Бројот на милионери на глобално ниво ќе се зголеми за 40 отсто во следните пет години и покрај зголемувањето на каматните стапки и руската војна во Украина кои годинава ги потопија класите на имот и приватното богатство.
До 2026 година, ќе има повеќе од 87,5 милиони луѓе со богатство од најмалку милион долари, што е пораст од 62,5 милиони во 2021, според извештајот за глобално богатство на „Кредит Свис“ (Credit Suisse Group AG) за 2022 година. Бројот ќе се зголемува побрзо во економиите во развој, а Кина речиси ќе го удвои своето милионерско население, покажуваат прогнозите.
Додека 500-те најбогати луѓе во светот изгубија кумулативно богатство од 1,4 илјади милијарди долари во првата половина од годината, Credit Suisse гледа брзо закрепнување, особено на пазарите во развој. Швајцарската банка очекува Кина да продолжи да генерира огромно богатство иако нејзината економија покажува знаци на забавување поради пандемијата на Ковид-19 и пукнатините низ секторите, вклучително и технологијата и недвижностите.
„И покрај инфлацијата и руско-украинската војна, веруваме дека вкупното глобално богатство ќе продолжи да расте“, се вели во извештајот. „Очекуваме богатството на домаќинствата во Кина да продолжи да се израмнува со САД, напредувајќи еквивалентно на 14 американски години меѓу 2021 и 2026 година“.
Credit Suisse предвидува дека приватното богатство ќе порасне за 36 отсто до 169 илјади милијарди долари до 2026 година, а износот по возрасен ќе порасне за 28 отсто на глобално ниво и ќе надмине 100.000 долари во 2024 година. Бројот на поединци со ултра висока нето вредност, оние со над 50 милиони долари, ќе достигне 385.000.
Пазарите во развој се тешко погодени од пандемијата Ковид-19, а растот на богатството е забавен. Но, минатата година го повратија интензитетот и Credit Suisse очекува да го намалат јазот со развиениот свет во следните пет години. Богатството ќе расте за 10 отсто годишно во економиите во развој, во споредба со растот од 4,2 отсто во земјите со високи приходи.
Во 2021 година, глобалното богатство порасна за 9,8 отсто (на 463 илјади милијарди долари), во споредба со 2020 година, забележувајќи многу повисока стапка од онаа забележана на почетокот на векот. Најбогатиот еден процент од светската популација поседувал 46 отсто од вкупното богатство на домаќинствата, додека најбогатите десет отсто од возрасните поседувале 82 отсто од глобалното богатство. САД имаат најголем број поединци со ултра висока нето вредност, повеќе од 140.000, а потоа следи Кина со 32.710.
„Постои стеснување на јазот меѓу богатите и помалку богатите земји, особено бидејќи земјите со низок и среден приход растат со побрзо темпо“, вели Ентони Шорокс, економист на Credit Suisse и автор на извештајот.