Циркуларна економија, намалување на отпадот и обезбедување негов втор или повеќе животи преку реупотреба е нешто кон што се стреми општеството. Во поразвиените земји рециклирањето одамна веќе не е тренд, туку повеќе е рутина, навика, дел од секојдневието. Во Македонија уште се работи на креирање навики за рециклирање, иако може да се констатира дека во последните години има голем напредок.
Но не се само навиките и определбата (како на граѓаните, така и на компаниите) нешто што треба да се промени за да се зголеми процентот на рециклиран отпад. Неопходни се и соодветна инфраструктура и многу поголем број канти и локации на кои има контејнери за рециклирање, за ефектот да биде поголем. Министерството за животна средина го става фокусот токму на подобрување на логистиката и зголемување на инфраструктурата со контејнери за рециклирање.
Расте процентот на рециклиран отпад во Македонија
Прочитај повеќе
Македонецот годишно во просек фрла по 83 килограми отпад од храна
Македонија нема јасна стратегија за управување со вишоците храна, годишно се фрлаат над 172.000 тони
18.10.2022
Податоците од Министерството за животна средина покажуваат раст и на создадениот отпад, но и на процентот на селектиран и рециклиран отпад.
Во 2014 година на пазарот била пуштена амбалажа во вкупно количество од речиси 60.000 тони, додека во 2020 година количествата надминуваат 79.000 тони. Тоа значи дека во периодот од 2014 до 2020 година количествата на отпад од пакување производи се зголемиле за 33,3 проценти.
„Во периодот од 2011 до 2019 година, количеството на пакување пуштено на пазарот постојано се зголемувало, до 77 отсто, при што во 2020 година повторно бележи пад од седум проценти во однос на 2019 година“, пишува во извештајот на Министерството за животна средина.
Но не заостанува ниту растот на селектираниот и рециклиран отпад, иако станува збор за недоволен процент, особено ако се споредуваме со поразвиените држави. Бројките покажуваат дека во 2014 година процентот на рециклиран отпад од амбалажа бил 27,08 отсто, додека во 2020 година бил значајно поголем и изнесувал 43,52 проценти. Тоа е зголемување дури за 60,7 отсто на процентот на рециклиран отпад.
Најголем дел од отпадот во Македонија бил рециклиран во 2018 година, кога речиси половина од употребената амбалажа добила втор живот. Тогаш биле рециклирани 47,21 отсто од количествата пакување пуштени во оптек. Во 2019 година се забележува поголем пад, кога се рециклирале 39,93 отсто од отпадот, за во 2020 година процентот повторно да се зголеми.
„Тренд на зголемување се забележува кај процентот на рециклирање во периодот од 2011 до 2018 година и тој е зголемен за повеќе од трипати. Во следните две години, 2019-та и 2020-та, се забележува намалување на процентот на рециклирање отпад од пакување за седум отсто во однос на 2018 година. Tака, и кај процентот на обновување или согорување во печки за согорување отпад со обнова на енергијата, во периодот од 2011 до 2018 година се бележи постојан тренд на зголемување, и тоа за четири пати во разгледуваниот период, притоа во следните две години, 2019-та и 2020-та, се бележи пад од шест проценти во однос на 2018 година“, забележа ресорното министерство во својот годишен извештај.
Од бројките може да се заклучи дека се потребни и подобра инфраструктура и соодветна едукација и стимул за да се стекнат навики за што пообемно рециклирање на отпадот.
Уште не се потрошени парите од поскапите ќесиња за пазарење
Една од последните мерки што помагаат за намалување на отпадот, а зголемување на рециклирањето е законската одредба со која се отфрлија од употреба пластичните ќесиња за пазарење, а се воведоа биоразградливи, за кои потрошувачите плаќаат неколкукратно повеќе.
Од Министерството за животна средина се задоволни и велат дека мерката има ефект, бидејќи употребата на ќесиња е намалена за 87 проценти. Поточно, за вкупно 11 месеци од 2021 година (од јануари до ноември, пред да се воведе забраната за употреба на пластични ќесиња) биле употребени речиси 28 милиони ќесиња, додека за исто толкав период по воведувањето на новите пазарни правила, односно од декември 2021 до октомври 2022 се употребени само 4,2 милиони кеси.
Според тоа, заклучно со септември, во посебниот фонд на Министерството за животна средина се собрани вкупно 69.323.258 денари, или 1.136.445 евра, како надомест за биоразградливите ќесиња што потрошувачите ги плаќаат по 15 денари во маркетите.
Но парите не се употребени, си стојат на сметката, чекаат ресорното министерство да ја направи програмата за распределба на парите, а тоа, според законот, треба да го стори до крајот на годинава. Се планира да се постават 5.000 нови контејнери за селекција на отпад, а со остатокот од собраните пари да се финансираат кампањи за едукација.
Проектот „Пакомак“
„Пакомак“ е непрофитна компанија, која постои веќе 12 години, а соработува речиси со сите јавни комунални претпријатија во градовите, но и со над 30 приватни компании што имаат соодветни дозволи од Министерството за животна средина за работа со отпад.
Целта на „Пакомак“, како што велат оттаму, е до 2030 година да се селектираат и рециклираат дури 70 проценти од отпадот. Според пресметките на „Пакомак“, компанијата во моментов преку својата мрежа собира околу 33 проценти од вкупниот отпад на стаклена амбалажа на национално ниво.
„’Пакомак’ започна со собирање отпад од пакување во 2011 година, кога беа собрани 6.198 тони отпад од пакување, претежно хартија, а стапката на рециклирање беше 12,5 отсто. На крајот на 2017 година, во системот на ’Пакомак’ беа собрани 22.600 тони отпад од пакување и стапка на рециклирање од 47 проценти, но веќе со значителен удел на пластиката и стаклото во собраните количества. Во последниве пет години , во нашиот систем се собираат од 26.000 до 28.000 тони отпад од пакување и постигнуваме стапка на рециклирање од 55 до 60 отсто. Доминантно сѐ уште се собира хартија, но собираме и над 5.000 тони стаклена амбалажа и над 5.000 тони амбалажна пластика“, вели Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“.
Досега „Пакомак“ поставиле над 1.400 зелени ѕвонести контејнери и над 6.000 зелени канти за собирање стакло, повеќе од 200 сини контејнери за картон и над 500 контејнери и 1.000 канти за пластика и за лименки.
„Ако се има предвид дека во целата земја има поставено околу 10.000 контејнери од 1,1 м3 за комунален отпад, ’Пакомак’ го има зголемено собирачкиот капацитет на државата за над 30 проценти и на тоа сме особено горди“, вели директорот на „Пакомак“.
Најголем број контејнери се поставени во Скопје, Штип, Битола, Прилеп и Охрид, но не заостануваат ниту помалите градови и општини. Засега „Пакомак“ има мрежа во 61 општина во земјава, а целта е до 2025 година буквално во секоја општина да имаат барем по еден сет од зелен, син и жолт контејнер за селекција на отпад.
Вендинг-машините земаат замав
Лани се постави првата вендинг-машина, а целта на „Пакомак“ е до 2026 година да има над 400 низ целата држава.
„Во јули 2021 ја поставивме првата повратна вендинг-машина, денес имаме осум. Вкупно имаме над 5.000 корисници што преку нашата мобилна апликација собираат зелени поени, кои потоа ги конвертираат во ваучери (засега само на „Веро маркетите“), и со тие ваучери плаќаат дел од сметката направена при купување во ’Веро’“, вели Ивановски.
Постојните повратни машини процесираат шест парчиња амбалажа за една минута, што, според директорот на „Пакомак“, го забавува потенцијалот за рециклирање и брзо ширење на нови корисници.
„Направивме технички подобрувања и модификации и во следниот период, до Нова година, ќе поставиме уште 27 нови, побрзи и технолошки понапредни машини“, вели Ивановски.
Вкупно за 15 месеци, преку осумте вендинг-машини, се собрани над 600.000 парчиња ПЕТ-амбалажа и лименки што завршиле на рециклирање.
Податоците на „Пакомак“ покажуваат дека од контејнерите што се поставени на улица, најмногу се собира од зелените контејнери за стакло, додека сините и жолтите се предмет на вандализирање и празнење од неформалните собирачи и затоа од нив се собираат помали количества.
„Сепак, и неформалните собирачи го носат тој ’наш’ отпад во компании што подоцна го носат на рециклирање, така што во моментов сме задоволни ако не ги уништуваат контејнерите, а материјалот од нив нека го собираат“, вели директорот на „Пакомак“.
Компанијата очекува дури 200.000 корисници на вендинг-машините во следните две-три години.
„Со повратните вендинг-машини (ПВМ) ќе го направиме финансиски поатрактивно, но и позабавно рециклирањето за граѓаните и тие ќе имаат можност да ја добијат реалната вредност на материјалот што го селектираат. Секако, остануваат и нашите контејнери на улица. Покрај оние за стакло и хартија, ќе поставуваме и од тие за пластична амбалажа и лименки (сѐ што не е ПЕТ-шише, алуминиумска лименка или е со поголем волумен од три литри). Сметаме дека ваквиот хибриден начин на собирање од различни канали ќе ни овозможи да ги постигнуваме националните цели за рециклирање што се поставуваат секоја година пред нас и пред нашата земја“, објаснува Филип Ивановски.
Расте заинтересираноста за селектирање отпад
Искуството на „Пакомак“ покажува дека првите неколку години генерално минале во објаснување и убедување на компаниите дека треба да финансираат системи како „Пакомак“, но и во издигнување на јавната свест кај граѓаните да ги користат контејнерите за селекција на амбалажен отпад. Па, бројот на граѓани што селектираат отпад постојано расте.
Истражувањето направено од „Пакомак“, на примерок од 1.030 граѓани, во девет урбани општини оваа година, покажува дека над 42 отсто од граѓаните секогаш или често го рециклираат својот амбалажен отпад.
„Овој процент беше двојно помал кога се појави ’Пакомак’ пред 12 години. Продолжуваме со нашата истрајност и кампањи и веруваме дека за две-три години бројот на граѓани што селектираат и рециклираат отпад ќе биде поголем од оние што не го прават тоа“, вели оптимистично директорот на компанијата за селекција на отпад.
За да ги поттикне граѓаните на што поголема селекција на отпадот, „Пакомак“ организира и повеќе активности, концерти на кои влезот се плаќа со празно пластично шише и наградни конкурси, особено за учениците што изработуваат уметнички дела од отпад. Не изостануваат ниту акциите за чистење диви депонии или загадени излетнички места низ земјата.
Од друга страна, „Пакомак“ преку различни проекти ги вклучува и компаниите во селекцијата на отпад. Последниот проект, објавен пред десетина дена, опфаќа соработка со околу 1.500 угостителски објекти, од кои 600 се од Скопје, а 900 од другите градови во земјава.
Игло-контејнерите ќе добијат сензори
„Пакомак“ планира да постави сензори на ѕвонестите контејнери, а целта е да покажуваат колку се полни. Притоа, сензорите ќе ја покажуваат и локацијата на контејнерите и, преку соодветна апликација за мобилен телефон, секој граѓанин ќе може да лоцира кој контејнер за каков тип отпад е најблиску до него.
Со ваквата инвестиција, со која ќе се оптимизира празнењето на контејнерите, компанијата очекува дека за 20-30 проценти ќе ги намали трошоците за гориво, а со тоа ќе го намали и загадувањето.
„Крајна цел ни е зголемување на транспарентноста пред граѓаните и институциите, бидејќи и тие ќе имаат пристап до податоците преку соодветната апликација за телефон“, вели Ивановски.
Македонија нема план да ја прошири селекцијата според видот на отпадот
Од Министерството за животна средина велат дека засега немаат план за проширување на типовите отпад за рециклирање, бидејќи таквиот проект е премногу скап и со моменталниот надомест што се плаќа за ѓубрарина едноставно не е изводливо да се воспостави системот со пет канти за селекција на отпад.
Исто размислува и менаџментот на „Пакомак“.
Но широката палета на селекција на отпад во Европа функционира многу добро. Европското статистичко биро, Еуростат, покажува дека просекот во Европската Унија (ЕУ) за рециклирање на употребената амбалажа од дрво е 32,4 отсто, а рециклажата на металот е дури 75,5 проценти.
Далеку сме под европскиот просек за селекција и рециклирање отпад
Веќе споменавме дека процентот на рециклиран отпад во Македонија во 2020 година е 43,5 отсто. Во 2020 година, за кога се достапни последните статистички податоци, во ЕУ просекот е 64,3 отсто. Притоа, држава со најголем процент на рециклиран отпад е Белгија, со 79,7 проценти, а најмалку на тоа обрнува внимание Малта, каде што се рециклира само 40 отсто од отпадот. Таа е, всушност, и единствената држава од ЕУ, за која се достапни вакви податоци, со процент помал од Македонија.
Од околните држави што се членки на Унијата, во Хрватска процентот е 54,2 отсто, а во Словенија 67,9 отсто. За Бугарија и за Грција нема достапни податоци.
Стакло, хартија и картон се рециклираат многу повеќе отколку пластика, поле на кое ЕУ не стои баш добро. Просекот за хартија и картон е 81,6 проценти, за стакло 76 отсто, додека за пластика бројките се многу помали и, во просек, во ЕУ се рециклира само 37,7 отсто од пластиката.