Шпанскиот суд нареди заплена на суперјахта вредна 140 милиони долари, поврзана со висок извршен директор на руски одбранбен конгломерат, откако сопственикот престанал да плаќа такси за одржување во јуни.
Судскиот налог за запленување на 85-метарската „Меридијан А“, порано позната како „Валери“, бил издаден од судија во Барселона во средата, соопштија шпанските поморски власти.
Јахтата, поврзана со извршниот директор на „Ростек“ (Rostec State Corp.), Сергеј Чемезов, била запрена од шпанските власти кон средината на март додека се наоѓала во бродоградилиште во Барселона, на поправка. Европската унија смета дека бродот формално е во сопственост на поќерката на Чемезов.
Судската одлука доаѓа откако бродоградилиштето MB92 поднело жалба за неплатени трошоци за одржување на бродот.
Јахтите во сопственост на санкционирани претприемачи се закотвени во пристаништата или бродоградилиштата низ Европа, по руската инвазија на Украина. Меѓу нив се „Дилбар“ во Германија, поврзана со милијардерот Алишер Усманов, додека пак француските власти се обидуваат да го спречат можното заминување на „Аморе Веро“.
Луксузната јахта која некогаш ја поседуваше санкционираниот милијардер Дмитриј Пумпјански е продадена за 37,5 милиони долари на аукција во Гибралтар.
Шпанија закотви и неколку други јахти - од „Кресцент“ вредна 600 милиони долари за која се верува дека му припаѓа на Игор Сечин, извршен директор на „Роснефт“ (Rosneft PJSC), до 48-метарската „Лејди Анастасија“. Но, според шпанските поморски власти, сопствениците на двата брода плаќаат такси за закотвување и плати на екипажот.
Чемезов веќе беше санкциониран во септември 2014 година, како дел од бранот американски и европски санкции по руската инвазија на Крим. Чемезов, според Европската унија, е долгогодишен соработник на Путин.
Претставниците на MB92 не одговориле веднаш на барањата за коментар, исто како и Чемезов на барањата испратени до Rostec.