Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска на прес-конференција ги презентира наодите од истрагата за случајот„ Феникс“ кој е отворен поради сомнеж за противзаконски дејствија при релизацијата на проектот „Скопје 2014““. Станува збор за случај во кој подолг период се води истражна постапка против повеќе физички и правни лица од земјава и од странство, меѓу кои и носители на високи политички функции во минатото.
„По опсежно спроведена постапка и по прибавени докази по пат на меѓународна правна помош од пет странски држави, во текот на вчерашниот и денешниот ден, до судија за претходна постапка поднесени се повеќе барања за претреси и барање за привремено одземање на имот заради обезбедување, замрзнување банкарски сметки и удели како и предлози за определување мерки притвор и други мерки за обезбедување присуство на осомничените“, соопшти на денешната прес-конференција обвинителот Љубен Лапе.
Тој прецизира дека во овој предмет се спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои освен македонски државјани има еден државјанин на Р. Италија и 3 италијански правни лица, поради основано сомнение за сторени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.
„Врз основа на прибавените докази, произлезе основано сомнение дека од втората половина на 2007 година до крајот на 2013 година во Скопје, првоосомничениот, искористувајќи ја својата реална моќ како претседател на Влада на Република Македонија и претседател на политичка партија што тогаш била на власт, заедно со со своите блиски владини и партиски соработници – заменик претседател на Влада и министер за финансии, државен секретар во Министерство за култура, а подоцна и министер, тогашен Претседател на Советот и советник во Општина Центар, градоначалник на Општина Центар и други лица се поврзал со цел остварување политичка и финансиска корист“, соопшти Лапе.
Имено, под превезот на историското и државотворното значење на личностите за кои се подигнуваат споменици, додаде тој, осомничените започнале со реализација на проект познат во јавноста како „Скопје 2014“ за кој реално не постои писмен документ, одлука, проект или програма на надлежен државен орган.
„Преку Министерството за култура и третоосомничената се подготвувале и поднесувале иницијативи за изградба на споменици под изговор дека се работи за спомен обележја од локално значење за жителите на Општина Центар. Иако станувало збор за личности кои се од значење на државата, иницијативите за подигнување на споменици се поднесувале пред Советот на општина Центар и како резултат на тоа започнале и се спроведувале постапки за подигнување на меморијални споменици за кои единствено надлежно согласно закон е Собранието на Република Македонија“, вели Лапе.
Според него, со преземените дејствија, спротивно на член 11 од Законот за финансирање на ЕЛС, со владини одлуки, но без утврдена програма од Влада, преку прво и второ осомничените како овластени предлагачи на Буџетот на Република Македонија кои умислено планирале и предлагале предлог закони за донесување на Буџет на Република Македонија во кои се содржела однапред планирана неправилна распределба на средства, предлагале, донесувале и потпишувале незаконски владини одлуки со кои директно или преку Министерството за култура трансферирале средства во Општина Центар.
„На овој начин, заобиколувајќи го Собранието, осомничените обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на општина Центар во вкупен износ од 3.547.390.000 денари (57.681.138 евра).“, соопшти Лапе.
Обвинителот посочи дека со цел да се прикаже дека тоа е проект на општината, а не на Владата, петтоосомничената, а подоцна и шестоосомничениот, како градоначалници на Општина Центар, умислено ги прифатиле однапред неправилно распределените финансиски средства. Парите од Министерството за култура и од Буџетот на Република Македонија без законски основ и без да отворат посебна наменска сметка ги примиле како капитални дотации.
„Со дејствијата што ги презеле осомничените ја заобиколиле парламентарната контрола врз процесот на планирање и трошење на буџетските средства, обезбедувајќи неконтролиран пристап до финансиски средства потребни за сторување на кривичните дела. На тој начин осомничените целосно го нарушиле уставното начело на поделба на власта на законодавна и извршна и локалната самоуправа како темелна вредност на уставниот поредок, а во исто време од стручната јавност и граѓаните го прикриле вистинскиот износ на финансиските средства потребни за реализација на наводниот проект“, вели Лапе.
Тој информира дека од досега прибавените докази произлегува дека, петто и шесто осомничените како службени лица, градоначалници на Општина Центар, четвртоосомничениот како службено лице претседател на Советот на Општина Центар, поттикнати и помогнати од други лица, при вршење јавни набавки за изработка на споменици, сториле едно продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.
„Поточно, тие спровеле незаконити јавни набавки за изборот на леарница. При изборот прифатиле понуди со нереални цени од економски оператор кој самостојно не ги исполнувал условите, ниту имал комплетни понуди, а ги отфрлале сите останати. Во овие дејствија биле помогнати од осмоосомничениот италијански државјанин, кој им ги ставил на располагање неговите правни лица, преку кои во име на повеќе правни лица поднесувал однапред договорени понуди и потпишувал договори, иако знаел дека дел од нив воопшто немаат регистрирано дејност за леење или за обработка на мермер. Подоцна, изработката на спомениците со поддоговори ја пренесувал на сосема други леарници, но за многу пониски цени и лажно прикажувал дека изработката е од неговите правни лица“, соопшти Лапе.
Со преземените дејствија осмоосомничениот како управител и сопственик и две правни лица од Р. Италија прибавиле за себе значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 16.136.150 евра.
„Во временскиот период од втората половина на 2008 година до 2015 година, дел од осомничените во состав на група, за која постои основано сомнение дека се занимавала со перење на пари, биле поврзани во заедничко делување на домашни и странски физички и правни лица, преку кое осомничените правни лица и нивните управители, во повеќе наврати, примиле и пуштиле во оптек пари од поголема вредност, прибавени од осмоосомничениот како принос од казниво дело, бидејќи тие потекнуваат од противправната имотна корист прибавена со сторување на кривичните дела - злоупотреба на службената положба и овластување во вкупен износ од 16.136.150 евра. Со конверзија тие прикриле дека парите потекнуваат од нелегален извор и ја прикриле нивната локација, движење и сопственост“, соопшти Лапе.
Па така, во исто време додека се одвивале плаќањата, врз основа на склучените договори за јавни набавки за изработка на спомениците, од Општина Центар кон две осомничени правни лица управувани од осмоосомничениот, дел од „валканите“ пари во вкупен износ од 1.122.720 евра осмоосомничениот во бројни наврати ги подигал во готовина од осомничените правни лица.
„Друг дел од парите, со намера да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството во Република Северна Македонија и да ги помешаат со легалните приходи кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела, групата започнала да ги прима и пушта во оптек на различни начини – еден дел директно во нашата држава, а дел преку други држави кон Република Северна Македонија. Во периодот од 2008 година до 2009 година од Фиренца, Република Италија, осмоосомничениот, преку две осомничени правни лица со кои управувал, во неколку наврати, преку банкарски трансакции по основ на фиктивни фактури, пренел и пуштил во оптек од Република Италија директно на правно лице во РСМ пари во износ од 177.221 евра кои претходно ги примил. Овие средства од сметката на правното лице биле подигнати во готовина и предадени на еден од осомничените, притоа дел од нив биле префлени на сметките на други правни лица, од каде повторно биле подигнати во готовина и предадени на еден од осомничените“, информира Лапе.
Тој додаде дека во периодот 2009 година до 2010 година од Фиренца, Република Италија, преку друга странска држава, во Скопје, осмоосомничениот, преку две осомничени правни лица, преку банкарски трансакции по основ на фиктивни фактури за консултантски услуги, во повеќе наврати, пренел и ги пуштил во оптек дел од „валканите“ пари кои претходно ги примил во вкупен износ од 327.853 евра.
„Воедно, во временскиот период од првата половина на 2008 година до денес во земјава и во странство, четвртоосомничениот создал група која што се занимава со перење на пари, на која членови станале седуммина од осомничените, како и други НН лица. Преку офшор компании создал мрежа на новоформирани правни лица и тоа 3 македонски правни лица и едно правно лице во странство чии управители се опфатени во оваа постапка, и преку кои во повеќе наврати примиле и пуштиле во оптек пари од поголема вредност, кои потекнуваат од казнени дела. Со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување на имот и претворени во друг вид на имот или имотни права, a со цел да се прикрие нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување на нови користи (приноси) и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем на Република Северна Македонија“, соопшти Лапе.