Пред десет години купив еднобрзински велосипед во Њујорк, за околу 300 долари. Не се сеќавам на марката, а единствената етикета што стоеше на рамката одамна избледе. Кога пред неколку години се преселив во предградие, велосипедот заврши во гаража на неодредена хибернација. Но овој октомври креирав планови на велосипедот да му направам екстремна преобразба. Со помош на опремата што ја изработи лондонскиот стартап „Свич бајк“ (Swytch Bike) ќе го претворам мојот стар велосипед во електрично превозно средство со мотор.
Во текот на минатите неколку години електричните велосипеди процветаа во САД, поттикнато од пандемијата во активностите на отворено, растечката свест за нивната корисност како замена за автомобилите и созревањето на синџирот на испораки што ги намалува трошоците. Просечната цена на електричниот велосипед за приградско возење сега е околу 2.600 долари, а може да се набави пристоен и за помалку од 1.000 долари. Но пред десет години електричниот велосипед уште беше само занимливост.
За првите корисници надградбата на старите велосипеди често беше поевтина и полесна од купување готови електрични модели.
„Некогаш тоа беше голема работа. Но сега не е така, бидејќи електричните велосипеди станаа атрактивни и добија на вредност“, вели Ед Бенџамин, основач и претседател на Здружението за лесни електрични возила.
„Свич бајк“ се надева дека ќе влезе на многу поширок пазар. Пред да се распродадат нивните комплети оваа есен, тие почнаа со верзија на батерија од 98 вати за 500 долари и достигнаа до 800 долари за батерија од 180 вати. Компанијата нуди комплети за преобразба како начин на приклучување кон бумот на електрични велосипеди со минимални промени во цената или испуштањето на јаглероден диоксид.
„Тоа е навистина лесно да се направи. И тоа ќе ви заштеди многу пари“, рече коосновачот и главен извршен директор на „Свич бајк“, Оливер Монтег, за време на неговото интервју во октомври.
Како студент по инженерство на Универзитетот во Оксфорд во 2012 година, Монтег создаде мала компанија што конструира и продава преку интернет електрични велосипеди и комплети за адаптација. Со текот на времето, тој открил дека има стотина различни делови на хардверот направени за работа со различни модели и големини на велосипеди.
„Проблемот што ме доведе до првата верзија на прототипот на комплетот ’свич’ (Swytch) беше само обид да ја поедноставам мојата онлајн продавница“, рече тој.
Во 2017 година, Монтег го основа „Свич“ (Swytch) со својата сегашна сопруга Хејли (40) и главниот директор за технологија Дмитро Хрома (27). Компанијата ја продаде првата верзија на својот комплет преку кампања за масовно финансирање подоцна во текот на истата година.
Од 2022 година, „Свич“ собра околу шест милиони долари, главно од бизнис-ангели. Монтег вели дека компанијата очекува да испорача околу 30.000 единици оваа година, а има околу 70 вработени и приход од околу 20 милиони долари.
Откако „Свич“ дозна некои основни информации за мојот велосипед, како големина на тркала, тип на виљушка итн., компанијата ми испрати кутија со моторизирано тркало, батерија и различен друг хардвер, заедно со упатства за монтирање на сето тоа на мојот велосипед. „Свич“ ми ја испрати и помалата батерија, која тежи околу 900 грама и е приближно со големина на дебел паметен телефон, како и поголемата верзија, која тежи околу еден килограм повеќе и е поблиску до големина на таблет.
Монтег сака да каже дека секој што може да смени гума за велосипед е квалификуван да го користи комплетот „свич“, а тоа правило се покажа како точно. Јас немам многу практика да менувам гуми и не можев сосема сам да ја завршам адаптацијата. Во обид да го заменам предното тркало на мојот велосипед со моторизираното на „свич“, ја дупнав внатрешна гума и морав да одам до продавница за велосипеди.
Но освен таа мала помош, успеав сам да го инсталирам комплетот. Го зацврстив предното тркало „свич“, кое има мотор од 250 вати, го монтирав држачот за батерии на рачката, го прикачив сензорот за педалот на рамката на мојот велосипед, го прицврстив соодветниот магнетен диск со патентот на еден од педалите, го монтирав контролорот на управувачот, ги прикачив сите жици на држачот за батеријата и ги поврзав со синџирот по должината на рамката од велосипедот.
Монтег и Хрома потоа се поврзаа со мене преку видеоповик, за да ја прегледаат мојата работа, нешто што типичниот клиент може да го направи со агент за корисничка поддршка на клиентите на „Свич“. Монтег предложи повторно да заврзам дел од жицата по должината на рамката, за да не ми се закачи за ногавиците за време на возење, и ме пофали како сум го наместил ненагодениот контролор на дисплејот да седи слободно на врвот од рачките за управување.
„Изгледа дека сте завршиле доста добра работа таму. Мислам дека начинот на кој ти го направи тоа е истиот начин на кој би го направил и јас самиот“, рече тој.
За поставувањето ми требаше околу еден час и иако не е особено убаво, сепак е едноставно. Сè во комплетот „свич“ лесно се исклучува и се вклучува и ништо не го спречува велосипедот да се вози без напојување со струја од моторот.
„Со целосно електричен велосипед ако батеријата е мртва, никогаш нема да го возите тоа нешто. Со велосипедот 'свич' ако ја извадите батеријата, тој сепак е велосипед. Исто тежи, исто вози, исто се справува“, рече Монтег.
Со инсталираниот комплет, возењето на мојот велосипед е многу слично како порано, освен што е малку полесно и малку побрзо. Моторната помош може да се постави на пет нивоа и работи само додека вртите со педалите. Моторот се исклучува кога велосипедот ќе достигне 15 милји (24 километри) на час, ограничување што може да се постави и на 20 милји (32 километри) на велосипедите во САД. Што се однесува до искуството со возењето, хибридот беше подобар од мојот велосипед без мотор, но не толку добар како електричните велосипеди што ги пробав од „Каубој“ (Cowboy) или „Спешлајзд“ (Specialized).
Во голем дел цената на комплетот „Свич“ зависи од велосипедот што се конвертира. Ако веќе поседувате добро изработен велосипед, „Свич“ веројатно може да му обезбеди електричен мотор за помалку отколку што би можеле да потрошите на висококвалитетен електричен велосипед. Ако вашиот велосипед е на некое средно ниво, како мојот, комплетот ќе го претвори во средна класа на е-велосипед и можеби ќе ви биде подобро со еден од многуте оригинално создадени електрични велосипеди на пазарот.
Но овој начин на преобразба на велосипедот има и еколошка придобивка, како што тврдат од „Свич“.
„Ако купите сосема нов електричен велосипед затоа што мислите дека тоа е добра работа за животната средина, првично неутрализирате еден куп од таа придобивка со правење нов велосипед од нула со многу алуминиум, многу метал, многу работи што не требало да ги купите“, вели Хрома.
И има малку вистина во тоа. Во својот извештај за одржливост за 2021 година, производителот на велосипеди „Трек“ процени дека производството на еден од неговите модели во просек испушта еквивалент од 175 килограми ЦO2, приближно еднакво количество емисии со еден резервоар за гас во „Форд“. Но иако избегнувањето на производството на шасија за велосипедите нуди маргинално намалување на јаглеродниот отпечаток, сепак повеќе од половина од проценетите емисии на електричниот велосипед доаѓаат од производството и изработката на нивните батерии. А секој хибриден е-велосипед, конвертиран или не, е многупати поефикасен од кој било автомобил.
За љубителите на е-велосипеди, особено за тие што сакаат да чепкаат, тоа што го нуди комплетот „свич“ е евтина алтернатива со ниска посветеност за возење. „Тоа е предлог што се покажа особено популарен во САД и кој брзо го засенува Обединетото Кралство, како врвен пазар на компанијата“, смета Монтег. Тој го припишува тоа на силната култура за „направи сам“: „Тоа е многу забавен мал проект за правење“.