Во првото тримесечје годинава Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) издала лиценци за 133 фотонапонски електроцентрали, информираат оттаму. Од почетокот на минатата година, односно за 15 месеци, се издадени лиценци за 400 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Станува збор за вкупна инсталирана моќност од 191,6 MW, која е приклучена на мрежа за една година и три месеци и со која може да се задоволат потребите на 76.000 домаќинствата со просечна потрошувачка.
„Во првото тромесечје од 2023 година Регулаторна комисија за енергетика издаде лиценци за 133 фотонапонски електроцентрали со моќност од 39,4 MW. Ако се гледа кумулативно со претходната година, откога стартуваше т.н. елдорадо за инвестиции во обновливи извори, во земјава на мрежа се вклучени капацитети со инсталирана моќност од 191,6 MW, со која може да се задоволат потребите на близу 76 000 домаќинствата со просечна потрошувачка, односно може да се обезбеди електрична енергија за домаќинствата од десет града. За да може да се искористи енергијата од сонце и во текот на ноќните часови, во фаза на изработка сме на правила што ќе ја регулираат процедурата во поставувањето на батериите, пред сè како комплементарен, но и посебен дел од секоја изградена централа“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.
Во 2022 години РКЕ, се наведува во соопштението, им издаде лиценци на вкупно 267 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталиран вкупен капацитет од 152,2 MW. Од нив, 106,5 MW се ФЕЦ, додека 36 MW се за ветерни електроцентрали, а 7,2 MW се за мали хидроцентрали и 2,5 MW за термоелектроцентрали на биогас.