Енергетска криза, високи сметки за струја што значат непланирани трошоци, опасност од недостиг од електрична енергија, сето тоа ги принуди владите да наоѓаат различни начини за заштеда и справување со последиците од таквата криза. Има и препораки за штедење на потрошувачката на електрична енергија, што особено се однесува на државните институции. Треба да штедат сите, што реално предизвика промена на начинот на кој функционира светот. Еден аспект од живеењето се и културните настани. Многу светски медиуми известуваат дека мерките за штедење принудија светски културни установи да ги затвораат вратите за посетители, а како што веќе пишуваше „Блумберг“, Националниот музеј во Токио, Јапонија, неодамна извести дека и самурајските мечеви и антички артефакти се погодени од енергетската криза.
Како нашите културни институции ја доживеаја оваа криза? Дали ги погоди значително и како се справуваат анализираме токму во овој текст.
Музеите се едни од установите чија заштеда на струја е минорна, со оглед на природата на нивната дејност. Како чувари на историското и културното наследство, тие имаат строги правила и препораки за начинот на чување на предметите, за да ги заштитат од надворешните влијанија.
Директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, вели дека трошоците за струја во установата со која таа раководи се зголемени единствено врз основа на порастот на цените на електричната енергија и снабдувањето со топлинска енергија, кај кои има значителни покачувања во однос на истиот период минатата година. Но таа вели дека тоа не се одразува на работата на музејот.
„Археолошкиот музеј функционира како и претходно. Од 1 септември во музејот се применуваат препораките за штедење електрична енергија што за сите јавни установи ги предложи Владата и ние се придржуваме до нив, а тоа подразбира дека е исклучено осветлувањето на фасадата, не се користат лифтовите, освен за болни и посетители со посебни потреби, а вработените внимаваат да се придржуваат до максимално штедење на струјата. Со тие мерки воопшто не се променети условите на чувањето на културното наследство што се наоѓа во музејот“, вели Бабамова.
Сепак, тоа се споредни работи за музејот. Главната дејност, чувањето и одржувањето на артефактите, за разлика од работните простории, не трпи препораки за штедење.
„Температурите во музејот, односно во депоата и во изложбениот простор на археолошката поставка се движат во границите на препорачаните вредности и секојдневно се контролираат од стручните лица. Температурите во работните простории се регулираат од страна на вработените во согласност со препораките за штедење“, вели директорката на НУ Археолошки музеј на Македонија, Славица Бабамова.
Иако со најмалку двојно повисоки сметки за струја, сепак Музејот на Македонија функционира без проблеми.
„Во споредба со 2021 година, во 2022 година сметките за струја се зголемени минимум во просек од 100 проценти, а сметките за топлинска енергија се незначително променети во 2022 во однос на 2021 година. Тоа не се одразува на тековното работење на музејот, сметките за струја и топлинска енергија редовно се намируваат и музејот нема заостанати долгови“, информираат од НУ Музеј на Македонија.
Оттаму велат дека донеле соодветни мерки, во согласност со владините препораки, со кои дополнително се заштедува електрична енергија, но тоа сепак се однесува на споредните работи во музејот, а не во просториите каде што се складирани предметите.
„Дополнително се поставени одредени ограничувања на топлотните пумпи за заштеда на електрична енергија, кои не влијаат на специфичните услови потребни за одржување на културното богатство. Потребната температура за соодветна грижа на предметите се движи околу 18-20 степени (+/-3̊; за различни видови предмети е потребна различна температура). Постојат и други услови за соодветна грижа на предметите, од кои би ги одвоиле влажноста на воздухот, соодветната светлина и сл“, велат од НУ Музеј на Македонија.
Дека музеите тешко се справуваат со енергетската криза потврдува и Весела Честоева, директорка на Винскиот музеј за регионот Тиквеш , која претходно раководеше и со Археолошкиот музеј во Скопје.
„Музеите како културни институции тешко се справуваат со енергетската криза. Сметките енормно се покачија. Конкретно, Винскиот музеј за регионот Тиквеш - Кавадарци, благодарение на подршката односно субвенционирањето од страна на локалната самоуправа, успева да се справи со оваа ситуација“, вели Честоева, која исто така го истакнува фактот дека историското и културно наследство бара строги услови за чување.
„Штедењето во овие институции е невозможно затоа што овде се чува непроценливо културно наследство, кое бара одредени музеолошки стандарди во делот на температурата и климатизацијата. Предметите бараат и одредена влажност во воздухот, така што многу малку може да се зборува за некаква рестрикција во тој дел. А тука се и културните настани, изложби, промоции, секојдневните тури на кои доаѓаат посетителите и ние не можеме да го одржуваме тоа во ладни простории“, вели директорката Весела Честоева.
Некои од музеите единствено што можат да направат е да го скратат работното време за дел од персоналот, со цел да се заштеди на дополнително греење во вечерните часови во административните работни простории.
„Немаме проблем во однос на сметките за струја, но, од друга страна, не може ниту да штедиме таму каде што не смее да се штеди. Ние имаме исти активности засега без посебно зголемување на потрошувачката на струја, иако имаме повеќе објекти под наша надлежност“, вели Митко Штерјов, директор на НУ Завод и музеј Штип.
„Нормални се дневните посети, а намалувањето што го правиме, а со тоа и штедењето на некој начин, е што ја укинавме втората смена и попладне и навечер немаме внатре чувари, имаме само аларми, а надвор патролира обезбедување, кое го плаќаме преку приватна агенција за обезбедување имот и лица. Штедењето е што нема дополнително греење навечер за вработени и чуварски служби. Ние го воведовме тоа уште пред три години, независно од енергетската криза, и не можеме да намалиме повеќе од тоа. Можеби сите треба да направат така и да работат на тој принцип, со кратење на втората смена, и на тој начин да се обидат да заштедат колку што е можно“, вели директорот Штерјов, додавајќи дека намалуваат малку и во делот на надворешното осветлување навечер.
„Со оглед на тоа што сме лоцирани во центарот на градот, компензираме со уличното осветлување, но никако не можеме целосно да штедиме на тоа, бидејќи сепак станува збор за многу вредно културно наследство и не може да ризикуваме да го оставиме објектот без воопшто осветлување или аларми и обезбедување. Од друга страна, тоа што сме во центарот на градот значи дека мора да го одржуваме паркот, не може да штедиме ниту на тоа. Има повеќе работи на кои музеите не можат никако да штедат“, објаснува Митко Штерјов, директор на НУ Завод и музеј Штип.
Музејските експонати бараат низа специјални услови за чување
„Во музејот се одвива една целокупна интервенција на експонатите, од превенција до реставрација“, вели Ѓорѓи Кипровски, магистер по археологија. Со самото тоа музејот има исклучително важна и одговорна улога.
„Музејот е комплексна институција, од која може да издвоиме два сегмента, прагматичен (предметот се донесува, зачувува и документира) и културолошки (предметот се валоризира и презентира). Музејските експонати се сведоци за живеењето во одредени хронолошки рамки во минатото. Тие овозможуваат еден цел свет што некогаш престанал да постои и функционира да го прикажат во денешнината, ширејќи го нашето спознавање за него“, објаснува Кипровски.
Според него, овие предмети сега во музејската збирка имаат свој нов идентитет. Од комплексните содржини на музејската дејност, се чини дека најглавна задача е самата заштита на тие експонати.
„Тие сега се во сосема друга реалност, битно различна од онаа во која предметите го поминале сиот свој дотогашен живот. Самото тоа одвојување на предметите од својата матична средина бара создавање поволни услови во музејската средина за да се заштити предметот од физичкото пропаѓање во новата реалност“, вели Кипровски.
Археологот ги потенцира и посебните услови што ги бараат одредени експонати за да се одржат во неприродните услови.
„Квалитетот на архитектурата, во која е сместена музејската збирка, специјализираните простории (депоа, лабораториски, конзерваторски, истражувачки и изложбени простории) нужно е да се осигурат со квалитетни криптоклиматски услови, што подразбира добар и стабилен однос пред сè на температурата и релативната влажност на воздухот, како и добра заштита на музејските предмети од светлина и загаден воздух. Овие параметри на заштита треба да се засилени за предметите што се од органско потекло (дрво, ткаенина, хартија)“, вели археологот Ѓорѓи Кипровски.
Тој посочува дека еден вид заштита за позначајните експонати е изложувањето нивна копија, која не бара толку строги услови, а ги истакнува и предностите на технологијата.
„Новите технологии само придонесуваат за поефикасна заштита на експонатите во музеите, како на пример собните електронски филтри и прочистувачи за воздух, лед-светлата што немаат топлинско зрачење, термопан-стаклата за витрини, посензитивни термални извори итн.“, вели археологот Кипровски, упатувајќи порака дека музеите се нашите храмови на идентитетот и треба почесто да ги посетуваме.
Некои од музеите во светот алармираат дека и артефактите страдаат од енергетската криза
Во француски Стразбур посетителите на музеите сè почесто се соочуваат со затворени врати. Деветте музеи во градот од пред извесно време се затворени два дена неделно, наместо традиционално во понеделник, кој е неработен ден за овие чувари на историското и културно наследство.
„Блумберг“ пишуваше и за тоа дека Националниот музеј во Токио, Јапонија, неодамна извести дека и самурајските мечеви и антички артефакти се погодени од енергетската криза, па алармираат за зголемување на буџетите на овие установи за да се зачува наследството.
На последиците од енергетската криза, кога станува збор за музеите, предупредија и Британците и Германците. Без разлика дали во музеите има графики чувствителни на светлина, слики чувствителни на топлина, или пак артефакти од далечното минато на кои им се неопходни посебни услови за чување, секој експонат бара свои уникатни температурни услови, но и контрола на влажноста на воздухот. А, сето тоа бара струја, енергент што во последниот период стана луксуз.