Македонците консумираат најмногу шеќер во регионот
Граѓаните на Македонија јадат најмногу благо во регионот, а се позиционирани високо и на европската листа, покажува анализата за потрошувачка на шеќер по земји во Европа, која ја објави веб-страницата „Ландгаист“ (Landgeist), базирана на податоци од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).
Македонците годишно консумираат по 36,7 килограми шеќер, Хрватите се втори со 33,8, пред Грците со 31,6, Бугарите 27,5, Србите 22,4 и Црногорците со 21,2 килограми. Во Европа најмногу шеќер јадат Белгијците 48,3 и Полјаците 45,7 килограми.
Криптоменувачници во Македонија: Не постојат лиценци, ама се легални
Во земјава има над 30 криптоменувачници, кои немаат лиценци за работа, туку нивното дејствување делумно е опфатено со Законот за спречување на перењето пари, според што може да се заклучи дека тие работат легално, иако засега не постои посебна процедура за добивање дозвола за вршење таква дејност.
И додека Србија е лидер во регионот и веќе има регистрирано две официјални криптоменувачници, Македонија е далеку од официјализирање на нивната работа, иако тие на извесен начин се легални. Од Народната банка велат дека немаат никакви надлежности во однос на регулирањето, лиценцирањето и надзорот на давателите на услугите поврзани со виртуелните средства.
Експертите велат дека сега имаме регулација на термини, но нема попрецизно и посеопфатно уредување на оваа финансиска сфера, како што би имало кога би постоел посебен закон за виртуелни валути.
Македонските бизнис-лидери ги дефинираа најголемите закани
Речиси 45 проценти од извршните директори во Македонија сметаат дека нивната организација нема да биде економски одржлива за десет години доколку продолжи со сегашниот курс, покажува 26. годишно издание на анкетата на „Прајсвотерхаус Куперс“ (PricewaterhouseCoopres - PwC), во чии рамки се испрашани 4.410 извршни директори од 105 земји, од кои 36 од Македонија.
Во истражувањето, извршните директори од Македонија идентификуваат неколку сериозни закани за своите бизниси во иднина, а меѓу главните е недостигот од работен кадар. Тие укажуваат и на проблемите што ги носат климатските промени и ризиците поврзани со нив. Останува голема и загриженоста за геополитичките конфликти и макроекономската нестабилност.
На берзите...
Фјучерсите на американските акции малку се променија откако основните индекси забележаа добивки во слабото тргување пред тридневниот викенд, во кој се очекуваат податоците од клучниот извештај за работните места во САД. Додека голем дел од азискиот регион, вклучувајќи ги Австралија, Хонгконг и Сингапур, е затворен поради празници, финансиските пазари во Јапонија и континентална Кина беа отворени. Европските пазари се главно затворени.
Имено, индексот S&P 500 претрпе сосема мали промени, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 падна за 0,1 отсто. Јапонскиот индекс Topix ја зголеми својата вредност за 0,2 отсто, а шангајскиот порасна за 0,4 отсто.
Денеска нема тргување ниту со нафтата.
Вредноста на еврото незначително се промени во однос на американскиот долар и курсот е на ниво од 1,0918 долар за евро.
Криптовалутата биткоин во денешното тргување бележи раст од 0,3 проценти, со што вредноста на најголемиот токен се искачи на 28.070 долари.
Денеска читајте...
По одбележувањето на годишнината на воената алијанса НАТО, пишуваме за тоа колку пари одвојува земјава и за што се трошат.
Оваа година буџетот за одбраната изнесува 1,85 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), односно околу 275 милиони евра. Планот за следната година е да достигнеме два отсто од БДП да се одвојат за одбраната, со што ќе го исполниме и критериумот на НАТО од самитот во Велс во 2014 година, велат од Министерството за одбрана.
Сосема мал дел од парите оди директно за НАТО, а главно се трошат за модернизација на воената опрема и за обуки на македонската армија.
Инаку, само седум членки на Алијансата успеваат да одвојат најмалку два отсто од БДП, колку што налага НАТО.