Најголемата американска банка, „ЏП Морган Чејс“ (JPMorgan Chase & Co.), доколку е потребно ќе плати за вработените да патуваат во друга држава за да добијат легален абортус.
Оваа мерка ќе стапи на сила на 1 јули, според страницата со често поставувани прашања, претходно овој месец поврзана со белешка до сите вработени во САД. JPMorgan со седиште во Њујорк им се придружува на компаниите, вклучително и „Ситигруп“ (Citigroup Inc.), во плаќањето патни трошоци за вработените кои сакаат да ја прекинат бременоста надвор од државите со рестриктивни закони за абортус.
Врховниот суд на САД денеска ја поништи одлуката Роу против Вејд од 1973 година, на тој начин укинувајќи го уставното право на абортус со историска пресуда која веројатно ќе ја направи постапката во голема мерка нелегална во половина земја.
Врховниот суд на САД пресуди во корист на забраната за абортус
Bloomberg News во мај објави дека JPMorgan и конкурентот „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.) разговараат за проширување на мерките за абортусот со покривање на патувањата.
„Нашите планови за здравствена заштита историски ги покриваа бенефициите за патување за одредени услуги за кои тоа е потребно“, објави компанијата на страницата за често поставувани прашања.
„Почнувајќи од јули, ќе ја прошириме оваа мерка за да ги вклучиме сите услуги што може да се добијат само далеку од вашиот дом, што би го вклучило и легалниот абортус“, стои во белешката.