А мислевме дека веќе е тешко да се резервира маса во „Нома“ (Noma).
Ресторанот во Копенхаген, во сопственост на познатиот готвач со потекло од Тетовско, Рене Реџепи, кој е еден од најпознатите во светот и врвна дестинација за гастрономски туризам, објави дека трајно ќе ги затвори вратите за редовна услуга.
Добра вест за љубителите на врвна храна е што затворањето нема да се случи до крајот на 2024 година.
Прочитајте повеќе: Светски познатиот ресторан на тетовецот Реџепи во загуба
Гласините дека „Нома“ ќе се затвори кружат со месеци. Реџепи во понеделникот посочи дека не е можно да се направи математика со која ќе се одржува неговата и работата на речиси 100 вработени. „Мораме одново да ја обмислиме индустријата“, изјави тој за „Њујорк тајмс“. Во 2021 година ресторанот изгуби пари, дури и со владина поддршка, а продаваше оброци по цена и од 700 долари. Претставник на „Нома“ не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Нома“ го претвори Копенхаген во кулинарска дестинација и го стави новото нордиско готвење во светските лексикони. Откако ги отвори вратите во 2003 година, работеше главно под радарот на критиката сè додека не го освои првото место на 50-те најдобри во светот во 2010 година. Ресторанот ја освои таа титула вкупно пет пати, дури и во 2021 година.
Сега Реџепи ќе се фокусира на „Нома проџектс“ (Noma Projects), студио и лабораторија за ферментација, кое почна да продава производи како неговиот распродаден гарум од чадени печурки и разни други додатоци и зачини. Реџепи и неговиот тим во меѓувреме го прошируваат производството.
Затворањето на „Нома“ е уште еден лош знак за луксузните ресторани, каде што вечерите рутински чинат 500 долари или повеќе.
Ако не можете да резервирате маса во „Нома“, има и други можности да уживате во готвењето на Реџепи. „Нома Кјото“ ќе работи во „Ејс хотел Кјото“ (Ace Hotel Kyoto) оваа пролет. А Реџепи го држи и „Попл“ (Popl), бургер-бар што го отвори за време на пандемијата, а сега има постојана локација во Кристијаншавн.