Последно збогум за патувачкиот продавач што стана премиер. Италија и светот се збогуваат со Силвио Берлускони милијардерот кој во текот во својот живот си обезбеди доживотно политичко влијание. Тој е поранешен пејач и текстописец, креатор на популистички модел што може да се види денес во либералните демократии низ светот. Со својот напнат, секогаш исончан изглед, исмејување на жените, напади врз имигранти, злоупотреба на политичката моќ за промовирање лични бизниси и конфронтации со судството, беше олицетворение на модерен десничарски популист. А економските турбуленции предизвикани од политички одлуки проследени со климатските промени создаваат глобална неизвесност на која не ѝ се гледа крајот. Добро утро, ова се петте вести за почеток на денот.
Германија може да има проблеми со гасот
Германија би можела да биде принудена да ги редуцира или дури и да ги затвори индустриските капацитети доколку договорот за транзит на гас на Украина со Русија не биде продолжен по истекот на следната година, изјави министерот за економија Роберт Хабек.
Хабек, кој е и заменик-канцелар, во понеделникот на економска конференција во источна Германија издаде остро предупредување, велејќи дека креаторите на политиките треба да избегнуваат „повторување на истата грешка“ односно да не донесат мерки за претпазливост за обезбедување со енергија водејќи се од претпоставката дека економијата нема да биде засегната.
ФЕД ќе ги зголемува каматите поради алчноста на корпорациите
Зголемените корпоративни профити се еден од главните двигатели на инфлацијата, а според најновото истражување на „Блумберг“ меѓу професионалците и инвеститорите од малопродажбата, одржувањето на високите каматни стапки е најдобриот начин за борба против нив.
Речиси 90 проценти од 288-те испитаници во истражувањето „Маркетс лајв пулс“ (Markets Live Pulse) велат дека компаниите од двете страни на Атлантикот ги зголемиле цените повеќе отколку што се зголемиле нивните трошоци од почетокот на пандемијата во 2020 година. Речиси четири петтини од испитаниците веруваат дека строгата монетарна политика е вистинскиот начин за справување со инфлацијата поттикната од таквото профитерство.
Создаден нов банкарски владетел
„УБС груп АГ“ (UBS Group AG) го финализира договорот за преземање на поранешниот ривал „Кредит Суис груп АГ“ (Credit Suisse Group AG), создавајќи го најголемото спојување во банкарскиот сектор од финансиската криза во 2008 година, но и глобален титан што ќе управува со богатството на клиентите.
Швајцарската банка го објави затворањето на договорот во отворено писмо до локалните и меѓународните весници во понеделникот. Со преземањето на „Кредит Суис“ завршува 167-годишното независно постоење на овој заемодавец. Објавата следува по повеќе од два месеца во кои вработените беа во неиздржлива неизвесност, секако откако УБС ги заврши преговорите со швајцарската влада за гаранција од девет милијарди швајцарски франци (10 милијарди долари) за потенцијални загуби на средствата на „Кредит Суис“.
Македонската берза со најголема добивка во регионот
Иако минатата година беше една од најтешките за инвеститорите, за берзите во регионот беше поуспешна од 2021 година од деловна гледна точка. Најголемиот дел од берзите ги зголемија приходите, но и трошоците, особено тие за работната сила. Сепак берзите работеле во позитива, а најголема добивка оствари Македонската берза, која во исто време има и најмал промет.
Вкупните приходи на Македонската берза лани изнесувале речиси 900 илјади евра, што е половина од оние на Љубљанската берза. Таа остварила добивка од 106 илјади евра, што е само малку повеќе од Бањалучката берза, која има и многу помали приходи од Љубљанската берза. Македонската берза лани имаше расходи од 690 илјади евра, а оперативната добивка пред амортизација (ЕБИТДА) изнесуваше повеќе од 200 илјади евра. Во исто време, нето-добивката достигна 187 илјади евра, што е, на пример, двојно повеќе од нето-добивката на Загрепската берза.
Следува...
Денеска Државниот завод за статистика ќе објави податоци за целата 2022 година за извршените градежни работи и завршени станови во објекти за домување градени во индивидуална режија и градени во деловни објекти, што се исклучително важни податоци за понудата на пазарот од која најмногу зависи цената на становите.
Инвеститорите ги очекуваат извештаите за тоа како се движи инфлацијата во Германија, Шпанија и САД, што е вовед во одлуката на Федералните резерви за понатамошната динамика на зголемување на каматните стапки, која се очекува в среда.
Исто така, основачот на „Тесла“ (Tesla) и најбогат човек на светот, Илон Маск, ќе учествува на конференцијата на институтот „Едисон електрик“ (Edison Electric Institute) во Остин.