Светската банка за Турција ќе обезбеди 1,78 милијарди долари како итна помош за опоравување по земјотресот на југоистокот на земјата во кој загинаа речиси 22.000 луѓе заедно со жртвите од соседна Сирија.
Се нудат 780 милиони долари како помош преку два постоечки проекта за обнова на основната инфраструктура на општинско ниво, се вели во соопштението на банката со седиште во Вашингтон. Исто така, се подготвува дополнителна милијарда долари за поддршка на луѓето погодени од катастрофата.
Светската банка започна брза проценка на штетите за да ја оцени големината на катастрофата и да ги идентификува приоритетните области за поддршка за обновување и реконструкција, се вели во соопштението.
Во меѓувреме, турските власти се обидуваат да добијат зелено светло од Русија за да се користат нови гранични премини за доставување помош на преживеаните од земјотресот во северозападна Сирија, изјавија за „Блумберг“ официјални лица запознаени со ова прашање.
Анкара е во преговори со Москва за да дозволи проток на меѓународни резерви преку турските гранични премини Ончупинар и Кобанбеј во провинцијата Килис, покрај постојниот премин кој е лоциран позападно, велат официјални лица, кои побарале да не бидат именувани бидејќи преговорите се во тек.
Во двата силни земјотреса во понеделникот загинаа речиси 22.000 луѓе во двете земји. Додека турската влада е обземена од обемот на штетата, уште една хуманитарна трагедија се случува во северозападна Сирија поради недостиг на значителна странска помош.