Сингапур за првпат се искачи на врвот на листата како најскап град во светот за луксузно живеење, откако влезе во битката да биде водечки глобален центар за богатите. Според извештајот на швајцарската компанија за менаџирање на богатство „Џулиус Бер“ (Julius Bär Group Ltd), Азија четврта година по ред останува најскапиот регион за живот на висока нога. Сепак, да се вратиме на нашата реалност. Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот.
Нè чека уште долг пат до европски животен стандард
Македонците пред себе имаат долг пат за да го достигнат животниот стандард на просечниот Европеец, а тоа најдобро го илустрираат новите податоци на „Евростат“.
Според нив, фактичката индивидуална потрошувачка по жител лани во Македонија била за 49 проценти пониска од просекот во ЕУ, а БДП по жител бил за 58 проценти под европскиот просек. Нашата земја е трета на дното на табелата според овие показатели, а зад нас се само БиХ и Албанија.
Можно е цела Македонија да остане без плата
Ако нема одлука за зголемување на платите до идната недела, вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) ќе стапат во генерален штрајк. Тоа ќе ја загрози исплатата на платите на сите вработени во земјата и ќе го попречи нормалното функционирање на компаниите.
Вработените во УЈП од 15 јуни секојдневно протестираат по два часа, во периодот од 10 до 12 часот, а Васе Недановски, претседател на синдикалната организација „Солидарност“, во изјава за „Блумберг Адрија“ вели дека до 27 јуни ќе чекаат одговор од Министерството за финансии за новиот колективен договор и за зголемување на платите за 30 отсто.
Продолжува егзодусот на инвеститори на Македонската берза
Пад на бројот на инвеститори на Македонската берза имало во текот на минатата година, со што продолжува трендот на намалување на интересот меѓу домашните и странските физички и правни лица за инвестирање на македонскиот пазар на капитал.
Според новиот извештај на Централниот депозитар за хартии од вредност, минатата година меѓу инвеститорите имало 60.067 домашни физички лица и 1.754 домашни правни лица, што е забележително намалување во однос на 2012 година. Во изминатава деценија има континуирано намалување и на бројот на странски инвеститори (физички и правни лица).
Нема кредит за презадолжените граѓани - од јули нови прагови
Прагови за вкупната задолженост на секој граѓанин воведе Народната банка, кои почнуваат да се применуваат од 1 јули годинава. Од тогаш која било банка во државата нема да смее да му одобри кредит на лице чии месечни рати кон банките надминуваат 55 отсто од неговиот месечен доход ако станува збор за кредит во денари или 50 отсто при одобрување кредит во девизи или со девизна клаузула.
„Со оваа мерка се влијае кон намалување на системскиот ризик, при што превентивно се дејствува на спречување евентуална превисока задолженост на секторот домаќинства“, велат од Народната банка за „Блумберг Адрија“.
Секоја десетта компанија во Европа има финансиски проблеми
Повеќе од четвртина од компаниите во Европа и на Блискиот Исток имаат слаби биланси, откако се задолжија за време на пандемијата на коронавирусот и сега се соочуваат со зголемени каматни стапки и висока инфлација, објави фирмата „Алварез и Марсал“ (Alvarez&Marsal).
Околу 28 отсто од компаниите сметаат дека биле во таа категорија минатата година, додека 8,4 отсто од нив доживеале финансиски тешкотии, се наведува во извештајот на консултантската куќа, при што Блискиот Исток, Шпанија и Германија се истакнати како региони со најголем процент на компании со финансиски тешкотии.