијалниот инфертилитет, зголемената инциденца на секундарен инфертилитет и високата инциденца на машкиот стерилитет.
Во Хрватска, пак, процените се дека секој петти пар се бори со некој вид неплодност и тој број се зголемува. Главна причина за овој тренд е свесното одложување на родителството до позрела возраст кога плодноста природно опаѓа.
„Најчесто, кога ни доаѓаат парови со проблем, причината е 1/3 кај мажот, 1/3 кај жената, а остатокот од непозната причина. Кај мажите постојат многу фактори што можат да влијаат на квалитетот на спермата и со тоа да предизвикаат неплодност кај парот. Кај жените најчесто е проблем со овулацијата, која најчесто е предизвикана од синдромот на полицистични јајници. Други обрасци на неплодност кај жените вклучуваат ендометриоза и опструкција на едниот или двата јајцевода“, објаснува д-р Петар Пољак од приватната поликлиника „Цито“ (Cito).
Кога треба да се посомневаме во неплодностДоцент д-р Митко Ивановски, гинеколог-акушер и шеф на Одделот за асистирана репродукција во клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Македонија, објаснува дека денес можеме да се сомневаме на неплодност и дека парот треба да почне со испитувања и лекување, ако покрај редовни полови односи и без употреба на контрацепциски средства не дојде до бременост во период од 18 месеци. „Кај мажите и жените во позрела возраст испитувањето почнува веќе по шест месеци. Оптимален број на коитуси е четири неделно, а бројот на концепции опаѓа над шест и под три неделно. Кај 85 проценти од паровите до концепција доаѓа во текот на една година, а кај околу 10 проценти парови нема бременост ни по три години“, вели Ивановски. |
За да се долови проблемот со неплодноста во Словенија доволно е да се погледне извештајот на Европското здружение за репродуктивна медицина и ембриологија според кој во 2018 година 6,3 проценти од сите новороденчиња во Словенија биле зачнати преку биомедицинско потпомогнато оплодување, а само Шпанија и Австрија имале поголем удел.
Маријана Аризановиќ, координаторка на центарот за ин витро фертилизација „Здружение Шанса за родителство“ во Србија вели дека прагот за раѓање на првото дете одамна е поместен во подоцнежна возраст, па поради побрзиот начин и самите услови за живеење, жените често се трудат да ја остварат првата бременост дури по 40-та година.
„Не е познат бројот на лица што се лекуваат, сѐ уште се потпираме на европската статистика, која вели дека секој шести пар има проблем со неплодност. Она што е важно е дека во завршна фаза е националниот регистар за ин витро оплодување, кој всушност ќе ја покаже вистинската слика за ин витро оплодувањето кај нас“, вели Аризановиќ.
Се претпоставува дека во Босна и Херцеговина (БиХ) околу 20 проценти од паровите имаат делумен или целосен проблем со забременување по природен пат. Елдар Мехмедбашиќ, специјалист по гинекологија и акушерство од Одделот за гинекологија, перинатологија и неплодност, потврдува дека сѐ повеќе парови се обраќаат кон медицинските центри што се занимаваат со проблемот на дијагностицирање и лекување неплодност. Покрај тоа што се зголемува потребата за биомедицинско потпомогнато оплодување (БМПО), важно е да се знае дека развојот на науката и практиката нуди сè поповолни решенија за пациентите, па логично е да се заклучи дека на пазарот во Босна и Херцеговина ќе има тренд на зголемување на услугите во областа на БМПО.
„Бројките покажуваат дека има зголемен број парови што доаѓаат во центрите за ин витро фертилизација поради проблеми со неплодност. Босна и Херцеговина ги следи светските трендови во таа смисла. Специфичноста на областа БиХ е тоа што ова поле на науката се развива бавно во споредба со Европа, па пациентите не добиваат стручна помош или релативно доцна се јавуваат во центрите, што го отежнува решавањето на проблемот“, вели Мехмедбашиќ.
Тој укажува дека најчести причини за неплодност се возраста на партнерот, полицистични јајници, ендометриоза, хронични инфламаторни заболувања на карличните органи, но и супплодната сперма кај мажите. Наведената патологија во комбинација со дебелина, автоимуни заболувања на тироидната жлезда и други проблеми од областа на интерната медицина, заедно со нездравиот начин на живот, кој е поврзан со начинот на живот на мнозинството граѓани што живеат во земјите во развој, дополнително може да предизвика проблеми со неплодност. Уште една од причините за неплодност е занемарувањето на репродуктивното здравје на млада возраст. Иако мажите сѐ почесто се мачат со неплодност, експертите предупредуваат и дека предвременото губење на функцијата на јајчниците е сѐ почеста појава кај младите жени.
Од болницата по гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“ во Македонија се надоврзуваат дека причини за неплодност има многу, но и дека седечкиот начин на живот и лошите навики како пушењето, консумирањето алкохол и дрога имаат огромно влијание. Оттаму посочуваат некои професии што се поризични во однос на појавата на неплодност – оние што вклучуваат работа со гасови и различни испарувања од бои, лакови, бензин и слично, како и професионални шофери.
„Дебелината е значаен фактор за неплодност, а во текот на лекувањето таа придонесува за послаби резултати и поголеми ризици“, велат од болницата „Д-р Органџиски“.
Државна поддршкаВо сите земји од регионот Адрија има некаков вид државна помош за биомедицинско потпомогнато оплодување, која е регулирана со посебни закони и правилници. Помошта се разликува од земја до земја, но главно опфаќа повеќе обиди за забременување. Во повеќето земји фондовите за здравствено осигурување склучуваат договори со државни и/или приватни медицински установи што нудат таков вид услуги и помошта ја распределуваат по строго пропишани процедури. Помошта е повеќе од оправдана ако се земат предвид економските последици од намалувањето на наталитетот, но и финансиските и емоционалните тегоби со кои се оптоварени двојките што сакаат, а не можат да зачнат дете по природен пат. „Кај популација со негативен прираст и процес на стареење на популацијата организацијата на лекување на неплодните парови е од извонреден општествен интерес. Неплодноста е секако и интимен проблем на парот, кој несомнено влијае на нивниот заеднички живот“, вели д-р Ивановски. Во моментов Фондот за здравствено осигурување во Македонија (ФЗОРСМ) има склучено договори со осум здравствени установи (една државна и седум приватни) што даваат услуги од оваа област и ги покрива трошоците до три обиди за прво дете, три обиди за второ дете и три обиди за трето дете. „Во постапка е промена на ова правило и би рекол покоректно одобрување на биомедицинско потпомогнато оплодување до шест пати на товар на ФЗО“, вели Ивановски. Лани ФЗОРСМ имал расходи од околу 1,5 милион евра по основ на надоместоци за ин витро процедури. Од Министерството за здравство во Хрватска информираат дека во рамките на Законот за медицинско потпомогнато оплодување, Владата овозможува жените до 42-годишна возраст да имаат право на медицинско потпомогнато оплодување на сметка на Хрватскиот завод за здравствено осигурување (ХЗЗО). Оттаму додаваат дека иако во законот е поставена возрасна граница, лекарот што ја врши постапката на медицинско потпомогнато оплодување, од особено оправдани здравствени причини, може да им додели право на медицинско потпомогнато оплодување на жени по 42-годишна возраст. Третманот на неплодност со процедура на медицинско потпомогнато оплодување на сметка на ХЗЗО опфаќа: четири обиди за интраутерина инсеминација (ИУИ), шест обиди за ин витро оплодување (ИВФ), со обврска два обида да бидат во природен циклус, додека цената на постапките е дефинирана со Одлуката за основа на склучување договор за спроведување здравствена заштита од задолжително здравствено осигурување. Исто така, ХЗЗО ги презема трошоците за сите трансфери на ембриони на претходно замрзнати ембриони, без разлика на бројот на циклуси, а сите лекови достапни за МПО им се достапни на жените во дози што им се потребни. Во моментов во Република Хрватска се регистрирани 18 установи за МПО. Од вкупно 18, девет се јавни, а девет приватни здравствени установи што даваат услуги на МПО. Во Србија во случај на ин витро оплодување со сопствени репродуктивни клетки, Републичкиот фонд за здравствено осигурување (РФЗО) финансира неограничен број стимулирани обиди за ин витро оплодување и неограничен број процедури со замрзнати ембриони за првото дете. Паровите со едно дете имаат право на два стимулирани обиди и три криоембрио-префрлања. Кога станува збор за ин витро оплодување со донирани репродуктивни клетки, РФЗО финансира три стимулирани обиди и три криомбриотрансфери, исто така со право на замрзнување ембриони. Според прописите на Министерството за здравство, жените до 45 години можат да аплицираат за ин витро оплодување со дониран материјал, а нема старосна граница за машкиот партнер. Во Словенија огромното мнозинство неплодни двојки се третираат во рамките на јавната мрежа, бидејќи државата целосно ги покрива трошоците за шест процедури за третман со помош на биомедицинско потпомогнато оплодување (БМПО), вклучувајќи ги сите процедури за замрзнување и трансфер на ембриони. Словенечкиот закон за БМПО пропишува дека процедурите се спроведуваат во рамките на јавната здравствена мрежа. Огромното мнозинство од сите извршени процедури на биомедицинско потпомогнато оплодување се вршат во три државни центри - УКЦ Марибор, УКЦ Љубљана и болницата „Постојна“. Во Словенија има уште еден центар - здравствениот дом „Дравље“, кој во моментов врши само постапки со плаќање. Во последните две години Федерацијата Босна и Херцеговина има централизирана политика на финансирање парови што се здравствено осигурени, а од 2018 година и Закон за БМПО. Кога станува збор за Република Српска, таа има сопствен систем за финансирање на пациентите осигурени во РС и процесите се регулирани со одредени законски акти, а округот Брчко има и посебен буџет за финансирање на лекувањето неплодност. Владата на Федерацијата БиХ од почетокот на 2023 година на сите парови на територијата на ФБиХ им гарантира еднаков пристап до овие услуги. Сојузното Министерство за здравство информира дека законската регулатива се фокусира на хомологно оплодување со користење сопствени гамети на брачни или вонбрачни партнери. Хетерологно ѓубрење или оплодување со дониран материјал не е дозволено со закон. Треба да се нагласи дека законот предвидува биомедицинско потпомогнатото оплодување да се врши со интраутерина инсеминација (IUI), ин витро оплодување (IVF), интрацитоплазматска микроинјекција на сперма (ICSI), потоа складирање гамети, гаметни ткива и ембриони, трансфер на гамети или ембриони во фалопиевата туба и предимплантациска генетска дијагностика. Право на третман со биомедицинско потпомогнато оплодување, по правило, имаат жени до 42 години што се во брак или живеат во заеднички живот со три обиди за интраутерина инсеминација, во согласност со медицински индикации и упатства, и пет обиди за екстракорпорално оплодување на сметка на оплодувањето на ФБиХ. По предлог на стручниот совет на здравствената установа согласност за биомедицинско потпомогнато оплодување може да добијат и жени по 42 години. Кога станува збор за средствата од буџетот на ФБиХ во 2023 година, за финансирање на процедурите за БМПО беа издвоени околу пет милиони евра. Како што ни рекоа од Министерството, не е потрошена целата наведена сума. Годинава повторно е издвоена иста сума, која се смета за доволна во однос на обемот на поднесените барања. Фондот за здравствено осигурување на РС финансира три обиди за ин витро оплодување за парови што не можат да имаат потомство. Целосно се финансираат три процедури за ин витро оплодување за жени до 40 години, а за жени од 40 до 42 години Фондот финансира 50 отсто од трошоците. За жените што се постари од 42 години, доколку родат дете по пат на ин витро, Фондот целосно ги надоместува трошоците, во согласност со неговиот ценовник. Постапката за ин витро оплодување се спроведува во договорна здравствена установа во Република Српска, „Медико С“, а доколку постапката за ин витро не може да се спроведе во институција што има договор со ФЗО РС, по предлог на договорната установа, паровите можат да ја извршат процедурата за ин витро оплодување во една од здравствените установи во странство, а Фондот потоа им ги надоместува трошоците во согласност со ценовникот од БиХ. |
Колку чини оплодувањето?
Невозможно е да се даде прецизна сума за трошоците потребни за медицинско потпомогнато оплодување бидејќи станува збор за индивидуални случаи со различни медицински процедури, а средствата многу варираат и во зависност од лековите што се применуваат при терапијата. Во повеќето земји од регионот фондовите за здравствено осигурување имаат дефинирано ценовници за различни процедури, но кога станува збор за приватно лекување цените се разликуваат во зависност од установата и од видот на услугата.
Од болницата „Д-р Органџиски“ велат дека основната цена на овој вид услуга е околу 2.000 евра плус потрошени ампули, чие количество не може да се предвиди однапред.
„Цената зависи и од бројот на антрални фоликули, хормонскиот статус, тежината на пациентката и нејзината реакција на терапијата. Оваа цена вклучува прегледи од моментот кога пациентите се ставени во програмата, хормонски анализи, пункција на јајце клетки, оплодување, следење на развиените ембриони и ембриотрансфер“, велат од болницата.
Слични се сумите и во Хрватска. Од поликлиниката „Бетаплус“ посочуваат дека една процедура во просек чини околу 2.000 евра, но лековите дополнително се купуваат во аптеките.
„Со ХЗЗО имаме договор за ограничен број процедури ИВФ/ИЦСИ“, објаснува д-р Кристина Белак од поликлиниката „Бетаплус“.
Од поликлиниката „Цито“, која нема договор со ХЗЗО, исто така велат дека цената на самата процедура на вонтелесно оплодување зависи од многу фактори, како што се количеството на лекови што се користат во стимулацијата и кои методи се користат во ембриолошката лабораторија.
„Така што самите цени варираат, обично помеѓу 1.500 и 2.500 евра“, објаснува д-р Пољак.
За ин витро оплодување во ФБиХ потребно е да се издвојат минимум околу 2.000 евра, а во таа цена не се вклучени лековите и можните третмани што треба да се направат пред самата процедура. Кога ќе се соберат сите трошоци, во некои случаи е потребно да се издвојат и до 5.000 евра.
Во Словенија цените на асистирана репродукција за пациентите што сами си плаќаат се движат од околу 2.000 до 4.000 евра по процедура. Цената зависи од видот на процедурата (на пр. ИВФ, ИЦСИ) и дополнителни услуги, како што се замрзнување ембриони, генетски тестови или употреба на дониран материјал.
Маријана Аризановиќ од „Здружение Шанса за родителство“ во Србија исто така вели дека цената на процедурата за ин витро оплодување обично зависи од количеството на употребените лекови, кои се најскапата ставка во целиот процес.
„Сумата варира од 4.000 до 7.000 евра во зависност од методот на лекување, доколку станува збор за ин витро оплодување со дониран репродуктивен материјал, поради самата природа на добивање на материјалот, особено женските репродуктивни клетки, таа цена може да оди само повисоко“, вели Аризанковиќ.
На прашањето дали е поевтино оплодувањето да се прави во Србија или во друга земја и која варијанта почесто ја избираат паровите, таа вели дека секогаш е поевтино да се прават процедурите во матичната земја, затоа што трошоците за превоз, сместување и придружните трошоци се помали.
„Сите што можат и ги исполнуваат условите за тоа, процедурите ги прават на сметка на државата, а оние што не можат се одлучуваат за Чешка, Грција или Македонија, а помал број се упатуваат во Словачка и Турција. Најчесто правиме што треба, поточно сѐ што треба за да дојдеме до бебе, па ако немаме решение и не можеме да направиме одредени процедури кај нас, тогаш бараме други опции“, вели Аризановиќ.
Приватни или државни клиники?
Со оглед на тоа што ваков вид услуги даваат и државни и приватни здравствени установи, се наметнува прашањето каква е конкуренцијата во овој сектор односно дали двојките почесто го избираат државното или приватното здравство. Интересен одговор доаѓа од поликлиниката „Бетаплус“ во Хрватска.
„Приватните клиники често се помали, што на паровите им дава чувство на топлина и припадност кон институцијата во која се лекуваат. Атмосферата е поинтимна и паровите имаат чувство на поголема приватност, што развива висок степен на доверба помеѓу парот и институцијата“, велат од поликлиниката.
Оттаму посочуваат и дека помалите тимови во приватните поликлиники успеваат да постигнат индивидуализиран пристап во лекувањето, што неминовно влијае на успешноста на процедурите.
Со нив се согласува и д-р Пољак од поликлиниката „Цито“, кој посочува дека паровите често избираат приватни клиники поради побрзиот пристап, пократкото време на чекање и поиндивидуализираниот пристап. Многу приватни клиники нудат понапредна технологија и методи, што може да резултира со повисоки стапки на успех, но тоа варира од клиника до клиника.
„Политиката во Хрватска го поддржува медицинско потпомогнатото оплодување преку законски рамки, но има ограничувања во однос на бројот на процедури и достапноста на донори, што понекогаш го отежнува пристапот на паровите до потребните услуги“, објаснува Пољак.
Словенечкиот систем за третман на неплодност во рамките на јавната мрежа значително се разликува од често комерцијално ориентираниот приватен сектор.
„Недостаток на словенечкиот систем е главно бавноста на процедурите поради долгите листи на чекање и ригидноста на јавниот здравствен систем во однос на приспособувањето на потребите на пациентите“, ни рекоа во болницата во Марибор.
Пациентите често сакаат повеќе време за разговор и поиндивидуален пристап, што јавниот систем не може да го обезбеди. Во приватните центри персоналот секогаш им посветува доволно време на пациентите и е многу љубезен кон нив бидејќи пациентите се нивни клиенти од кои зависи опстанокот на центарот. Со оглед на тоа што на пациентите им е тешко да ја проценат стручноста на центрите, често ги оценуваат според нивната љубезност и според тоа колку нови и напредни методи нудат.
Аризанковиќ, од друга страна, вели дека според искуствата во нивното здружение, во Србија речиси е еднаков бројот на луѓе што одат во приватна или државна институција.
„Едноставно, нашиот народ избира лекар, а не институција. Всушност, тие одат во институција поради одреден лекар. Подобрите услови е тешко да се коментираат бидејќи ’доброто’ е дискутабилна категорија. Ставот на пациентите кон клиниките и лекарите е многу индивидуален. За некого е поважно да се види одреден лекар, без разлика дали работи во државна институција или во приватна ординација, за друг е важен понежниот пристап, помодерниот ентериер, кој носи поубава енергија... Она што советуваме е дека е важно да се чувствуваат безбедно и да му веруваат на својот лекар, секогаш да бараат одговори на прашањата бидејќи тоа ќе го намали и психолошкиот притисок“, посочува Аризанковиќ.
Донори се избираат по бојата на очите, косата и висината
Како што веќе напоменавме, во некои од земјите од регионот е можно спроведување процедури за медицинско потпомогнато оплодување со донорски материјали од странство, а во некои нема ваква можност.
Во Македонија главно се увезуваат донорски материјали од Данска и од Украина.
„Во нашата болница се работи биопотпомогнато оплодување со донорски материјали според утврдените законски прописи. Во моментов работиме со донорска сперма од Данска и донорски ооцити од Украина“, информираат од „Аџибадем Систина“.
Од болницата „Д-р Органџиски“ исто така велат дека за алогенеично БПО донирани сперматозоиди набавуваат од Европската банка за сперма од Данска, а јајце-клетки од „Овоген“ (Ovogene) од Украина.
„Цената зависи од концентрацијата на сперматозоидите односно од бројот на јајце-клетки. Сите донори се тестирани и здрави. Изборот се прави на основа на крвните групи и фенотипските карактеристики - боја на очи, коса, висина. Во нашата држава е дозволен увоз само на материјал од еден донор за еден пациент, на што особено се внимава од страна на сите центри за ин витро. Пациентите имаат можност да изберат дали сакаат да видат или не слика од донорот“, велат од болницата „Д-р Органџиски“.
Од болницата укажуваат дека интерес за дониран материјал има, но има и пациенти што не се подготвени за таков чекор и ја одбиваат таа можност.
„Тоа почесто се однесува на мажите, пациентките вообичаено сакаат да дојдат до свое дете и полесно го надминуваат моментот дека генетскиот материјал е од друга жена“, велат од болницата.
Оттаму додаваат дека постои можност за донирање јајце-клетки од познат донор, при што донорот покрај стандардните испитувања треба да направи дополнителни испитувања како бета-таласемија, цистична фиброза и кариотип.
Аризанковиќ информира дека кога станува збор за донирање репродуктивен материјал, Србија има склучено договори со банки од Данска, Чешка и Шпанија, а договорено е цените да вклучуваат транспорт и некои други административни процедури. Државата за секој увоз издвојува по неколку илјади евра.
„Мора да напоменам дека користењето донирани материјали е многу повеќе од одлука, често е единствениот начин луѓето да добијат бебе. Тоа е проблем што не е лесно да се прифати, но секогаш нагласуваме дека е сурово да се избира помеѓу генетиката и единствената шанса да се стане родител. Многу двојки што станаа родители со процедура за донација на сперма и јајце-клетка, кои јавно се огласија, ја споделија својата приказна и ја шират понатаму преку каналите на нашето здружение, се дел од зајакнувањето и помошта за оние што се соочија со фактот дека немаат свој репродуктивен материјал. Тоа е еден од најважните проекти на кои се засноваме - да ги едуцираме и информираме луѓето навреме и, уште поважно, да ги поттикнеме да ја искористат нивната шанса за родителство“, вели Аризанковиќ.
Од Хрватското здружение за гинеколошка ендокринологија и хумана репродукција (HDGEHR) и Хрватското здружение на клинички ембриолози (HDKE) забележуваат дека донации на гамети, односно сперматозоиди и јајце-клетки, се дозволени според Законот за МПО, но не е изразена потребата од модел на составот на донациите и увозот. Од друга страна, од хрватските клиники велат дека нема практична можност за увоз на донорски материјал.
„Во согласност со хрватскиот закон за медицинско потпомогнато оплодување, дозволено е дарување гамети, но не е создадена банка за гамети, што ја прави процедурата невозможна во практика“, објаснува докторката Романа Дмитровиќ од „Бетаплус“.
Колку што знам, коментира Пољак, ниту една клиника во Хрватска не работи со донирани материјали. Повеќето парови, во случај на потреба од донација, се одлучуваат за други земји од ЕУ, а најчест избор е Чешка.
Во Словенија исто така не е можно да се увезуваат гамети од други земји (на пр. од големи биобанки во странство). Па, затоа на лекување во странство од Словенија претежно одат парови на кои им требаат донирани јајце-клетки. Донацијата на клетки е законски дозволена во Словенија, но донорите не се платени, па донорите на јајце-клетки се малку поради бараните медицински процедури и жените ретко се одлучуваат да донираат. Затоа, листите на чекање за процедури со донирани јајце-клетки во Словенија се многу долги. Има малку повеќе донори на сперма, но и овде се чека подолго отколку кај другите неплодни парови.
Во другите земји се обесштетуваат машките и женските дарители, па има клиники со доволен број јајце-клетки. Од Словенија на ваков третман најчесто одат во Чешка или во Словачка. Кога пациент од Словенија ќе добие одобрение од Државната комисија за БМПО за процедура со донирани јајце-клетки (на пример, поради предвремено откажување на јајчниците), трошоците за лекување со донирани јајце-клетки во странство подоцна се надоместуваат од неговото осигурување. Во некои земји во странство нудат и донирани ембриони за плаќање, што словенечкиот закон не го дозволува. Осигурувањето не ги покрива трошоците за парови што ќе се одлучат за дониран ембрион.
Можност за развој на „медицински туризам“
Со оглед на тоа што поголемиот дел европски земји исто така се борат со неплодноста како болест на модерното живеење, а истовремено има и разлики во цените на овие услуги во однос на земјите од регионот, се наметнува прашањето колку странците ги користат услугите за медицинско потпомогнато оплодување на клиниките во регионот Адрија и дали постои можност за развој на т.н. медицински туризам.
Од македонските клиники велат дека имаат многу пациенти од странство.
„Во нашата клиника имаме пациенти/клиенти од земјите што нѐ опкружуваат (Србија, Хрватска, Албанија, Косово), како и пошироко, од повеќе земји од Европа, Англија, САД. Примарна причина се успехот и позитивните резултати, што доведува до препорака од задоволни пациентки што оствариле бременост во нашата болница. Исто така и можноста за донорски програми, која ја нудиме според Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО) и законските прописи за лимитот на возраста се причини за доаѓање на пациентки/клиенти што немаат законска регулатива и можности во нивните матични држави“, велат од „Аџибадем Систина“.
И од болницата „Д-р Органџиски“ велат дека имаат пациенти од странство.
„Најчесто тоа се наши луѓе што се иселени од државава, а кои слушнале за нас преку медиумите или од позитивни искуства на некои нивни блиски. Исто така имаме и парови со мешани бракови, како и повозрасни пациенти што се одлучуваат за донорска програма, бидејки кај нас нема ограничување на возраста“, велат од болницата.
Не е непознато дека поради поедноставните процедури и пониските цени, центрите за ин витро фертилизација во Босна и Херцеговина ги посетуваат и пациенти од надвор, но сепак тоа не е масовна појава за да се нарече класичен „медицински туризам“.
Во Словенија сите три државни центри (Марибор, Љубљана, Постојна) нудат и приватни платени услуги, кои повеќе ги користат пациентите од странство, кои во Словенија доаѓаат пред сѐ заради квалитетна медицинска нега. Во минатото многу пациенти од поранешна Југославија доаѓаа во Словенија, особено во Марибор, бидејќи или немаа одредени услуги во нивните земји или законската регулатива не им дозволуваше или поради квалитетот на услугите. Словенците што се преселиле во странство, каде што овој третман обично е многу скап, исто така често се одлучуваат да се лекуваат во Словенија како пациенти што сами плаќаат, бидејќи имаат информации за квалитетот и релативно ниската цена на овие услуги.
Чуда се можни и на овие простори
Битно прашање кога станува збор за биомедицинско потпомогнато оплодување е стапката на успешност на процедурите. Во тој поглед Хрватското здружение за гинеколошка ендокринологија и хумана репродукција (HDGEHR) и Хрватското здружение на клинички ембриолози (HDKE) привлекуваат внимание на важноста на споредливите параметри при толкувањето на резултатите.
„На пример, некои државни здравствени установи прават и до 300 инсеминации со сперма на партнерот/сопругата годишно, додека други имаат значително помалку, а повеќето приватни установи вршат само неколку. Доколку сите овие постапки се вклучат во збирниот резултат, тоа би довело до погрешен заклучок. Според HDGEHR и HDKE, главната определувачка варијабла со која се пресметува успехот е возраста на жената, а потоа во таа група има уште десет варијабли што влијаат на исходот на процедурата, како дијагноза, комбинација на дијагнози, тип на постапка и други фактори“.
Истовремено, тие додаваат дека во однос на успешноста на МПО, државните здравствени установи не заостануваат зад приватните и обратно, најмногу поради фактот што стручноста и образованието се исти и се почитуваат високи стандарди
Од болницата „Д-р Органџиски“ даваат малку поконкретни бројки односно велат дека процентот на успех се движи помеѓу 35 и 45 проценти и зависи од типот на пациенти што доаѓаат на годишно ниво, нивната возраст и причината за неплодност.
„Секако, поголем успех се постигнува кај помлади пациенти. Лекувањето на неплодноста е долготраен процес, кој бара голема упорност. Психолошкиот момент е многу важен и ние се обидуваме да им помогнеме на нашите пациенти и да им дадеме максимална поддршка“, велат од болницата.
Од „Аџибадем Систина“ велат дека има многубројни примери што оставаат трага на „посебно успешни“.
„На пример, пред скоро време пациентка од Германија со десетина неуспешни ИВФ-постапки кај која успеавме да постигнеме бременост ни се јави дека успешно родила здраво прекрасно бебе“, вели д-р Ивановски.
Од болницата „Д-р Органџиски“ исто така велат дека успешни приказни има многу, но дека особено драги им се пациенти на кои им помогнале, а имале поминато многу тежок пат да дојдат до бебе. Тие го нагласуваат примерот на највозрасната мајка во Македонија, која со помош на тимот во нивната болница и со криопрезервиран ембрион на речиси 60-годишна возраст родила здраво машко бебе.
Во пишувањето на текстот помогнаа Марија Вељковиќ (Србија), Урбан Чеврек (Словенија), Данијела Полонијо (Хрватска), Ивана Раониќ (Босна и Херцеговина)