Ако американскиот пазар на труд продолжи да слабее следната година, компаниите ќе се охрабрат и можеби ќе им дозволат на вработените да работат од далечина. Директорите генерално се поделени во два табора кога станува збор за работа од дома, тренд што се зголеми за време на пандемијата, кога работниците добија потпора за време на тесниот пазар на трудот. Едни веруваат дека тоа има предности, како посреќни вработени, додека други велат дека културата на компанијата се гради во канцеларијата.
„Постои вистинска разлика меѓу организациите. Почнувате да гледате како компаниите избираат страни“, рече Мелиса Свифт, лидерка за трансформација на работната сила во консултантската куќа „Мерсер“.
Сепак, изгледа дека работата од далечина ќе остане. „Галуп“ (Gallup) проектира дека околу 75 проценти од работниците што се способни да ги извршуваат работните задачи од далечина ќе бидат хибридни или целосно оддалечени на долг рок. Ги издвојуваме главните причини зошто експертите велат дека работата од далечина ќе продолжи во 2023 година.
1. Задржување
Дозволувањето работа од далечина е клучно за задржување на работниците. Хибридната работа ги зголеми задоволството и продуктивноста на вработените, намалувајќи ги трошоците за 35 отсто, според студијата објавена летово од истражувачите од универзитетот „Стенфорд“, Универзитетот во Чикаго и Технолошкиот институтот од Мексико.
„Вработените доживеаја нови нивоа на исполнување работејќи од дома, а на компаниите им беше тешко да го оправдаат враќањето назад“, рече Кејтлин Дафи, директорка за истражување во консултантската фирма „Гартнер“.
На пазарот на трудот, кој и понатаму е тесен, многу компании не можат да си дозволат да ги испуштат талентите. „Тоа е особено точно за тие со високи перформанси, дури и ако економијата се влошува“, смета Притвирај Чудхури, вонреден професор на бизнис-школата „Харвард“.
„Во секое економско опкружување, врвните таленти секогаш имаат надворешни опции“, рече Чудхури, кој ја проучува работата на далечина.
2. Регрутирање
Работата од далечина овозможува регрутирање поголема географска област и пристап до поголем базен на таленти. Тоа е голема предност, особено за специјализирани улоги, каде што е тешко да се најдат квалификувани кандидати. Тоа, исто така, им дава на работодавците подобра можност за освојување таленти од технолошките центри од далечина. Нудењето работна флексибилност може да ги поддржи и иницијативите на компаниите за различност, правичност и инклузивност. Вработените родители и обоените луѓе, исто така, пријавија огромни придобивки од работата на далечина.
3. Намалување на трошоците во време на рецесија
„Наместо да го поништи преминот на работа од далечина, рецесијата може да го забрза трендот, бидејќи може да ја намали потребата за канцелариски простор и да им помогне на компаниите да ги намалат трошоците“, смета Чудхури. Летоска „Јелп“ (Yelp Inc) ги затвори своите канцеларии во Њујорк, Чикаго и Вашингтон, со план заштедите да ги насочи на вработување и бенефиции за вработените. Набргу потоа „Лифт“ (Lyft Inc) изнајми околу половина од својот деловен простор во Сан Франциско, Њујорк, Сиетл и Нешвил. Други големи компании, како што се „Мета платформс“ (Meta Platforms Inc) и „Амазон“ (Amazon.com Inc), ги намалија плановите за проширување на канцелариите. Вработените на кои им е дозволено да работат од дома се подготвени да прифатат дури и намалување на платата во замена за поголема флексибилност и помали трошоци за патување. Политиките за работа од каде било, исто така, им дозволуваат на шефовите да ги намалат трошоците за работна сила со вработување во држави како Ајдахо, Луизијана и Канзас, кои имаат пониски трошоци за живот.
4. Ризици од пресврт
Ако компаниите се премислат, директорите ризикуваат да ја нарушат нивната репутација. Погледнете го само „Твитер“. Во обид да ја размрда компанијата минатиот месец, новиот главен извршен директор Илон Маск му стави крај на моделот на компанијата на работење од далечина. Но толку многу вработени се одлучија за испратнина, што тој мораше да го омекне својот став за да убеди дел од персоналот да остане. „Максималното искористување на моќта на овој начин не е добра долгорочна стратегија“, смета Бен Гренџер, главен психолог на работни места во „Квалтрикс“ (Qualtrics).
„Идните кандидати можат да ги видат коментарите на вработените што заминале. Тие можат да ги читаат написите. И би било мудро лидерите да размислат за тоа“, рече Гренџер.