Акција за контрола на увозници на овошје и зеленчук спроведува од изутринава низ цела држава Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), во координација со Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи (УЈП). Се контролираат производите по одлуката на Владата за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот.
„Со акцијата се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, влезено е и на кванташкиот пазар, а се вршат надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови“, потврди за МИА директорот на ДПИ, Горан Трајковски.
Од ДПИ на терен се над 30 инспектори. Трајковски најави дека акцијата ќе трае во текот на денов, но оти сумирани информации за исходот ќе бидат објавени в понеделник, откога, како што посочува, ќе продолжат да се вршат постојано контроли исто како и во изминатиот период.
Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека на седница на Владата во вторник ќе бидат ревидирани некои од замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот и порача дека ќе продолжат контролите за тоа како е направен увозот во нашата држава за сите увозници на овошје и зеленчук за последните месеци.
„Царинската управа, УЈП, ДПИ и Управата за финансиска полиција во континуитет ќе вршат контроли за да не му се направи штета на буџетот, а со тоа да им се направи штета на потрошувачите во нашата држава“, рече Бектеши и најави дека ќе следуваат санкции за сите увозници што направиле увоз, а притоа до Царинската служба поднеле лажни пониски фактури од реалните.
Затајување данок над 10 илјади евра, според министерот, е кривично дело и тој очекува од Царинската управа докрај да постапи во согласност со нејзините надлежности.
Одлуката за замрзнување на цените на 11 вида овошје и зеленчук е во сила од 5 април, а треба да трае до 30 април.
Според Бектеши, со одлуката за ревидирање на цените ниту еден од производите ќе нема повисока цена од 100 денари за килограм.
Во првите четири месеци од годината кај нас генерално се увезуваат зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија, кои се во ЦЕФТА, немаме царини, а со Грција и Турција има, плус се плаќа и пет отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук.