Светското првенство во Катар конечно се ближи кон крајот. Денеска турнирот што трае еден месец ќе заврши или со Аргентинецот Лионел Меси првпат да го подигне трофејот на светско првенство или со Франција да стане само третата земја што победила на две последователни првенства.
Водечкиот настан на ФИФА често претставува бурна работа, а изданието од 2022 година не разочара со насловите од забрана за пиво до историски фудбалски немири.
Збир на настаните:
Забрана за пиво
Властите во Доха го поништија ветувањето дека ќе дозволат продажба на алкохол на стадионите, објавувајќи само неколку дена пред почетокот на турнирот дека алкохолот ќе биде достапен само на штандови со концесија, и тоа настрана од случувањата, како и на некои ВИП-места. Овој потег наиде на критики од фудбалските навивачи и ги поттикна на скандирања „сакаме пиво“ од трибините, додека спонзорот за алкохол „Анхојзер-Буш ИнБев НВ“ (Anheuser-Busch InBev NV) вети дека ќе им го донира своето непродадено пиво на навивачите од победничката земја.
Сепак, забраната беше укината од претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој ја бранеше одлуката на Катар велејќи дека навивачите „ќе преживеат“ ако не консумираат пиво три часа. Дури и пред забраната, турнирот беше оптоварен со контроверзии, почнувајќи од потребата за презакажување на турнирот, кој традиционално се одржува во лето, поради жештините во пустината во Катар, па до односот на државата од Персискиот Залив кон работниците мигранти.
Ленти на рацете
ФИФА ги уништи плановите на некои играчи да носат ленти со виножито за време на натпреварите во знак на солидарност со ЛГБТ-заедниците во Катар, каде што хомосексуалноста е нелегална. Наместо тоа, германскиот тим објави фотографија на која играчите ја покриваат устата велејќи „да ни се ускрати лентата е исто како да ни се оневозможи гласот“.
Триста милијарди долари
Богатиот со енергија Катар, со население од околу 3 милиони, потроши околу 300 милијарди долари на настанот, правејќи ги џуџести претходните рекорди за трошење. Раскошното трошење за инфраструктура и стадиони поттикна обвинувања за таканаречено спортско перење, со кое се тврдеше дека Катар го користи најгледаниот настан во светот за да ја подобри својата репутација. Сепак, ФИФА е таа што може да ги искористи најголемите придобивки од сета возбуда. Организацијата во петокот соопшти дека ќе заработи една милијарда долари повеќе од очекуваното од овој четиригодишен циклус на Светското првенство.
Вознемирувања на теренот
Од историската победа на Саудиска Арабија над Аргентина до победата на Јапонија над Германија, на Светското првенство имаше многу аутсајдери што ги победија фаворитите. Најголемо изненадување беше магичната серија на Мароко, која ги победи фудбалските моќници Шпанија, Португалија и Белгија и стана првата африканска селекција досега што се пласирала во полуфиналето.
Мароко вчера загуби од Хрватска во мечот за третото место, кој го гледаа повеќе од 44.000 гледачи на трибините.
Рекорден број гледачи
Светското првенство ја прошири својата публика надвор од традиционалните фудбалски нации во Европа и Латинска Америка за да уживаат и голем број гледачи во САД и Азија. Натпреварот што се одржа на 25 ноември меѓу САД и Англија го собори рекордот на гледаност за овој спорт на американската телевизија.
Екипите од Азија-Пацифик, Блискиот Исток и Африка, региони што долго време беа на маргините на славата на Светското првенство, заедно постигнаа повеќе голови од кога било досега.
И покрај мноштвото контроверзии за време на првото Светско првенство што се одржа во земја од Блискиот Исток, сите очи денеска се вперени кон натпреварот меѓу Франција и Аргентина. Дали Катар ќе добие или не поврат на својата огромна инвестиција барем за еден ден е од второстепена важност споредено со тоа кој ќе го освои трофејот.