Третата светска шампионска титула на Аргентина, по вчерашниот меч што веројатно ќе остане запаметен како „класика за сите времиња“, создаде редок момент на еуфорија и среќа во земјата погодена од речиси трицифрена инфлација и соочена со месеци на економска и политичка неизвесност.
Радосни навивачи, облечени во сино-белите бои на националното знаме, се собраа во центарот на Буенос Аирес во неделата попладне за да ја прослават победата, која во некои моменти од натпреварот се чинеше дека веројатно ќе се лизне од рацете на „гаучосите“. На крајот, освојувањето на трофејот, прв за Аргентина во последните 36 години, доведе до екстаза, во која Аргентинците заборавија на тешкотиите од секојдневниот живот.
Победата на пенали над Франција, по изедначениот резултат 3-3 во регуларниот дел на стадионот „Лусаил“ во Катар, исто така беше личен триумф за капитенот и тимски талисман Лионел Меси. Подигнувајќи го трофејот по бурната вечер во Катар, Меси го „зацементира“ својот имиџ како најдобар фудбалер во светот и, потенцијално, на сите времиња.
Можноста во живо да видат како аргентинската „десетка“ на 35 години пишува историја, како Диего Марадона пред него, поттикна илјадници Аргентинци да тргнат на напорно и скапо патување кон Катар - навивачи како 41-годишниот Емилијано Пијано. Тој присуствувал на сите седум натпревари на Аргентина, прво со својата партнерка, а потоа со петмина пријатели, кои пристигнале подоцна.
„Лично, ова е остварување на сонот“, вели Пијано по телефон среде мноштвото навивачи што славеа во Катар. „По пет светски првенства во потрага по трофејот, конечно можев да го видам Меси како светски шампион“.
Меси го постигна воведниот гол на натпреварот - од белата точка - повторно постигна гол во продолжението за 3-2 и прецизно шутираше од 11 метри, за време на пенал-рулетот. Кога Гонзало Монтиел го зададе победничкиот удар, Меси падна на колена во кругот на центарот и беше „поклопен“ од соиграчите.
„Лудо е што се случи на овој начин“, рече тој. „Толку многу го сакав ова“.
За Пијано и милиони Аргентинци, победата го ублажува ударот од уште една болна економска година.
Инфлацијата, која е горлив проблем во земјата склона кон кризи, се заканува да ја заврши годината на близу 100 отсто, откако ја започна на 50 отсто. Додека побарувачката за работници се врати и невработеноста опадна, растот на платите за многу нови вработени е под стапката на инфлација, што значи дека Аргентинците ја губат куповната моќ. Екстремната сиромаштија е во пораст.
Ако историјата е некаков показател, претседателските избори следната година треба да внесат поголема нестабилност во економијата, која веќе се соочува со суша во земјоделството, што се очекува да му наштети на клучниот извоз на стоки. Економистите анкетирани од централната банка очекуваат инфлацијата да остане близу 100 отсто до крајот на следната година.
Но, барем засега, постои чувство дека сите Аргентинци се на иста страна.
„Ова е достигнување што ја обедини земјата“, вели Пијано. Победата „не решава ништо, но за момент се чувствувате благодарно што не постои жестоката политичка поделба“, објаснува тој.
Тешките економски вистини сега не се во центарот на вниманието, додека навивачите триумфално ги брануваат улиците на главниот град, танцувајќи, пеејќи, качувајќи се по терасите и уличните светилки... Прославата колку што е за целиот тим, толку е и за Меси. Многумина се убедени дека без него, тимот ќе заминеше дома многу порано.
Откако небесносините ја започнаа својата кампања со неверојатен пораз од Саудиска Арабија, токму Меси со своите играчки квалитети го подигна тимот и му помогна да дојде до пет последователни победи пред неделната пресметка.
Меси по финалето најави дека сè уште не планира да го закачи својот познат аргентински дрес.