Германија ќе им дозволи на возрасните лица да купуваат и поседуваат до 30 грама канабис за рекреативна употреба, потврди кабинетот на канцеларот Олаф Шолц.
Владејачката коалиција во средата го одобри предлогот кој ќе овозможи контролирано одгледување и дистрибуција на канабис, бидејќи најголемата европска економија има за цел да го сузбие црниот пазар за дрога. Германската влада на тој начин го исполнува своето ветување за легализација на канабисот за рекреативни цели.
Овој потег е поттик за германска индустрија за канабис која во моментот е во зародиш. Компании како SynBiotic SE и Cantourage поставија амбициозни планови за раст. Законот ќе ги зајакне и јавните финансии, а владата планира посебен данок.
Законот за легализација ќе биде строго и јасно пропишан. Продажбата ќе биде ограничена во специјализирани продавници, а владејачката коалиција планира да ги процени ограничувањата за количината на THC, покрај ограничувањето на продажбата за лица под 21 година. Границата на количината што некој може да ја купи од 30 грама е поголема од претходните предлози кои се движеа од 10 до 20 грама.
Планот на владата е „како добивка на лото“, вели извршниот директор на SynBiotic, Ларс Мулер. „Кога ќе дојде вистинското време, покрај отворањето на сопствени продавници ќе можеме да понудиме модели слични на франшиза за продавачите на канабис“. Акциите на компанијата пораснаа за цели 19 отсто, намалувајќи го годишниот пад на 46 отсто.
„Пред мерката да стапи на сила, Европската комисија мора да го разгледа предлогот. Процесот може да биде запрен од кризи како што се војната во Украина и енергетската криза“, изјави германскиот министер за здравство Карл Лаутербах, кој предвидува дека легализацијата може да се спроведе во првиот квартал од следната година.
„Има многу други прашања кои ги преокупираат луѓето во моментов. Тоа не е проект што сакаме веднаш да го спроведеме и не сакаме да го претставиме како животен проект. Не верувам дека само домашното производството на канабис ќе биде доволно за да се задоволи сегашната и идната побарувачка“, изјави Лаутербах за Bloomberg на прес-конференција во Берлин.