„Епл“ ги претстави очилата за проширена реалност Вижн про (Vision Pro) кои може да бидат еден од најризичните новитети во историјата на компанијата, бидејќи со нив влетува на пазар кој досега не беше широко прифатен од потрошувачите... Добро утро! Ова се пет вести кои треба да ги знаете на почетокот на денот.
Македонски компании со профитни маржи од кои боли глава
За да видиме како се снајдоа компаниите од берзата во услови на висока инфлација ги анализиравме нивните нето профитни маржи за 2022 година. Анализата покажа дека убедливо на врвот на листата компании со највисоки профитни маржи се наоѓаат големите македонски банки. Всушност, на нивните нето профитни маржи можат да им завидуваат многу поголеми играчи од Западот.
Со закон за решавање банки ќе се спречува нов „Еуростандард“
Министерството за финансии подготвува нов закон за решавање банки со кое ќе се воспостави сет на алатки за доволно рана и брза интервенција во банка која се соочува со проблеми во работењето.
Од Министерството објаснуваат дека решавањето на банка ќе се спроведува заради обезбедување континуитет на критичните функции на банката, избегнување на значително негативно влијание врз стабилноста на финансискиот систем, заштита на јавните средства преку сведување на минимум на можноста за користење вонредна јавна финансиска помош, заштита на депонентите коишто имаат обезбедени депозити и заштита на средствата на клиентите на банката...
Очекувањата на потрошувачите за инфлацијата се значително намалени, велат од ЕЦБ
Очекувањата на потрошувачите во врска со инфлацијата во еврозоната се значително намалени во април, што дополнителен аргумент за крај на историското зголемување на стапките од страна на Европската централна банка (ЕЦБ), во текот на летото.
Очекувањата за следните 12 месеци паднаа на 4,1 отсто од пет отсто во март, објави ЕЦБ во своето месечно истражување. Гледајќи три години напред, тие паѓаат на 2,5 проценти од 2,9 проценти - движејќи се кон среднорочната цел од два отсто.
Паѓаат и нарачките за германските фабрики
Нарачките за германските фабрики неочекувано паднаа во април, дополнително намалувајќи ги изгледите за најголемата европска економија, откако во текот на зимата претрпе рецесија.
Побарувачката падна за 0,4 отсто во однос на претходниот месец, додека економистите анкетирани од „Блумберг“ предвидуваа раст од 2,8 отсто. Падот се должи на големите нарачки - нивното исклучување резултира со скок од 1,4 отсто.
Сергеј Самсоненко ја зголеми сопственоста во „Жито Полог“
Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко се стекнал со 2.469 обични акции со право на глас и сега поседува 19,86 проценти од вкупниот број издадени акции на друштвото, информираа од компанијата преку Македонската берза.
Оттаму додаваат дека акционерот Златко Пирузе продал 6.417 обични акции со право на глас издадени од „Жито Полог“ АД Тетово и дека веќе не поседува обични акции издадени од друштвото.