Минатата година во Македонија биле произведени 149.006 тони грозје, што е најмалку од 2005 година досега. Главна причина за тоа се долгата транзиција и промената на политичко-економските фактори што влијаат на производството на грозје, а не толку многу климатските промени, вели Александар Ристовски, оперативен менаџер во винарницата „Лазар“, во интервју за ТВ Блумберг Адрија.
„Во секој случај, падот на просечната родност на лозовите насади е намален поради интензитетот т.е. фокусот на производство на поквалитетно грозје, поквалитетни вина, каде што квантитетот и квалитетот секојпат се во обратна насока“, вели Ристовски.
Сепак, тој заклучува дека транзицијата од мало расцепкано лозарско производство во едно модерно, современо и економски исплатливо лозарско производство во Македонија трае премногу долго, над дваесет години.
Александар Ристовски (ТВ-гостување)
Bloomberg Adria
„Резултат на тоа се намалени површини со лозови насади. А се намалува и производството на винско грозје. Од над 35.000 во 1995 година, денес имаме помалку од 20 илјади лозови насади, од кои само 16-18 илјади се винско грозје, а остатокот е трпезно грозје“, вели Ристовски.
Веќе неколку години сите винарски визби во Македонија се во потрага по грозје.
„За разлика од регионот, во Македонија најголемиот дел од производството на грозје се произведува кај мали приватни лозари, а винарските визби се главно преработувачи на тоа грозје. Многу малку од винарниците имаат сопствени површини на лозови насади што ги задоволуваат нивните потреби. Овој систем е наследен од поранешната Југославија и полека транзитира кон тоа секоја винарница да има повеќе сопствени лозови насади“, вели Ристовски.
Тој додава дека малите приватни лозари го губат интересот да произведуваат грозје, го напуштаат лозарството и бараат други професии, а како најголем проблем го посочува иселувањето на младите.
Ристовски смета дека во делот на производството на грозје треба да се направи реорганизација на системот на субвенционирање на лозовите насади и посочува дека сега се субвенционира сè и сешто. Субвенции има и за една педа земја и за големи лозови насади.
„Кај големите и економски профитабилни производители на грозје субвенциите се многу мали, додека кај малите производители на грозје субвенциите се многу повисоки ако гледаме по основ на субвенции по површина од хектар. Тоа води кон социјална наместо кон економски развојна политика“, вели Ристовски.
Тој порачува дека и на ова поле траба да се размислува за промени со цел да се инвестира во нови лозови насади, да се зголеми просечната големина на лозовиот насад затоа што на тој начин се намалуваат трошоците за производство, да се инвестира во современа механизација што ги намалува трошоците и го подобрува квалитетот.
„Можам само да посакам или да предложам до новата македонска влада малку посериозно да вложи во таа презентација на македонските вина на пошироките пазари во светот, со акцент на Европа и Азија, каде што сепак мислам дека имаме соодветна конкурентност во смисла на квалитетот и цената на нашите вина“, вели Ристовски.