Просечната саатнина во земјава изнесува пет евра. Според податоците на државната статистика за цената на трудот во 2020 година, за еден одработен час работодавачите плаќале по 306 денари. Државата поскапо го плаќала одработениот час, тој чинел 333 денари. Кај приватните газди, просечниот одработен час чинел 291 денар. Во земјава работниците работат во просек 1.780 часа годишно.
Податоците покажуваат голем јаз во заработувачката меѓу секторите. Додека информатичарите во 2020 заработувале 526 денари, работниците во сместувачките објекти и рестораните добивале по 192 денари за еден одработен час. Или пресметано во литри гориво по јуните цени од пред две години: информатичар можел да наточи 8,6 литри бензин или над 10 литри дизел. Келнерот за својата саатнина можел да купи само три литри бензин или 3,7 литри дизел.
На годишно ниво, газдите за еден работник во 2020 година плаќале во просек 8.860 евра. Разликата меѓу најплатените и најслабоплатените работници изнесува дури 10.000 евра или за информатичарите газдите во просек имаат трошок од 15.600 евра годишно, за келнерите и вработените во сместувачките објекти само 5.600 евра.
За овој период од две години, статистиката бележи раст на просечните месечни примања на работницата во земјава. Бруто платата во 2020 година изнесувала 42.000 денари, а мартовската бруто плата годинава изнесувала 46.430 денари.