Хрватскиот претприемач Томислав Памуковиќ со Роко Живковиќ во 2015 година го отвори првиот музеј на илузии во Загреб, а тој претприемачки потфат во последните осум години прерасна во најголем синџир на приватни музеи во светот.
Кон крајот на минатата година во САД беше отворен 39-от музеј на илузии, па така денес тие се присутни во 25 земји, на четири континенти. Тие не мислат да застанат тука, бидејќи „Метаморфоза“, компанијата што управува со франшизата, планира да го зголеми тој број на 100 музеи до крајот на 2026 година.
Памуковиќ и Живковиќ ја добиле инспирацијата гледајќи ја серијата „BrainGames“, наградена со „еми“, на Нешнл џиографик. Тоа ги поттикнало да запловат во претприемачките води и да постигнат еден од најнеочекуваните деловни успеси.
„Концептот го свртевме кон Фејсбук и Инстаграм. Сфативме дека социјалните мрежи носат многу и во маркетиншкиот и во финансискиот дел и сакавме да го искористиме тоа. Сакавме повеќето од нашите соби да бидат интересни за фотографирање. Ставени се и хаштази за да може веднаш да се споделува тоа. Всушност, сметавме на бесплатниот маркетинг“, рече Памуковиќ потсетувајќи се на почетоците.
Тие беа пионери во т.н. едукативна индустрија заснована на образование и забава. Нивниот подем го следеа и други, па, така, приватните музеи во Загреб доживеаја вистински процут, а тие се сè попопуларни и на глобално ниво.
Пред година и половина, „Инвера еквити партнерс“ (Invera Equity Partners), компанија за управување со приватни инвестициски фондови регистрирана во Холандија, презеде 65 отсто од сопственоста во „Метаморфоза“, па основачите Памуковиќ и Живковиќ се повлекоа од раководните позиции и останаа малцински косопственици.