Човек од Охајо фотографиран како лежи во када полна со долари, сега мора да одлежи четири години затвор за кражба на 713 биткоини преку компјутерски уред запленет од владата во случај против неговиот постар брат.
Гери Хармон (31) беше осуден во четвртокот од американскaта окружна судијка Берил Хауел во Вашингтон, каде што се изјасни за виновен во јануари. Тој исто така се согласи да ги предаде криптовалутите и друг имот во вредност од повеќе од 20 милиони долари, соопшти американското министерство за правда.
Хармон призна дека ги користел ингеренциите на својот брат за да рекреира осум биткоин-паричници зачувани на уред во шкафче за докази на Даночната управа (ИРС) во април 2020 година. Тој украл 713 токени, тогаш вредни околу 4,9 милиони долари. Биткоините биле меѓу 4.877 дигитални токени запленети од неговиот брат Лери, кој во февруари 2020 година беше обвинет за перење на 311 милиони долари преку криптотрансакции на даркнет-сајтови.
Откако биткоините исчезнале од уредот запленет од ИРС, агенти пронашле фотографија на мобилниот телефон на Гери Хармон на која тој се смее легнат во када полна со кеш во ноќен клуб. Обвинителите велат дека тој искористил 68 биткоини како колатерал за заем од 1,2 милион долари, а некои потрошил за да купи луксузен стан во Кливленд.
Хармон присуствувал на две рочишта за кауција за неговиот брат и на суд дознал дека на владата ѝ недостига сложениот код, т.н. „сид фрејз“ (анг. seed phrase) за да пристапи до токените што неговиот брат ги складирал на уред „трезор“ (Trezor). Некој што располага со таа фраза и дополнителен ПИН би можел да ја преземе контролата над токените од друг уред.
Обвинителите и адвокатот на Хармон имаат несогласувања околу нивото на софистицираност потребно за да се изврши кражба од таков калибар, покажуваат судските поднесоци.
Адвокатот на Хармон напишал дека „иако однесувањето е секако нелегално, практично не се разликува и не е пософистицирано од тоа да се дојде до клуч од сеф и да се земе содржината на таа кутија“.
Но обвинителите возвратиле, пишувајќи: „Иако аналогиите од физичкиот свет честопати не успеваат кога се опишуваат сајбер-инциденти, однесувањето на обвинетиот би било посоодветно да се спореди со користење моќни алатки за тивко да влезе во банкарски трезор преку тунел од соседната зграда и да ги собере сите средства во него, додека полицијата залудно се обидува да ја отклучи влезната врата на банката“.
Адвокатот на Хармон вели дека неговиот клиент претрпел „екстремно тешки услови“ во текот на 21 месец минати в затвор. Тој побара период од три години.
Лери Хармон се изјасни за виновен во 2021 година и ја чека пресудата.