Властите на грчкиот остров Родос евакуираа околу 30.000 жители и туристи од тој остров во Егејско Море поради шумските пожари што беснеат веќе шест дена. Во спортски сали, училишта и траект закотвен на пристаништето во Родос ја поминаа ноќта некои од туристите и жителите на островот, кои ги напуштија хотелите и домовите поради големиот пожар во источниот и југоисточниот дел на островот. Заменик-градоначалникот Константинос Тараслиас објасни дека ветрот утринава се завртел за 180 степени, а огнот се засилил и се раширил на неколку километри кон туристичката зона, пренесува хрватската новинска агенција Хина.
Според портпаролот на противпожарната служба на Грција, Јанис Артопиос, активни се три жаришта на островот, каде што интервенираат 226 пожарникари, со 16 пешадиски тима и 49 возила, а утринава започна и гаснењето на пожарот со воздушни средства со десет авиони, меѓу кои и од Хрватска, Турција и Франција.
Од грчкото МНР соопштија дека по наредба на министерот за надворешни работи се активира Единицата за управување со кризи за да се олесни евакуацијата на странските државјани во Грција поради шумските пожари. Засега, според информациите на МИА, нема македонски државјани што побарале помош од нашата амбасада во Атина.