Кина дневно веројатно има дури до еден милион луѓе заразени со ковид-19 и 5.000 смртни случаи од вирусот, додека се обидува да ја заузди најголемата епидемија во поновата историја, покажува новото истражување.
Ситуацијата може да стане уште полоша за земјата со 1,4 милијарда жители. Овој тековен пораст би можел да ја покачи дневната стапка на случаи на 3,7 милиони во јануари, според анализата на „Ерфинити“ (Airfinity), компанија за предиктивна здравствена аналитика со седиште во Лондон, која ја следи пандемијата откако се појави. Потоа веројатно ќе има уште еден скок на инфекции, што ќе го придвижи дневниот врв во март на 4,2 милиони, проценува „Ерфинити“.
Процените на научниците што користат податоци од кинеска провинција укажуваат дека обемот и бројот на жртвите на пандемијата во Кина покажуваат дека ефектот од ненадејниот пресврт на антиковид-политиката на земјата е многу поголем од процената на владата.
Кина во средата официјално објави 2.966 нови случаи, а од почетокот на декември имаше помалку од 10 смртни случаи од ковид. Но ова е во спротивност со зголемениот број на извештаи дека болниците се преполни со пациенти и дека крематориумите се полни многу повеќе од нивниот капацитет.
Значаен фактор е и промената во начинот на кој владата известува за бројките. Кина во голема мера ја затвори својата огромна мрежа на станици за масовно тестирање и се откажа од напорите да ја евидентира секоја инфекција во дневен извештај, оставајќи ги граѓаните да се потпрат на брзите тестови, без обврска да ги пријават резултатите од тестот. Националниот здравствен регулатор исто така тивко усвои потесна дефиниција за тоа што се смета за смрт предизвикана од ковид, која е многу поселективна од онаа што ја користат многу западни нации, што дополнително ја компликува процената на вистинската бројка на тековната „поплава“ од инфекции.
Овие промени значат дека „официјалните бројки веројатно нема да бидат вистински одраз на епидемијата што се случува низ целата земја“, вели Луиз Блер, шеф за вакцини и епидемиологија на „Ерфинити“, додавајќи: „Промената може да го намали бројот на смртни случаи пријавени во Кина“.
Прецизното следење на ситуацијата со ковид-19 останува тешко низ светот, бидејќи со тековната циркулација на вирусот сè помалку земји избираат често да тестираат. Појавата на високопреносливата варијанта омикрон предизвика скок на инфекции, вклучувајќи и во САД, кои во јануари годинава објавија најголем дневен број на заразени со вирусот досега - 1,4 милион инфекции. Тоа се совпадна со бројката на глобално ниво, која надмина четири милиони заразени, според компанијата за следење податоци „Аур ворлд ин дејта“ (Our World in Data).