Одлуката на „Планет лабс“ (Planet Labs PBC) да ја ограничи достапноста на сателитските снимки од Блискиот Исток отвора прашања за комерцијалната независност и глобалната одговорност во индустрија вредна милијарди долари.
„Планет лабс“ (Planet Labs PBC), компанија за сателитско снимање основана во 2010 година, располага со повеќе од 200 сателити кои секојдневно ја фотографираат целата копнена површина на Земјата, со фреквенција што остатокот од индустријата не може да ја следи. Додека повеќето конкуренти продаваат поединечни снимки по нарачка, „Планет“ функционира повеќе како отворен стриминг-сервис, овозможувајќи им на клиентите, меѓу кои има трговци, влади и хуманитарни организации, да ги преземаат, објавуваат и дополнително надградуваат неговите податоци.
Неодамна тој систем престана да функционира за голем дел од светот. Компанијата „Планет“ на 5 април ги известила клиентите дека американската влада побарала од сите даватели на сателитски снимки „доброволно да ги ограничат“ снимките на неопределено време, ретроактивно од 9 март, за голем дел од Блискиот Исток, вклучувајќи ги Иран, Ирак, Израел, Либан и земјите од Персискиот Залив. Компанијата престанала да објавува воени снимки во својата архива и соопштила дека преминува на „модел на контролиран пристап“, во кој барањата ќе се разгледуваат од случај до случај. Американското Министерство за одбрана и Националната управа за океани и атмосфера-НОАА (NOAA), која му издава лиценца на „Планет“ за работа на неговите сателити, не одговориле на барањата за коментар.
„Планет“ воведува ограничувања за сателитските снимки од поголем дел од Блискиот Исток
Комбинирана покриеност со снимки заклучно со 22 април
Подрачја без ограничен пристап: Турција.
Копнени подрачја со ограничен пристап: Сирија, Авганистан, Ирак, Иран, земјите од Персискиот Залив, Саудиска Арабија и Оман.
Водени подрачја со ограничен пристап: Арапското Море.
Сега нивните клиенти се насочуваат кон алтернативи. Некои прибегнаа кон бесплатните податоци со пониска резолуција на НАСА, кои не подлежат на истите ограничувања. Други преминаа на снимки од Европската вселенска агенција и од други меѓународни сателитски оператори кои немаат обврска да ги исклучат своите податоци поради војната што ја водат САД и Израел. Некои ја разгледуваат и Кина, која управува со најголемата комерцијална програма за снимање на Земјата надвор од САД.
Последиците од оваа ситуација ја преобликуваат индустријата за набљудување на Земјата, вредна пет милијарди долари, и го наметнуваат прашањето дали може да се изгради комерцијален бизнис врз инфраструктура што владата практично може да ја исклучи кога и да посака. Ниту една друга американска компанија не обезбедува исто ниво на пристап до сателитски снимки какво што обезбедуваше „Планет“, од што корист имаше невообичаено широк круг клиенти, вели Џефри Луис, директор на Програмата за Источна Азија за спречување на ширење оружје за масовно уништување при Институтот за меѓународни студии Мидлбери во Монтереј, Калифорнија, кој е и експерт за методите на прибирање разузнавачки информации од јавно достапни извори.
Сепак, тој модел исто така го прави „Планет“ изложен на притисок од владата. Луис отворено зборува за она што го смета за цена на ограничувањето на пристапот:
„Тоа ќе биде лошо за американската индустрија.“
Снимките со висока резолуција овозможуваат појасен увид во штетата
Сателитски снимки од воздушниот напад врз основното училиште во Минаб, Иран, на 28 февруари
Портпарол на „Планет“ изјави дека компанијата „ќе сподели ажурирани информации штом станат достапни, бидејќи сите со нетрпение очекуваме враќање на политика што овозможува пристап за сите наши клиенти, а истовремено го ограничува ризикот од злоупотреба на нашите податоци“.
Портпаролот наведува дека американската влада, како и некои странски влади и комерцијални корисници, и натаму имаат неограничен пристап до воените снимки, но одби да прецизира за кои корисници станува збор.
„Планет“ и претходно го ограничувал пристапот до своите податоци, како што беше случајот во 2023 година, кога доброволно го одложи објавувањето на сателитските снимки од војната во Газа, но истовремено создаде посебен канал преку кој медиумските куќи и невладините организации можеа да продолжат да добиваат податоци речиси во реално време. („Блумберг њуз“ е корисник на услугите на „Планет“.)
Ограничувањата за Иран опфаќаат многу пошироко подрачје и не вклучуваат таков канал што овозможува пристап.
Меѓу корисниците на „Планет“ погодени од овие ограничувања е и „Прајватир спејс“ (Privateer Space Inc.), компанија за геопросторна аналитика која секојдневно, а понекогаш и од час во час, прибира сателитски разузнавачки податоци од различни даватели. Тие податоци им ги нуди на своите клиенти, вклучувајќи бродски компании што го следат сообраќајот низ Персискиот Залив, трговци со суровини кои ги надгледуваат активностите во пристаништата и фирми што ги проценуваат ризиците во глобалните синџири на снабдување. Деклан Линч, генерален менаџер и директор за приходи во „Прајватир“, вели дека неговата компанија, откако „Планет“ ги вовел ограничувањата, повеќе не можела брзо да им потврди на клиентите кога брод ќе престане да испраќа сигнал за идентификација или неочекувано ќе го смени курсот. Следењето на активностите во пристаништата низ целиот регион исто така е ограничено.
За да го надомести недостигот од податоци, „Прајватир“ се обратил до францускиот сателитски оператор „Ербас дифенс енд спејс“ (Airbus Defence & Space SA), кој нуди снимки со повисока резолуција од оние на „Планет“, но со поретки ажурирања и за помали географски подрачја. Линч вели дека работењето на неговата компанија е „значително нарушено“ поради овие ограничувања. (Запрашан за коментар, „Ербас“ во електронска порака навел дека работи „целосно во согласност со сите релевантни санкции, закони за контрола на извозот и меѓународни прописи“.)
Поглед на воените штети
Други компании што ги користат податоците на „Планет“ велат дека нашле заобиколни решенија, но се загрижени за долгорочните последици од овие ограничувања. Самир Мадани, коосновач на „ТанкерТракерс.ком“ (TankerTrackers.com Inc.), компанија за поморска аналитика која со помош на сателитски снимки го следи движењето на танкерите низ светот, вели дека неговата фирма „се насочила кон алтернативи“, но одбил да прецизира за какви алтернативи станува збор. Дури и ако „Планет“ го врати пристапот до снимките по завршувањето на војната, Мадани вели дека ограничувањата ќе ги одвратат корисниците на сателитски снимки од американските даватели на услуги, кои „во наредните месеци и години ќе се соочат со поголема конкуренција како последица на владината интервенција“.
Антоан Халф, коосновач на компанијата за енергетска аналитика „Кајрос“ (Kayrros SAS), која користи сателитски снимки за мерење на залихите на нафта и следење на движењето на товарите во Персискиот Залив за потребите на трговците со суровини, вели дека поради ограничувањата воведени од „Планет“, неговата компанија повеќе не може толку често како порано да ги надгледува истите подрачја.
„На енергетските пазари, навремените податоци имаат стабилизирачки ефект“, вели тој. „Тоа им овозможува на трговците и операторите рано да ги забележат нарушувањата, да ги пренасочат тековите и да помогнат во повторното воспоставување рамнотежа во снабдувањето. Во време на зголемени геополитички тензии, таа транспарентност ја зголемува енергетската безбедност.“
Халф вели дека е загрижен оти ограничувањето на пристапот до податоците би можело да ги дестабилизира пазарите.
Некомерцијалните корисници исто така бараат алтернативни извори на податоци. Џефри Луис од Институтот за меѓународни студии Мидлбери вели дека неговиот тим, кој користи сателитски снимки за следење на програмите за вооружување и проценка на штетите од напади во конфликтни зони, претходно немал потреба да разгледува соработка со други даватели бидејќи „Планет“ бил доволен. Сега како алтернатива разгледуваат кинески компании за сателитско снимање за да ги пополнат тие празнини.
Оваа ситуација ја открива сложената политика на геопросторното разузнавање. Во САД, компаниите за сателитско снимање зависат од лиценци од федералната влада кои им овозможуваат да прибираат и продаваат снимки. Моделот потекнува од деведесеттите години на минатиот век, кога владата првпат им дозволи на приватни компании да управуваат со сопствени сателити за снимање, технологија што претходно била резервирана за разузнавачките агенции.
Сателитските снимки можат да претставуваат ризик за националната безбедност, на пример ако непријателот преку нив ги открие позициите на американските сили или размерите на штетата од ракетен напад. Затоа повеќето американски даватели на сателитски снимки, вклучувајќи ги „Вантор“ (Vantor Inc.) и „Блек Скај“ (BlackSky Technology Inc.), отсекогаш строго го контролирале пристапот до податоците и нивното користење за да одржат добри односи со владата. И „Вантор“ и „Блек Скај“, кои околу половина од приходите ги остваруваат од американски одбранбени агенции, велат дека од почетокот на војната не добиле никакви барања од администрацијата на Трамп да го менуваат своето работење.
Со својот модел на отворен пристап, „Планет“ долго време се обидуваше да привлече повеќе клиенти од приватниот сектор отколку неговите конкуренти. Кога компанијата излезе на берза во 2021 година, проценуваше дека приходите од комерцијални клиенти до 2026 година ќе сочинуваат 68 отсто од вкупните приходи. Сепак, комерцијалната примена стагнираше. Во 2025 година околу 18 отсто од приходите на компанијата доаѓале од комерцијални клиенти, додека остатокот доаѓал од американската влада и од странски влади. Комерцијалните клиенти не секогаш знаат како да постапуваат со тие податоци, што да очекуваат од нив или како да ја проценат нивната вредност во однос на високите трошоци за претплата, кои можат да се движат од околу 3.000 до 56.000 долари годишно.
Приходите на „Планет“ од владата растат, комерцијалниот бизнис стагнира
Државните агенции како клиенти обично имаат појасно дефинирана цел на користење. Разузнавачките агенции користат сателитски снимки за откривање ракетни лансирања, следење на движењето на силите и проценка на воените штети. Националната канцеларија за извидување, НРО, која управува со американските шпионски сателити, потпиша со „Планет“ во 2022 година петгодишен договор вреден 146 милиони долари.
Со оглед на тоа што работи со американската влада, логично е дека „Планет“ ќе се придржува до нејзините барања, вели Кари Бинген, поранешна заменик-потсекретарка за разузнавачки прашања во Министерството за одбрана, која раководи со Проектот за воздушно-вселенска безбедност во Центарот за стратешки и меѓународни студии, тинк-тенк за национална безбедност. Сепак, како што други земји развиваат обемни сателитски програми, ризиците за националната безбедност само растат, вели таа.
Кинеската разузнавачка компанија „Мизар Вижн“ (MizarVision), користејќи кинески сателитски снимки, ги следела и објавувала деталните движења на американската војска за време на конфликтот со Иран, објави „Вашингтон пост“ во април. „Фајненшл тајмс“ неодамна објави дека Иран кон крајот на 2024 година набавил кинески шпионски сателит за надгледување на американските воени бази.
„Нас можат да нè ограничат“, вели Бинген за американските компании што ги ускратуваат податоците од регионот. „Нив не можат.“
Критичарите велат дека ускратувањето на сателитските снимки би можело да ѝ помогне на администрацијата на Трамп да управува со перцепцијата на јавноста за војната, која мал број Американци ја сметаат за оправдана. За медиумите што ги користат снимките на „Планет“ за известување за војната со Иран, вклучувајќи го и „Блумберг њуз“, оваа блокада претставува пречка во работата. Луис вели дека „нема легитимна причина“ за овие ограничувања освен ограничување на негативното медиумско известување.
Најголемите губитници засега се оние кои не можат лесно да си дозволат премин кон други даватели на податоци и се принудени да се потпираат на снимки со пониска резолуција. Тоа ги вклучува и бројните невладини организации кои имаат бесплатен или поповолен пристап до сателитските снимки на „Планет“ бидејќи ги користат за хуманитарни цели.
Институтот за проучување на војната, кој изработува дневни карти на конфликтот врз кои се потпираат креаторите на политики и медиумите за да го следат текот на војната со Иран, наведува дека повеќе не може со исто ниво на деталност „да ги потврдува нападите ниту да ја проценува штетата“.
Основното училиште „Шајарех Тајебех“ („Благословено дрво“) по воздушниот напад во Минаб, фотографирано на 21 март. Фото: Hassan Ghaedi/Anadolu/Getty Images.
Мика Фарфур, специјална советничка за далечинска детекција во „Амнести интернешнел, вели дека организацијата за човекови права повеќе нема пристап до податоците на „Планет“, кои биле примарен извор за тековните истраги за воените разурнувања во Либан. Пред воведувањето на ограничувањата, „Амнести“ користел траги од разурнувања и пожари видливи на снимките на „Планет“ за да го истражи воздушниот напад врз основното училиште во иранскиот град Минаб во февруари, во кој загинале најмалку 150 деца.
Во свет преплавен со слики создадени од вештачка интелигенција и манипулирани видеоснимки, сателитските снимки нудат нешто ретко, вели Фарфур:
„Тоа овозможува увид во вистината во општиот хаос.“