Рускиот милијардер Роман Абрамович се сретнал со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во Ријад на крајот на август, заради разговорите што доведоа до размена на воени заробеници меѓу Русија и Украина, тврдат за Блумберг три лица запознаени со ова прашање.
Изворите одбија да дадат дополнителни детали и побараа да не бидат именувани бидејќи средбата била приватна. Портпаролот на Абрамович не одговори на барањата за коментар. Канцеларијата за медиуми на саудиската влада исто така не одговори веднаш на барањата за коментар за вмешаноста на Абрамович во овој процес.
Во размената оваа недела, Украина предаде 55 заробеници, вклучувајќи го и прорускиот тајкун Виктор Медведчук. Русија предаде 215 затвореници, од кои повеќето беа вклучени во одбраната на украинската фабрика Азовстал во Мариупол. Ослободени се и пет државјани на Обединетото Кралство, двајца Американци и уште тројца странци.
Прочитај повеќе
Санкциите ја 'гризат' лондонската империја на Абрамович од 4 милијарди
Абрамович (55) беше меѓу најпознатите руски олигарси кои инвестираа милијарди во економијата на Лондон по распадот на Советскиот Сојуз.
09.08.2022
Абрамович во правна битка за своите авиони
Американскиот суд издаде налог за заплена на два авиони на Абрамович
08.07.2022
Украинското Министерство за надворешни работи во четвртокот му се заблагодари на принцот Мохамед што одигра „суштинска“ улога во преговорите за ослободување на странските затвореници, кои беа пренесени во Ријад по нивното ослободување. Весникот „Сан“ во четвртокот објави дека Абрамович ги пречекал петте ослободени Британци во приватен авион кој од Русија се движел кон Саудиска Арабија и им дал iPhone телефони за да можат да се јават кај семејството да кажат дека се враќаат дома.
Саудиска Арабија во средата соопшти дека престолонаследникот бил вклучен во напорите за посредување што доведоа до ослободување на десет затвореници, без да даде дополнителни детали за процесот.
Санкции, Медијација
Додека Велика Британија и ЕУ воведоа санкции за Абрамович, САД се уште не пристапи на тој потег. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во март побара од претседателот Џо Бајден да не применува санкциите бидејќи може да се покаже како корисен посредник во напорите за мировни преговори.
Тој месец Абрамович присуствуваше на мировните преговори меѓу двете завојувани страни во Истанбул. Во април, тој отпатува за Киев во обид да ги рестартира разговорите, кои беа заглавени бидејќи се појавија докази за руските злосторства врз цивилите. Набргу по тоа патување, Зеленски рече дека разговорите дошле во „ќорсокак бидејќи Украина несака да тргува со нејзината територија и со народот“.
Санкциите на Велика Британија го принудија Абрамович да го продаде фудбалскиот клуб Челзи за 4,25 милијарди фунти (5,2 милијарди долари) во мај на конзорциум предводен од американскиот милијардер Тод Боли. Абрамович вети дека ќе ги донира средствата на фондација за помош на жртвите од војната во Украина. Фондацијата се уште не е активна, а средствата остануваат замрзнати.