Гласачите во Париз на референдум во неделата со големо мнозинство избраа да ги забранат електричните тротинети за изнајмување низ градот, поддржувајќи ги градските власти, кои порачаа дека се фрустрирани од користењето на јавниот простор од страна на операторите и од несреќите поврзани со овие превозни средства.
Речиси 90 отсто од жителите што излегле на гласање се изјасниле против електричните тротинети за изнајмување, поддржувајќи ги напорите на градоначалничката Ен Идалго, која рече дека се надева дека ќе им стави крај на услугите кога го објави референдумот. Резултатот значи дека договорите за трите градски оператори „Лајм“ (Lime), „Дот“ (Dott) и „Тиер“ (Tier) нема да бидат обновени откако ќе истечат на 1 септември. Компаниите управуваат со 15.000 тротинети низ Париз.
Одзивот на референдумот, прв од ваков вид, беше нешто помалку од 8 отсто или околу 103.000 гласачи.
Прочитајте повеќе: Во Париз референдум за бизнисот со изнајмување е-тротинети
„Имаше голема загриженост и тензија околу скутерите, но не ги очекував овие резултати“, рече Идалго на прес-конференција доцна во неделата.
Идалго додаде дека градот ќе настојува да поднесува референдумско прашање до гласачите секоја пролет.
Гласањето го прави Париз најголемиот град што ги исфрла операторите за изнајмување скутери.
Во заедничката изјава, „Лајм“, „Дот“ и „Тиер“ посочуваат дека „рестриктивните методи на гласање“ довеле до низок одзив, кои особено се насочувале кон постарите гласачи. Само по едно избирачко место било отворено во сите градски области, освен во една, во споредба со десетиците за општински и општите избори. Компаниите понудија бесплатно возење во неделата и започнаа кампања со инфлуенсери на Тикток во обид да ги поттикнат младите да гласаат.
„Резултатот од ова гласање ќе има директно влијание врз патувањето на 400.000 луѓе месечно, од кои 71 отсто се жители на возраст од 18 до 35 години“, велат операторите. „Тоа е чекор назад за одржливиот транспорт во Париз пред Олимпијадата во 2024 година“.
Компаниите велат дека би прифатиле законска регулативата како замена за целосна забрана. Откако тротинетите првпат пристигнаа на улиците во Париз во 2018 година, властите го намалија бројот на оператори на три, создадоа зони за паркирање и воведоа ограничувања на брзината. „Лајм“, „Дот“ и „Тиер“ исто така поставија регистарски таблички и воведоа проверка на возраста кон крајот на минатата година.