Во текот на празничната сезона европските трговци се борат да го кренат празничното расположение кај купувачите, додека руската агресија бара неверојатна жртва: божиќните светилки. Покрај можностите за рестрикции во снабдувањето со електрична енергија и, во таа насока, рационализацијата што се заканува, некои од локалните власти, вклучувајќи ги и тие од Хелсинки, Лисабон и Лондон, повлекуваат кочница за декорацијата со божиќни светилки на главните улици и плоштадите.
Руската инвазија врз Украина ги наруши односите со најважните снабдувачи со енергија на континентот, а жителите се повикуваат да го намалат греењето и да скратат на туширање. Неукрасување со традиционалните светлечки ѕвездички и светилки е дел од тие настојувањата за штедење.
Главната шопинг-улица во Цирих, Банхофштрасе, која е и меѓу најскапите во Европа, вообичаено се гордее со својот екран „Луси“, кој го исполнува ноќното небо со „дијаманти“. Но оваа година тие калеидоскопски очи ќе ги осветлуваат само продавниците на „Луј Витон“ и „Гучи“, и тоа само пет часа навечер, приближно половина од вообичаеното време на осветлување.
Тоа го наметнува прашањето колку потрошувачите ќе имаат волја да ги отворат своите паричници во текот на овој период од годината, кој вообичаено важи за најсреќен за трговците.
„Не можам да замислам дека ова нема да влијае на куповното расположение“, рече Марсел Штофел, претседател на швајцарскиот совет за трговија.
Прочуените божиќни светилки на лондонската улица Оксфорд стрит годинава ќе трошат две третини помалку енергија преку намалување на времето на работењето на осум часа дневно и транзиција на ЛЕД-светла, објави компанијата „Њу Вест Енд компани“, која го организира украсувањето.
„Приоритет е да се постигне рамнотежа меѓу привлечно искуство за купувачите и одговорно однесување на продавачите, кога станува збор за потрошувачката на енергија“, рече Ди Корси, главен извршен директор на компанијата што управува со голем дел од трговските делови.
Во Франкфурт сопствениците на продавниците не само што ќе го ограничат божиќното осветлување туку нема ниту да греат на познатиот градски божиќен саем на плоштадот „Ремер“. Тоа ги загрижува сопствениците на дел од продажните места што се потпираат најмногу на т.н. „пешачки промет“ и празничната атмосфера за да ја поттикнат продажбата на своите производи.
„Ако луѓето веќе не сакаат да доаѓаат во градот, тоа силно ќе нѐ погоди нас“, рече Тим Штихел, сопственик на продавницата за сноуборд и скијачка опрема „Реилскајд“.
Додека некои трговци се надеваат дека купувачите ќе ги наградат за доброто однесување со исклучувањето на светлата, неодамнешната анкета на швајцарското здружение на трговци покажа дека поголемиот дел економисти очекуваат дека енергетската криза ќе ја загризе продажбата.
Во Париз, градоначалничката Ен Хидалго предложи исклучување на светлата на Ајфеловата кула еден час порано секоја вечер, иако ноќното осветлување на кулата претставува само четири проценти од вкупната потрошувачка на енергија на таа знаменитост.
Божиќниот ансамбл во Цирих, кој ќе го прекине спектаклот, исто така не троши многу. Според компанијата што произведува светла, целиот систем троши околу три киловат-часа, што е приближно колку што би потрошила домашна фурна ако работи на највисока температура.
Во другите случаи воопшто нема избор. Градоначалникот на Вроцлав, во Полска, град што е на околу 480 километри од украинската граница, не требаше долго да размислува за да одлучи дека за празничната сезона ќе го осветли само централниот плоштад.
Но дури и на места каде што трошоците за струја не растат вртоглаво, некои од општинските власти уште ја преиспитуваат својата потрошувачка, по што ќе одлучат за чекорите.
Ливињо, едно од најпопуларните скијалишта на Алпите во Италија, оваа година ќе заштеди 50.000 евра ако не постави божиќни светилки. Зимскиот туристички центар, кој сместува илјадници туристи, ги апсорбира поголемите трошоци, но властите одлучија наместо да ги потрошат за светилки, парите да им ги донираат на локалните семејства за сервисирање на нивните потреби.
„Да се трошат пари чисто само за декоративно осветлување во време на сериозна криза не е во ред“, рече градоначалникот Ремо Гали.
Но трговците се загрижени за таквиот план.
„Малку сме загрижени поради влијанието врз локалната трговија. Овде во декември е ноќ уште во шеснаесет часот попладне, а божиќните светилки ги поттикнуваат луѓето да прошетаат низ центарот“, вели Марко Кола, сопственик на хотел и претседател на локалното здружение на трговци.