Европската златна доба на златни визи се чини дека завршува.
За богатите странски инвеститори, тие нудеа полесно патување, подобар живот и уште поповолно пензионирање. Но патеката до таканаречените златни визи неодамна стана потесна, бидејќи две земји популарни во џетсет-круговите ги откажаа своите програми.
На 14 февруари, Министерството за правда на Ирска соопшти дека ќе стави крај на програмата, откако изврши ревизија на нејзината „соодветност“. Два дена подоцна, премиерот на Португалија, земја чија златна виза привлече многу Американци, објави дека неговата земја ќе го запре издавањето нови документи, поради загриженоста дека странските купувачи ги зголемуваат цените на недвижностите.
Потезите доаѓаат една година откако Британија откажа слична програма за визи за богатите инвеститори.
Прочитајте повеќе: Македонскиот „златен пасош“ меѓу десетте најевтини во светот
„Постои интересен парадокс со кој се борат земјите - од една страна тие сакаат инвестиции“, вели Вил Харви, водечки професор на Универзитетот во Бристол, кој ја проучува репутацијата и квалификуваната миграција. „Другата страна на тоа е политичкиот тренд околу оптиката на многу богатите инвеститори од странство што имаат привилегиран статус во време кога има многу предизвици за големи делови од општеството“.
Земји како Португалија, Ирска, Грција и Шпанија во екот на финансиската криза започнаа програми за златни визи за привлекување странски инвестиции. Тие донесоа милијарди долари странски пари и се заслужни за заживување на пазарите на недвижности во градовите каде што побарувачката беше мала.
Политички проблем
Во текот на изминатата деценија, Португалија стана магнет за поединци со висока нето-вредност, со проценет нето-прилив од 1.300 милионери во 2022 година, според податоците на „Хенли енд партнерс“ (Henley & Partners) и „Њу ворд велт“ (New World Wealth). Сепак, златните визи донесоа и политички превирања. Противниците тврдеа дека ги направиле цените на недвижностите толку високи што локалните жители не можат да си дозволат домување.
Британската министерка за внатрешни работи Суела Брејврмен, чија земја не е во ЕУ, но имаше програма за престој на инвеститори, посочи дека десетмина Руси што подоцна беа ставени под санкции ја користеле златната виза на Обединетото Кралство. И политичари во Брисел тврдеа дека програмите ја поткопуваат „суштината“ на државјанството на ЕУ.
Инвеститорите што се квалификуваа за државјанство во Португалија и Грција, тогаш добиваа пасоши што им овозможуваа пристап до други земји во ЕУ. Тоа значеше дека кинески државјанин што имал златна виза во Португалија, на пример, би можел на крајот да се пресели и да има постојано живеалиште во Франција или Шведска, иако тие земји не нудат такви програми.
Кинеските инвеститори доминираа во програмата на Португалија, каде што сочинуваа речиси половина од 11.628 доделени дозволи за престој.
Засилување по брегзит
Британскиот брегзит од ЕУ, кој им ги расипа плановите за пензионирање на многу Британци, исто така ја зголеми привлечноста на златните визи во Обединетото Кралство. Керстин Бухнер, косопственичка на филијала на „Савилс“ (Savills) во португалскиот регион Алгарве, вели дека од излегувањето на Британија од ЕУ, 75 отсто од нејзините клиенти биле Британци. Голем дел нивни дополнителни инвестиции во имот биле мотивирани од желбата да ги вратат европските права за престој.
Нури Кац, основач на фирмата за услуги за државјанство по инвестиции „Ејпекс капитал“ (Apex Capital Partners), вели дека иако земјите можеби најавуваат кратења на програмите, веројатно е дека тие ќе се вратат во некој друг начин, облик или форма. Уште повеќе, тие се распространија низ целиот свет, од Австралија до Карибите. Додека во Австралија се зголемија реакциите слични на оние во Европа, другите земји не планираат да ги променат своите политики.
„Вакви програми се отворани и затворани во голем број земји многу долго време“, рече тој. „Моја претпоставка е дека во Португалија ќе ја реформираат програмата, но нема трајно да ја затворат“.