Од ноќеска на полноќ дизелот ќе се продава по рекордни 109,5 денари за литар. Регулаторната комисија за енергетика одлучи цената на енергенсот да се зголеми за два денари.
За разлика од дизелот, кај бензините нема промена на цената и тие и натаму ќе се продаваат за 111,5 денари за литар ЕУРОСУПЕР БС 95, и 113,5 денари за литар за ЕУРОСУПЕР БС 98.
Цените на горивата во земјава за прв пат во историјата станаа троцифрени овој месец. Растат и по неколку пати неделно како резултат на ратсечките цени на нафтата на светските берзи во изминатиот период, но и заради укинувањето на владините антикризни мерки.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вели дека состојбата со цените ќе станува полоша во наредниот период.
„Јас тоа што го гледам на светските берзи, ситуацијата со цената на нафтата ќе станува полоша и полоша. Многу се плашам, да не се доведеме во ситуација, во јануари или во февруари да кажуваме дека оваа цена што беше во мај и јуни беше супер, изјави Бислимовски во телевизко интервју.
Владата со откажување од дел од ДДВ го ограничи растот на цените на горивата во април и мај. Но, мерката со која данокот наместо 18 изнесуваше 10 отсто престана да важи на 01 јуни. Од тогаш, цените се зголемени за 23,5 денари кај дизелот и по 16.5 денари за литар кај бензините.