Кина во средата објави 10 нови мерки за справување со ковид-19, забрзувајќи го своето отстапување од строгата стратегија за нулта ковид, која ја држеше земјата изолирана од остатокот од светот и нанесе сериозен удар врз економијата во последните три години.
Новите насоки доаѓаат по помалку од две недели откако целата земја беше зафатена од протести, во ретка манифестација на пркос од населението кон начинот на кој властите се справуваат со вирусот. Ова е вторпат Владата да презентира упатства што треба да ги следат службените лица, откако во ноември беа објавени 20 мерки, што само ја покажува брзината со која се менува стратегијата.
Прочитајте повеќе: Кинезите излегоа на улиците гневни поради мерката „нулта ковид“
Десетте нови мерки се:
- Прецизност во категоризацијата на областите со висок ризик и нивно ограничување на станбени единици или блокови без произволно проширување кон цели станбени комплекси, населби или улици.
- Намалување на фреквенцијата на масовни тестирања. Негативни тестови или зелен здравствен код на апликацијата за паметни телефони нема да бидат неопходни за пристап до повеќето јавни површини, со исклучок на болниците, домовите за стари лица, градинките. Ќе заврши тестирањето при пристигнување кај патувањата во рамките на домашните граници.
- Асимптоматските и слаби случаи на ковид-19 (кои ги задоволуваат условите за карантин) можат да останат дома или доброволно да престојуваат во централизирана установа за карантин во рок од седум дена. Блиските контакти можат да бидат во петдневен домашен карантин.
- Заклучувањата во областите со висок ризик ќе бидат укинати доколку нема нови случаи пет последователни дена.
- Зголемена достапност на лекови за јавноста. Аптеките не можат да се затвораат по желба, а нема да бидат дозволени ограничувања за купување лекови.
- Забрзан процес за вакцинацијата на постарите лица. Воспоставување т.н. зелени ленти и мобилни места за вакцинација, со стимулации за промовирање на употребата на вакцините.
- Засилен мониторинг на населението што сè уште е изложено на ризик од ковид-19.
- Да се обезбеди нормално функционирање на клучните општествени услуги. На областите со низок ризик не им е дозволено да го контролираат движењето или да прекинат какви било услуги, работа или производство. Јавните работници мора да ги задоволат основните животни потреби на населението.
- Забрана за блокирање на излезите за итни случаи и влезовите во становите. Патеките за спасување мора да бидат отворени во случај на итни медицински случаи или опасности.
- Подобрување на мерките за контрола на пандемијата во училишните кампуси. Училиштата без случаи на ковид-19 мора да спроведуваат офлајн учење и да ги одржуваат заедничките простори отворени (на пример кафулиња, библиотеки, стадиони). Училиштата со случаи на ковид мора да бидат прецизни во категоризацијата на областите со висок ризик и да обезбедат областите со низок ризик да продолжат како што е нормално.