Јужнокорејците од денеска се година-две помлади. Имено, земјата укинува традиционално правило за сметање на возраста на новороденчињата. Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот.
Алтернативи за гас немаме, проекти и желби имаме
Обидите за диверзификација на снабдувањето со гас во земјава за намалување на зависноста од Русија остануваат дел од предизборната реторика. На хартија, Македонија ќе се снабдува со гас од Грција, ќе учествува во проектот за изградба на терминал за течен гас во Александропулос, Грција, ќе се гради и гасовод кон Србија.
Во практика, остануваме поврзани само со Бугарија, интерконекторот кон Грција за кој се разговара од 2016 година, сè уште не почнал да се гради.
Македонија и Србија ќе бараат пари од ЕУ за изградба на пруга
Двете соседни земји разговараат за заеднички да аплицираат за средства од ЕУ за изградба на пругата Ниш - Скопје, изјави српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.
„Тоа ќе биде првиот заеднички проект на Северна Македонија и Србија, европски проект, каде што ќе ги поврземе Ниш и Скопје, односно Скопје со Белград, Нови Сад и Будимпешта“, рече Весиќ.
Дневната евтина струја се враќа од 1 декември
Од 1 декември се враќа евтината дневна тарифа за струјата во периодот од 13 до 15 часот, објави Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Електродистрибуција има рок од четири месеци за усогласување на сите 700.000 броила за домаќинствата.
Од 1 јули, пак, во сила стапуваат нови цени за електричната енергија. Комисијата најави пониски цени на струјата за помалите потрошувачи, додека преостанатите блокови што трошат најмногу ќе плаќаат поскапа струја.
РКЕ носи одлуки за цени и тарифи без ДДВ. Со вклучено ДДВ, се добива поинаква слика за висината на цените. „Во првиот блок намалувањето без ДДВ е 7,04 отсто, со ДДВ математички пресметано е намалување од 0,28 отсто. За вториот блок има зголемување поради ДДВ од 2,88 отсто, за третиот блок има зголемување од 9,99 отсто и за четвртиот од 9,87 проценти, поради ДДВ“, изјави првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
Лагард: Далеку е крајот на зголемувањето на стапките
Европската централна банка веројатно нема да може да прогласи крај на својот историски циклус на зголемувања на каматните стапки во скоро време, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
„Малку е веројатно дека во блиска иднина централната банка ќе може со целосна доверба да изјави дека е достигнат врвот на монетарното затегнување“, рече таа на годишниот форум во Португалија.
Европа од немајкаде сака да складира гас во Украина
Во неверојатен пресврт на среќата, Европа наместо да се прашува дали ќе има доволно гас, сега е пред дилема дали ќе има доволно капацитети за складирање.
Како што европските складишта продолжуваат да се полнат, регионот размислува дали вреди ризикот да се потпре на недоволно искористените капацитети за складирање во Украина за да ја реши новата енергетска загатка.