Очите на светската фудбалска јавност викендов беа насочени кон Лионел Меси, кој го финализираше преминот во американскиот фудбалски клуб Интер Мајами, потпишувајќи договор, кој неофицијално ќе му донесе 150 милиони долари за две и пол години. Легендарниот Аргентинец не го следеше патот на неговиот португалски колега Кристијано Роналдо и ја одби понудата од Саудиска Арабија, која според медиумите беше тешка 400 милиони долари. Се чини дека сепак, не е се до парите и меѓу фудбалерите. Инаку, освен што ги губи фудбалските ѕвезди, се чини дека Европа ја губи и нормалната клима.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот:
Обврзници: Владата ги сака банките 0,25 проценти повеќе отколку граѓаните
Министерството за финансии во февруари годинава на аукција понудило двегодишни државни обврзници без валутна клаузуа со купонска камата од 5,25 проценти, што е за 0,25 проценти повеќе отколку каматата за таканаречените граѓански обврзници, кои исто така имаат рок на достасување од две години, но купонска камата од 5 проценти.
„Во текот на првиот квартал од 2023 година, каматните стапки на државните хартии од вредност, утврдени од страна на Министерството за финансии, забележаа нагорни промени. Притоа, по подолг временски период беа издадени двегодишни државни обврзници без валутна клаузула со каматна стапка од 5,25 проценти“, соопшти Народната банка.
Нафтата над границата од 80 долари, знак за пресврт на пазарот
По повеќемесечните загуби, суровата нафта се искачи над 80 долари за барел во Лондон минатата недела, бидејќи побарувачката за гориво во Кина и на други места се опоравува од пандемијата за да достигне нови височини. Тоа се случува во период кога намалувањето на производството од страна на Саудиска Арабија и нејзините сојузници во ОПЕК + брзо ќе ги исцеди резервоарите за складирање низ целиот свет.
„Очекуваме нагло стегање на пазарот“, рече Торил Босони, шеф на нафтените пазари во Меѓународната агенција за енергија во Париз, во интервју за телевизијата „Блумберг“. „Како што побарувачката се зголемува сезонски, мислиме дека постои ризик цените да продолжат да се зголемуваат во третиот квартал“.
Турција го зголеми данокот на гориво за 200 проценти
Турција ги зголеми даноците за гориво за речиси 200 проценти, потег што ќе ги зголеми инфлаторните притисоци и дополнително ќе ги оптоварува буџетите на домаќинствата. Новите специјални даноци за потрошувачка на различни видови гориво, вклучувајќи ги бензинот и дизелот беа објавени во Службениот весник.
Зголемувањето ќе помогне да се задоволат финансиските потреби кои произлегуваат од смртоносните земјотреси во февруари и ќе му овозможи на Министерството за финансии да одржува силни готовински резерви, се вели во соопштението на Министерството. Земјотресите предизвикаа штета од повеќе од 100 милијарди долари, процени Владата.
Европа гори: Пеколни температури од Македонија до Германија
Високите температури, шумските пожари и предупредувањата за грмотевици го одбележаа викендот во Европа додека екстремните временски услови што ги донесе летниот период добија на интезитет. Италија е особено погодена, а земјата се подготвува за рекорден топлотен бран следната недела. Температурите може да надминат 40 степени Целзиусови во Рим и Тоскана, а се очекува рекорд од 46 степени во Сицилија, според „Ил Метео“.
И подрачјето на Македонија во следниот период ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса. Ќе биде многу топло, со дневни температури во поголемиот дел од земјава над 35, а наместа и над 40 степени поради што ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.
„ЗК Пелагонија“: Нереално ниски се откупните цени за пченицата
Во услови кога сточното брашно има цена од 12 денари за килограм, несфатлива и нереална е најавата од млиновите во Македонија дека пченицата од годинешната реколта ќе ја откупуваат по цена од 9, 10 и 11 денари. Ваквата цена е нереално ниска и ќе доведе до колапс на домашниот сектор за производство на жито, соопшти „ЗК Пелагонија“.
Според нив, ваквата откупна цена ќе доведе до загуба на производителите на пченица, а загубата кај примарното производство значи загуба и во следната година. Тие велат дека земјоделците нема да имаат средства за набавка на потребните репроматеријали за финансирање на следна реколта, што значително ќе се одрази и на квантитетот и квалитетот на идното производство.