Завршивте ли со тој безалкохолен пијалак? Од 2025 година потрошувачите во Англија ќе може да бараат дел од парите назад доколку го вратат празното пластично шише или конзерва за рециклирање. Шемата за враќање на депозитот, како што е познато, има цел да го намали ѓубрето во контејнерите за пијалаци дури за 85 проценти во Англија, Велс и Северна Ирска, во период од три години по лансирањето.
Слични програми функционираат со децении во некои земји, вклучувајќи и во Норвешка и Шведска, каде што помогнаа да се зголеми рециклирањето и да се намали отпадот. Во Норвешка стапката на рециклирање на пластични шишиња е 97 отсто. Во САД сметките за шишиња во неколку држави, вклучувајќи ги Калифорнија и Ајова, нудат поврат на средствата од 5 до 15 центи.
Шемата за враќање стапува во сила во Шкотска од август. Програмите за враќање шишиња работат со додавање мал надомест, обично неколку центи, на трошокот за конзервирани и амбалажирани пијалаци, што може да го надоместат потрошувачите кога ќе ја вратат амбалажата кај автоматите за враќање назад и на специјални места за враќање со кои управуваат компании или продавачи за пијалаци.
Во многу делови од светот беа воспоставени програми за депозити за стаклени шишиња пред производителите на безалкохолни пијалаци да се префрлат на поевтината, полесна и помалку кршлива пластика. Но таа погодност има страшна цена за животната средина. Ако сегашното производство остане вака, годишното производство на пластика би можело да достигне 1,1 милијарда метрички тони до 2050 година.
Поради изработката од фосилни горива, производството на пластика придонесува за емисии на стакленички гасови што ја загреваат планетата, а има значаен удел и во глобалниот проблем со отпадот. Бидејќи пластиката не е биоразградлива, таа се натрупува на депониите, ги затнува реките или излегува во морето, каде што го загрозува морскиот живот и навлегува во системите за храна. Поради сето тоа владите се под зголемен притисок да преземат акција.
„Ова ќе обезбеди едноставен и ефективен систем низ целата земја, што им помага на луѓето да го намалат отпадот и полесно да го рециклираат, дури и кога се во движење“, рече Ребека Пау, министерка за животна средина.
Програмата за поврат на средства има поддршка од индустриите за рециклирање и производство на шишиња за пијалаци, но еколошките групи ја критикуваа владата за времето што е потребно за да почне системот да функционира, како и за исклучувањето на стаклените контејнери од некои локации.
Политиката првпат беше објавена во 2018 година, кога владата одлучи да не ги вклучи стаклените шишиња во Англија и Северна Ирска поради загриженоста за безбедноста на автоматите за обратна продажба и повисоките трошоци за управување со нив. Индустриската група „Бритиш глас“ (British Glass) исто така се залагаше за исклучување на стаклените шишиња, тврдејќи дека собирањето отпад од домаќинството веќе е ефективно кога станува збор за рециклирање на стаклото.
„Овој план доцни и не ги вклучува стаклените шишиња во системот. Ова само дополнително ќе ги збуни потрошувачите“, рече Либи Пик, раководителка за политиката за ресурси во „Грин елиенс“ (Green Alliance), еколошки аналитички центар.