Секој работен ден, Реј се буди, вари кафе, пуши цигара и потоа „зема еден дим“ пред да седне на утринските состаноци за Зум.
„Да, можеби очите ми се црвени, но никој не може да го забележи тоа на Зум“, вели Реј, извршен директор на тим, кој обично продолжува со својата навика секој час додека е на работа - што се влече како последица од неговата зависност од метамфетамин што ја развил за време на пандемиските карантини.
„Ако навистина се изморам, можам кратко да прилегнам“, вели управителот, кој го открива само своето средно име поради страв дека сведоштвата би можеле да му наштетат на кариерата. „Сега можам да користам на начини што порано не сум ги ни замислувал“.
Податоците сугерираат дека во работната сила во САД можеби има милиони како Реј.
Една студија од мај 2022 година на Банката на федерални резерви (ФЕД) на Атланта проценува дека бројот на работоспособни Американци (од 25 до 54 години) со нарушувања во употребата на супстанции се зголемил за 23 отсто од периодот пред пандемијата, на 27 милиони. Тоа е приближно едно од шест лица што биле вработени околу времето на студијата.
Фирмата за закрепнување од дрога „Сиера Тусон“, (Sierra Tucson) од истражување во ноември 2021 година заклучила дека околу 20 отсто од американските работници признале дека користеле рекреативни дроги додека работеле од далечина, а исто така биле под влијание во текот на виртуелните состаноци. Клиниката за закрепнување „Куит џиниус“ (Quit Genius) во август 2022 година открила дека секој петти анкетиран верува дека употребата на супстанции влијаела на неговите работни перформанси, исто така, според истражувањето.
„Блумберг“ разговарал со шестмина специјалисти за зависности, кои лекуваат претежно вработени пациенти. Сите велат дека нивните програми се премногу посетувани по излезот од пандемијата, поттикнати од продолжените режими на работа од далечина, кои нудат опасна тријада: постојани плати, достапност на дрога и на алкохол надвор од видот на соработниците и потреба од одржување функционалност „ден за ден“. Како резултат на тоа, откако компаниите побараа вработените да се вратат во канцеларија, процветаа недетектирани навики за неоткриените навики за дроги.
Секако, криењето на употребата на дрога од шефот постои исто толку колку што постојат и шефовите. Но, пред пандемијата, тоа беше сконцентрирано на времето по работа.
Користењето марихуана од страна на Реј во текот на работните часови е подобрување од 2020 година, кога тој рече дека редовно користел „кристал мет“. „Не морав да одам никаде, парите легнуваа на сметка, а никој не ме држеше на пик во однос на проектите, бидејќи како да се ближеше крајот на светот. Тоа е како совршена бура за некој со проблеми со дрога“, вели тој.
Сепак, плашејќи се за своето здравје, тој се запишал во програма за намалување на штетите и се преселил во нова држава, подалеку од своите дилери и пријатели што користат дрога, и бил стабилен до крајот на 2020 година. Неговата цел била да ја минимизира штетата по своето здравје и кариера, без целосно „вето“ на употребата на супстанции.
Но, наместо главно да остане трезен, Реј започнал да набавува марихуана додека го шетал кучето и да пуши на секој час. И покрај тоа, тој можел да се вработи со полно работно време во областа на комуникациите.
Вработувањето сега продолжува изненадувачки долго и покрај тешката зависност. Индра Цидамби, медицинска директорка во центар за терапија во Њу Џерси, вели дека пациенти самостојно се подложуваат на третман за да не потфрлат на работа.
„За време на пандемијата мораа да покажат резултати, без разлика дали се чувствуваат добро или не, па бараа какви било апчиња што можат да ги добијат за да се справат со обемот на работа, и тоа беше катастрофа“, вели таа. Пристапот до медицинска нега ослабе. „Не им беа давани лековите што им се потребни, па затоа бараа апчиња од пријателите“.
Малкумина од нејзините пациенти се доживуваат себеси како зависници. „Има големо негирање. Поради годините минати во фирмите и добрата репутација, нивните зависности минуваа целосно незабележано сè додека работодавците не рекоа: 'Треба да се вратите во канцеларија'. Toa беше груб повик за будење. Тие денови во канцеларија донесоа тресење, мамурлак... Тогаш луѓето бараат детоксикација“.
Случајните смртни случаи од предозирање од фентанил дополнително ја изложија злоупотребата кај високофункционалните работници. Еден драматичен пример: директор за финансиска трговија, социјален работник и адвокат од Менхетн починале од предозирање со фетанил додека работеле во март 2021.
Амфетамините, кои се популарни за поттикнување на фокусот во текот работниот ден, ги користат 80 отсто од професионалните пациенти на „Зајсман“ (Zysman). Пациентите често започнуваат со стимуланси на рецепт и преминуваат кон улични дилери.
„Тогаш откриваат дека крек-кокаинот е поевтин од таблетите“. „Зајсман“ неодамна лекувал менаџер во четириесеттите години со пејсмејкер по срцев удар. „Луѓето не сфаќаат дека кога користите крек-кокаин и амфетамини, тоа ќе ги остари нивните органи и навистина влијае на нивното срце“.
Цидамби моментално гледа злоупотреба на супстанции што можат да поттикнат други потешки форми на зависност.
„Земаат неколку кзанекси (Xanax) за да се справат со работните предизвици. Потоа не можат да спијат навечер, па земаат марихуана за да заспијат. И тоа е во ситуации кога имаат ноќно ограничување за пиење. Потоа е вистински хаос за да се разбудат за на работа, па некои повлекуваат линија кокаин само за да се расонат“, објаснува таа.
Иако враќањето по канцелариите е непопуларна одлука поради многу причини, експертите за зависности забележуваат дека отпорот постојано доаѓа од милиони вработени зависници.
Што се однесува до Реј, тој успеал да ја поврати трезвеноста во текот на работното време.
„Премногу се навикнав да пушам трева цело време“, вели тој. Сега работи со терапевт за да се одвикне од марихуана, а најтешко е во однос на пушењето, бидејќи има брзо дејство. „Правилото е дека по 18 часот можам да јадам некои колачиња што содржат канабис, со цел на крајот да престанам целосно. Треба да поставам јасни граници и да не дозволам да се ’стонирам’ среде работен ден“.
„Зависниците што работат знаат дека не се во истата ситуација во која беа во пандемијата и се обидуваат да се справат со нивната злоупотреба на супстанции“, вели советникот за Патрик Крил. „Тоа е многу реален феномен во моментов“.