Какви се најновите трендови во индустријата и трговската размена со индустриски производи во земјите од регионот Адрија ќе можете да прочитате в понеделник во новата анализа што ја подготви аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“. Истовремено прашуваме кои се најголемите проблеми на македонските извозници.
Го анализираме пазарот на комерцијалните недвижности во Македонија, каде што од ден на ден има зголемување на бројот на деловни објекти и дуќани што зјаат празни и бараме одговори на што се должат ваквите трендови.
Следиме каков ќе биде наредниот чекор на Федералните резерви на САД, чии гувернери следната среда ќе одлучуваат дали повторно ќе ги зголемат основните камати и какви ефекти би имало новото затегнување на монетарната политика врз американската економија.
Прашуваме каква е состојбата со корпоративниот долг во Македонија, дали постојат ризици по македонската економија од евентуално зголемување на долговите и како влијае рестриктивната монетарна политика врз работењето на компаниите.
Еден од главните столбови на македонската економија се парите што ги испраќаат нашите иселеници од странство. Ги анализираме најновите трендови кај дознаките и нивното влијание врз макроекономската стабилност на Македонија.
Новата социјална мрежа Тредс, во режија на „Мета“, за многу кратко време собра стотици милиони корисници низ светот. Анализираме дали Тредс ќе го истисне Твитер од пазарот и каков е интересот во Македонија за новата социјална мрежа.