Струковиот синдикат на контролори за летање се уште нема одговор на барањето до менаџментот на М-НАВ да почне обуката на осумте кандидати избрани по распишан конкурс и неколку неделно тестирање спроведено од Данскиот школски центар, вели за „Блумберг Адрија ТВ“, Александар Тасески, претседател на синдикатот.
Според него, главните менаџери на М-НАВ, компанија која е под капа на државата и има задачи да управува и да го контролира цивилниот воздушен сообраќај во земјава си ја префрлаат одговорноста околу закочената обука.
Тој потврди дека вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени, а како реакција на тоа што, како што вели, се уште не е почната обуката по завршената селекција на кандидатите за контролори на летање во М-НАВ.
Тасески вели дека секое доцнење со почетокот на обуката може да се одрази на работењето на М-НАВ бидејќи и сега има недостиг од контролори на летање.