Катарските власти сакаат да ја забранат продажбата на алкохол на стадионите за време на Светското првенство, драматично поништувајќи ја одлуката да се допушти продажба на пивото „бадвајзер“ (Budweiser), вели извор упатен во тоа прашање.
Одлуката веројатно ќе резултира со преместување на штандовите што се земени под концесија, а на кои требаше да се послужува алкохол, далеку од стадионите. Турнирот, кој претставува најголем светски настан и се планира со децении однапред, почнува в недела, а домаќините ќе го одиграат почетниот натпревар против екипата на Еквадор.
Потегот да се забрани продажба на алкохол на стадионите претставува спротивност во однос на претходниот став на Катар. Врховниот одбор за достава и право вети дека алкохолот ќе биде достапен во одредени зони за навивачите надвор од стадионите и другите угостителски објекти. „Инбев“ (InBev) ѝ плати на ФИФА милиони долари за ексклузивни права за продажба на нивното пиво „бадвајзер“ на Светското првенство.
Претставниците на ФИФА и Катар одбија да коментираат, а портпаролот на компанијата „Инбев“ не беше достапен за коментар. ФИФА и „Инбев“ претходно рекоа дека се обидуваат да создадат атмосфера полна со почит кон катарските обичаи и традиции, но дека алкохолот сепак ќе биде достапен за тие што сакаат.
Турнирот веќе беше оптоварен со контроверзии, почнувајќи од компликациите со распоредот поради летните жештини во Катар, па до третманот на работниците мигранти. Проблемите и недоразбирањата може да се зголемат кога ќе стигнат навивачите и ќе се соочат со локалните норми, како што се правилата за однесување, кои бараат од мажите и жените да го покријат своето тело од рамената до колениците кога се во многу од јавните простори.
Достапноста на алкохолот претставува посебно жариште на критики околу одлуката на ФИФА фудбалскиот спектакл, кој се одржува еднаш во четири години, да ѝ го додели на конзервативна муслиманска земја во која се табу јавното искажување љубов, лесната облека или пијанството.
Катар ја забранува продажбата на алкохол речиси во сите ресторани што не се поврзани со врвните хотели или одморалишта. Со дозвола од газдите, странските гости ќе може да купат алкохолни пијалаци, пиво и вино за консумирање дома, и тоа единствено од едно складиште на „Катар ервејс“ (Qatar Airways) на периферијата на Доха.
Катарските организатори на почетокот рекоа дека сакаат настанот на ФИФА да биде без алкохол, но отстапија од тоа. Пред последниот пресврт некои од зоните за навивачи беа договорени за продажба на т.н. „интернационални пијалаци“. Навивачите ќе можеа да купат пиво „бадвајзер“ внатре во стадионите, во конкретно определени простори за продажба и консумирање пиво, до три часа пред и еден час по секој од натпреварите, но немаше да им биде дозволено да ги внесат пијалаците на трибините.
Сегашната одлука е голем удар за брендот „Бадвајзер“, официјалното пиво на турнирот и спонзор на Светскиот куп уште од 1985 година. Во септември започнаа своја сопствена кампања за Светскиот куп на ФИФА во повеќе од 70 земји, што претставува најширок опсег во историјата на брендот, долга 146 години.
„И покрај ограничувањата, се очекува дека во текот на турнирот оваа марка на пиво ќе се консумира повеќе отколку во текот на целата година во земјата“, рече претходно за „Блумберг“ Петер Кремер, главен директор за испорака од компанијата „Инбев“.
Без пиварница во регионот, компанијата мораше да ги достави своите производи во Катар со прекуокеански превоз, а потоа да пронајде соодветен простор за складирање, за пивото да се заштити од ултражешкото време во земјата, каде што температурите до крајот на октомври беа над 35 степени.
Претходно се преговараше на тема дали „бад лајт“ (Bud Light) или некој од другите производи на „Бадвајзер“ со низок степен на алкохол ќе бидат дозволени внатре на стадионите, додека ФИФА и „Инбев“ бараа и дополнителни отстапки. Во минатото имаа успех во тој дел кога, на пример, Бразил го усвои т.н. „Бадвајзер бил“ за да ги поништи локалните закони, кои забрануваа пиво на стадионите за Светското првенство во 2014 година, додека руските власти привремено ја ублажија забраната за рекламирање пиво во пресрет на последниот турнир од 2018 година.