За да ги покрие минималните трошоци на просечно македонско семејство му требаат 38.791 денари. Според пресметката на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за минималната кошничка растечките цени од почетокот на годината до мај ги зголемиле трошоците за 2.980 денари, а за една година за 4.635 денари или за 12,78 проценти.
Според анализата на ССМ, најголемо зголемување има кај цените на храната и пијалоците, или само за да се прехрани едно домаќинство троши 17.000 денари. Пред пет месеци за храна, семејствата трошеле 15.300 денари, а лани во мај 2.500 денари помалку.
Растот на цените е побрзо од растот на платите, иако и кај нив има позитивен тренд. Просечната плата за една година е зголемена за 2.360 денари, а од почетокот на годината досега за 1.100 денари.
Со просечна плата од 31.080 денари за задоволување на просечни потреби на едно домаќинство потребни се дополнителни 7.700 денари. Во јануари фалеле 5.800 денари, а во мај лани 5.400 денари.
На лицата со минималната плата од 18.000 денари им фалат 20.800 денари за да го поминат месецот.