Американските регулатори за воздухопловна безбедност имаат намера да побараат од патничките и товарните авиони да ги исполнат барањата до почетокот на следната година за навигациската опрема за справување со потенцијално небезбедните пречки од сигналите на 5Г мобилните телефони. Опремата е потребна затоа што поновите безжични сигнали се на фреквенции во близина на тие што ги користат радиомерачите за височина на авионите, кои ја одредуваат висината над земјата, и може да предизвикаат нивно неисправно функционирање, утврди Федералната управа за авијација.
Безжичните компании се желни за решение, бидејќи ѝ платија на владата повеќе од 80 милијарди долари за новите радиобранови. Промените ќе треба да се направат до 1 февруари 2024 година, се вели во соопштението на агенцијата.
Ризичните ситуации ќе се зголемат бидејќи телекомуникациските провајдери ќе ја прошират покриеноста со 5Г-мрежата низ САД, соопштија надлежните.
„Иако тие може да изгледаат безначајно, така што некои може да ги сметаат за обична непријатност, сепак овие предупредувања укажуваат на безбедносни импликации со текот на времето. Како што екипажот на летот станува сè повеќе десензибилизиран на погрешни предупредувања, тие имаат помала веројатност да реагираат на точно предупредување, целосно негирајќи ги безбедносните придобивки од предупредувањето и веројатно ќе доведат до катастрофален инцидент“, се вели во известувањето на регулаторите.
„Авиокомпаниите внимателно работат за да обезбедат флоти што ќе бидат опремени со усогласени радиомерачи за височина, но глобалните синџири на снабдување продолжуваат да заостануваат зад сегашната побарувачка. Секој владин рок мора да ја земе предвид оваа реалност“, алармираат од „Ерлајнс фор Америка“ (Airlines for America), лобистичката група што ги претставува најголемите американски авиопревозници.
Портпаролите на „Американ ерлајнс“ (American Airlines Group Inc), „Јунајтед ерлајнс“ (United Airlines Holdings Inc) и „Делта ерлајнс“ (Delta Air Lines Inc) не одговорија веднаш на барањата за коментар. Регулаторите проценуваат дека од 7.993 авиони регистрирани во САД, на кои би им требале ревизии, приближно 180 ќе бараат замена на радиомерачите за височина и 820 ќе додаваат филтри за да се усогласат со предложената наредба, а проценетиот трошок е дури 26 милиони долари.