Европскиот парламент денеска ја изгласа поддршката за влез на Хрватска во безвизниот режим за патување во Европската Унија, кој треба да стапи во сила во јануари. Овој потег се очекува да ја зајакне економијата на јадранската земја зависна од туризмот и да го олесни преминот на повеќе од 10 милиони Европејци што летуваат во Хрватска секое лето.
Парламентарното гласање следуваше по дебата во која пратениците ја оценија подготвеноста на земјата со 3,9 милиони жители да ги брани своите граници и да ја контролира имиграцијата. Конечната одлука сепак останува на Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи, кој се очекува да донесе одлука на 9 декември.
Хрватска ќе биде првата нова членка во т.н. Шенген-зона откако Лихтенштајн се приклучи пред повеќе од една деценија. За ЕУ, проширувањето значи продлабочување на посветеноста кон регионот порано разурнат од војна, а по инвазијата на Владимир Путин во Украина, која го истакна ризикот од зголемено руско влијание на Балканот.
Романија и Бугарија, преостанатите балкански земји-членки на ЕУ, исто така одамна ги исполнија техничките критериуми за влез во Шенген. Сепак, некои членки на Унијата покажаа скептичност за нивното пристапување поради загриженоста за способноста на земјите да ја спречат корупцијата и да го поддржат владеењето на правото.