Турската влада го одби предлогот на Илон Маск да испрати сателитска широкопојасна услуга во земјата по најсилниот земјотрес што ја погодил Турција во последните децении.
Маск објави на Твитер дека една од неговите компании, „Спејс екс“ (Space Exploration Technologies Corp.), би можела да ја обезбеди мрежата „Старлинк“ (Starlink) веднаш штом ќе добие одобрение од турската влада.
Висок турски функционер, кој побарал да остане анонимен, му се заблагодарил на мултимилијардерот за предлогот, но рекол дека Турција има доволно сателитски капацитет. „Земјата има базни станици што работат со батерии, иако во некои области не може да се обезбеди електрична енергија“, вели изворот.
Прочитајте повеќе: Катастрофален земјотрес меѓу Турција и Сирија, стотици загинати
Во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди југоисточниот турски град Газијантеп загинаа стотици луѓе во Турција и Сирија, а илјадници се повредени. Тоа е најсилниот земјотрес што ја погодил земјата од 1939 година.
„Спејс екс“ треба да го лансира првиот турски комуникациски сателит „Турксат 6A“ во орбитата во првиот квартал годинава.