Велат виното е пијалaк на боговите, а тоа често е дел од нашата трпеза и е неизбежен дел за време на празнувањата. Празниците се мерак за душата со убава и вкусна трпеза и уживање во добро вино. Но колку е подобар квалитетот на виното, толку е поскапо, особено ако се земат предвид ресторанските цени.
Разговаравме со вработени во повеќе реномирани ресторани во главниот град и прашавме какви се навиките на гостите кога станува збор за изборот на вино, кои вина најчесто се трошат и колку пари љубителите на овој пијалaк се подготвени да одвојат за да уживаат во добра сорта вино за време на својот ручек или вечера.
Изборот на вино зависи од вкусот, но и од длабочината на џебот на гостите
Заклучокот дефинитивно оди во насока дека изборот на вино зависи од неколку работи, но клучен е вкусот на гостите, а како втор критериум за носење одлука секако е тоа колку се подготвени да платат за да уживаат во добро вино.
„Сѐ зависи од типот на гостите и колку сакаат да потрошат. Инаку, да, се пијат скапи вина и кај нас тоа се исклучиво македонски вина, кои најчесто се од сортата вранец или мешавина со мерло или каберне. Таквите вина во просек чинат од 2.500 денари за шише, па нагоре, дури до 12.000-13.000 денари“, велат вработените во ресторанот „Скопски мерак“.
Тие во своето мени имаат различни вина од повеќе винарници, вклучувајќи ги „Камник“, „Бовин“, „Тиквеш“ и „Далвино“, а продаваат и наливно вино, кое, секако, е поевтина варијанта или барем нуди уживање за тие што пијат симболично по една чаша вино. Овој ресторан најмногу ги продава вината на „Камник“ и на „Тиквеш“, особено „барово“ и „бела вода“, како поексклузивни, кои чинат по околу 3.000 денари.
„Тоа е солидна цена за вина што се поквалитетни. За да пиете убаво вино, треба да сте љубител на тој пијалак, а таквите гости одвојуваат од 3.000 до 5.000 денари за добро вино. Голем процент гости веќе знаат што да пијат, но за тие што не знаат или не се сигурни имаме обучени келнери, кои можат да објаснат и да предложат вино соодветно на вкусот и желбите на потрошувачите“, велат од „Скопски мерак“.
Националниот ресторан „Чардак“ важи за куќа на вината. Имаат вина од 15 винарници и сопствена винотека. Оттаму велат дека најмногу се пијат средната класа вина, чија цена се движи од 800 до 1.200 денари за шише.
„Најмногу се пие белото вино, претежно поблагите, како темјаника, а помалку се пие црвеното вино. Нема значење дали е некој празник или нормален ден, изборот на вино зависи единствено од периодот во годината“, вели еден од вработените во ресторанот.
Кај нив најмногу се трошат комерцијалните вина, чија цена оди до 3.000 денари. Иако имаат и поскапи врвни вина на менито, сепак, велат дека тие ретко се трошат.
Ресторанот „Лира“ на своето мени ја има речиси целата палета на вина од „Тиквеш“ и „Бовин“, почитувајќи ги, како што велат, како постари винарници што имаат одржлив квалитет. Но имаат вина и од други производители.
„Трошењето за вино зависи од гостите. Има такви што навистина уживаат, а има и гости што сакаат да се напијат само чаша или две. Најголем дел наши клиенти дозволуваат да им предложиме какво вино да пијат. Особено странците не избираат, туку пијат тоа што ќе им предложиме и најчесто станува збор за најквалитетните вина“, раскажува Митко Митревски, кој е дел од екипата на ресторанот „Лира“.
Според неговото искуство, нема правила дали станува збор за празник, некој посебен или најобичен ден. За љубителите на вино нема одреден ден и тие што уживаат во подобар квалитет порачуваат вина на „Камник“, „император“ на „Бовин“, „барово“ или „бела вода“ на „Тиквеш“. Но ресторанот нуди и наливни вина со солиден квалитет, кои чинат по околу 200 денари за чаша, или 1.000 денари за шише.
„Стара куќа“ е еден од рестораните што се познати по понудата на македонска традиционална храна, па во своето мени, разбирливо, се придржуваат и до македонските вина. Најголем избор имаат од винарниците „Тиквеш“, „Бовин“ и „Камник“. Нудат наливно вино, чија цена е меѓу 1.000 и 1.200 денари за шише, како и амбалажирано, кое во зависност од сортата, квалитетот и годината на производство може да чини од 1.000 денари до 25.000 денари.
„Домашните гости најчесто знаат што сакаат да пијат. Потребни сме кај странците, за да им објасниме повеќе околу сортите и потеклото на вината. Независно од денот, исто се пие вино, дури нема разлика во продажбата ниту во делот дали е виното наливно или амбалажирано. Гостите постојано исто трошат“, велат од „Стара куќа“. Според нивното искуство, единствената разлика е што во текот на есенските и зимските месеци многу повеќе се пие црвеното вино.
Вработените од ресторанот „Лајт“ велат дека во последно време наливното вино на куќата го презема приматот во потрошувачката, а чаша поквалитетно наливно вино чини меѓу 200 и 220 денари и главно тоа се белото „шардоне“ и црвеното „вранец“ на „Тиквеш“.
„Тоа не значи дека амбалажираните вина не одат. И тие се држат добро. Ние имаме вина од ‘Тиквеш’, ‘Камник’, ‘Бовин’ и ‘Лазар’. Какво вино пијат гостите главно зависи од пригодата, но коректна цена што ја трошат за вина е меѓу 1.200 и 1.500 денари. Гостите во принцип знаат што да пијат, а има многу добри и убави македонски вина достапни за таа цена“, вели вработен во ресторанот „Лајт“.
Тој додава дека кога станува збор за скапи и врвни вина, имаат и такви што чинат околу 30.000 денари, но најмногу се трошат врвни македонски вина чија ресторанска цена е околу 6.000-7.000 денари.
Од ресторанот „Соул кичен“ велат дека изборот на вино главно зависи од цената, но непишано правило, според нив, е помладите да пијат наливно вино, а странците да пијат скапи амбалажирани вина.
„Нема врска дали станува збор за лето или зима, или дали е празник или нормален ден, единствена разлика прави за кој период од денот станува збор. Навечер се пие доста вино, прекуден поретко. Најмногу се трошат поевтините вина, чија цена се движи околу 1.400 денари, но се продаваат и вина чија цена достигнува и околу 8.000-9.000 денари“, велат од „Соул кичен“. Нивното искуство покажува дека гостите често имаат потреба од совет или препорака од страна на персоналот за изборот на вино, независно дали станува збор за домашни или странски гости.
Ресторанот „Трибека“ соработува единствено со винарницата „Тиквеш“ и персоналот вели дека речиси еднакво се троши и наливно и амбалажирано вино.
„Некои сакаат чаша, некои шише. И двете се трошат. Кога станува збор за амбалажирано вино, обично гостите најмногу ги пијат ’барово’ и ’бела вода’, а ’александрија’, на пример, многу се продава на чаша. Во зависност од вкусот, голем дел љубители на овој пијалак немаат проблем да одвојат од 2.000 до 3.500 денари за шише вино. Во принцип знаат што сакаат, но се случува некогаш да бараат помош и насоки од нас“, велат од „Трибека“.
Искуството од ресторанот „Шпајз“ покажува дека многу се троши наливно вино, но не на чаша, туку најчесто се продава на литар, а чини 1.000 денари.
„Тие што бараат сугестии се поискрени, а има и такви што точно знаат што сакаат, од која винарница и од која година на берба сакаат да пијат вино. За пиење вино апсолутно нема врска кој ден е. Навистина има голем подем во винската култура кај нас“, вели една од вработените во ресторанот. „Шпајз“ ги нуди вината на „Стоби“, „Бовин“, „Камник“ и „Тиквеш“.
Оттаму, пак, велат дека странците најчесто доаѓаат веќе информирани за македонските вина.
„Тие знаат дека автохтона сорта е вранецот и доаѓаат информирани. Сакаат да пробаат од најдолна сорта вранец, на пример, до најквалитетното вино. Секако дека некои од нив бараат совет и препорака, но можеби 70 проценти од странците се добро информирани за нашата винска култура“, велат од ресторанот.
Белото вино убедливо повеќе се пие во рестораните
Од тоа што за „Блумберг Адрија“ го раскажаа вработените во рестораните, може да заклучиме дека секако важи она старо правило дека во есенските и зимските денови убаво „лежи“ црвеното вино, додека во пролетниот и летниот период најмногу одговара белото вино. Сепак, нивното искуство покажува дека во последните години белото вино се троши убедливо повеќе од црвеното и се пие во текот на целата година, додека црвеното вино се пие поретко ако не му е сезона.
„Црвеното вино е позастапено во зима, во согласност со храната. А белото се пие постојано, преку целата година, иако особено е барано налето“, вели Митко Митревски од ресторанот „Лира“.
Искуството на угостителите покажува дека странците се тие што знаат летно време да пијат црвено вино.
Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2021 година само за вино во рестораните се потрошиле речиси шест милиони евра, односно речиси 365 милиони денари. Но тоа е значајно помалку отколку прометот во угостителските објекти направен во претпандемиската 2019 година. Тогаш од продажба на вино рестораните инкасирале над десет милиони евра, поточно 616,5 милиони денари. За ваквата разлика во бројките улога имаат пандемијата, рестрикциите на движењето и долгиот период на забрана за работа на угостителите.
Македонија има долга традиција со виното
Географската положба на Македонија и климата карактеристична за ова поднебје нудат околу 280 сончеви денови и температури идеални за одгледување грозје. Македонското вино е еден од неколкуте македонски извозни производи што се препознатливи во светот. Македонија, по Грција, е втор најголем извозник на вино во регионот, односно на 29-то место во светот. Во 2021 година, по оваа основа, земјава инкасирала 61,4 милион долари, што е за 19,1 отсто повеќе споредено со 2020 година.
Но интересот за одгледување лозови насади со текот на годините се намалува, најмногу поради миграцијата на населението, а особено, како што велат лозарите, поради сѐ помалата корист од оваа работа. Тие со години се жалат дека приходите се мали и не се исплати вложениот труд. Резултатот е дека за речиси 25 години површината под лозови насади е намалена за 6.000 хектари, односно во 1997 година имало засадено грозје на 29.000 хектари, додека во 2021 година оваа култура се одгледувала само на 23.000 хектари.
Од друга страна, винарниците и властите со години, преку различни планови, стратегии и мерки, се обидуваат да најдат начин како одгледувањето грозје повторно да го направат атрактивно за работа.
Најнов тренд во Македонија се малите семејни винарници, кои имаат сопствени лозови насади и самите произведуваат пијалаци од овој плод. Според последната евиденција на Министерството за земјоделие, во август 2022 година се регистрирани вкупно 139 винарски визби, од кои 100 се мали семејни винарници, со капацитет до 50.000 литри.
Податоците од Министерството за земјоделство за последните години покажуваат тренд на намалување и на производството на грозје и на производството на вино, со исклучок на 2020 година, кога е регистриран скок и кај одгледувањето грозје и кај производството на вино. Во периодот од 2018 до 2021 година е произведено 25.000 тони помалку грозје, а производството на вино опаднало дури за 20 милиони литри.