Околу 1.350 работници што ги сервисираат нафтените платформи во Северно Море за повеќе енергетски компании, како што се БП (BP Plc), „Шел“ (Shell Plc) и „Тотал енерџис“ (TotalEnergies SE), ќе стапат во штрајк на 24 април, откако не успеаја да ги решат споровите со договорите, соопшти синоќа синдикатот „Јунајт“ (Unite).
Штрајкот ќе трае до 26 април и ќе вклучува офшор работници од пет компании. Штрајкот поради работните места, платите и условите ќе ги доведе инсталациите во „застој“, велат од синдикатот. Ова „цунами на индустриски дејства“ исто така ќе влијае на „Харбор енерџи“ (Harbour Energy Plc), ЦНР (CNR International Ltd.), „Енквест“ (Enquest Plc) и „Итака“ (Ithaca Energy Plc), соопшти синдикатот.
Работниците што ќе штрајкуваат се електро, производствени и машински техничари, екипаж на палуба, оператори на кранови, цевководи, плочи и апаратури, како и монтажери.
Веќе 150 работници се согласија да започнат штрајк на 5 април, во траење од 48 часа. Ќе има серија од девет прекини на работата до 9 јуни, почнувајќи со три 48-часовни паузи овој месец.
Штрајковите го ставаат во ризик производството на нафта и природен гас на Обединетото Кралство, и тоа токму во момент кога Европа се обидува да се оттргне од зависноста од руските испораки, кои дополнително се задушени по инвазијата на Москва врз Украина.